По пауза од две години, годинава од 14-ти до 16-ти јули ќе се одржи туристичката манифестација Пивофест 2022 во Прилеп.

Настанот се одржува во центарот на градот, а во минатото имаше 17 изданија, кои привлекоа голем број на посетители, љубители на пивото, скарата и музичките концерти на популарни домашни и регионални пејачи.

Последниот пат кога се одржа Пивофест, во 2019 година, музички ѕвезди беа Цеца Ражнатовиќ, Данијела Мартиновиќ, Влатко Стефановски Трио, ,,Нокаут”, ,,Галија”, Миле Кузмановски, Ален Хасановиќ, ,,Фрајле”, Ивана Негатив, дуото Селимова – Желчевски…

Во однос на изведувачите за оваа година, оганизаторите на забавниот дел, за ,,Фокус” велат дека целосната листа на изведувачи ќе биде објавена утре, кога комплетно ќе се дефинираат сите детали околу настанот и програмата.

Во меѓувреме, во одредени портали се објави неофицијална листа со имињата на музичарите кои ќе настапат на фестивалот, и станува збор за претежно македонски поп и фолк пејачи. Наум Петрески, ДНК, Лозано, Елена Велевска, Елена Петреска, Владо Јаневски се дел од имињата за кои се тврди дека се во игра да настапат на Пивофест 2022.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.