Американската глумица и водителка, Вупи Голдберг, предизвика остри критики кон себе откако во своето ток-шоу изјави дека холокаустот „не бил поврзан со расата“ и дека во нацистичкиот геноцид врз Евреите и Ромите биле вклучени „две групи бели луѓе“.

Оскаровката, која е водителка на „Поглед“ (The View) од 2007 година, на својот ководител му кажа:

Мислам, тоа е холокаустот – убиството на шест милиони луѓе, но тоа не ви пречи? Тогаш ајде да бидеме искрени. Бидејќи холокаустот не е за раса. Не, не се работи за раса.

Нејзиниот кодомаќин Џои Бехар се надоврза дека нацистите ги сметаат Евреите за различна раса.

Но, се работи за надмоќ на белата раса. Се работи за прогон на Евреите и Ромите – надополни водителката Ана Наваро.

Водителката Сара Хејнс продолжи дека нив нацистите не ги сметале за бели.

Американскиот музеј на холокаустот има истакнато: „Расизмот беше средишна точка на нацистичката идеологија. Евреите беа дефинирани не според религијата, туку според расата. Нацистичките расистички уверувања поттикнаа геноцид и масовни убиства“.

Наспроти лавината критики, Голдберг подоцна се извини.

Во денешната емисија реков дека холокаустот не е за раса, туку за нечовечност од човек кон човек. Требаше да кажам дека тоа важи и за двете. Еврејскиот народ ширум светот отсекогаш ја имал мојата поддршка и никогаш нема да ја изгуби. Жалам за навредата, за болката што ја нанесов – напиша Голдберг на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.