Долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, на 2 септември, ја доби специјалната филмска награда и статуетка за граѓански активизам на фестивалот „Сим Фест“ во Романија. Филмот беше во официјалната селекција на јубилејното 20 издание.
Станува збор за ТВ и филмски фестивал – еден од ретките во Европа кој истовремено е културен настан и летна школа за новинари, а жири комисијата која што ја додели наградата ја сочинуваат еминентни личности од областа на новинарството и кинематографијата од Романија и од други земји.
Фестивалското патување на „Бизнисот на задоволството“ ќе продолжи во Италија кон крајот на октомври, со официјална селекција на 27. издание на фестивалот „International police award arts festival- IPAAF“, а потоа и на Маdrid Film Awards во Шпанија.
„Бизнисот на задоволството“ во август беше премиерно прикажан пред македонската публика и одлично прифатен на затворањето на 22. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“. Минатиот месец ја доби и наградата за најдобар долгометражен филм на фестивалот „In The Palace“ во Софија, а со највисокото признание се закити и во Панама на филмскиот фестивал Canal de Panama International Film Festival.
Политичкиот трилер на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
„Бизнисот на задоволството“ ќе биде и дел од програмата на овогодишното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.