Си реков себеси си дека ќе пишувам за еден од моите соговорници, а не за мојот татко, за да ја завршам полесно работата, кажа вечерва новинарката Милица Џаровска на промоцијата на книгата „Живот на коцка“, што ја напиша за нејзиниот татко, познатиот менаџер Велибор Џаровси – Џаро.

Книгата беше промовирана пред многубројна публика, а Џаровски промоцијата ја зачини со анегдоти од неговиот бурен живот.

Времето ќе каже дали било живот на коцка, дали живот за коцка, дали живот со коцка… Но, веројатно, оваа книга ќе ни го објасни тоа – рече промоторот, актерот Игор Џамбазов.

Џаровска објасни дека насловот „Живот на коцка“ не се одесува само на таа коцка која му е пријател цело време, туку на целиот негов бурен и неизвесен живот, кој и сега, со неговите 74 години се труди да го негува, колку што може.

Јас се надевам дека ќе продолжи и понатаму , затоа што поинаку дома ние не сме научени. И ќе биде забавно, рече Милица.

„Мене ми е жал што младиве генерации Џаро го знаат само по измами и местење натпревари. Не ќе да е така дечки. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Без разлика на сите прикаски што ќе ги прочитате во книгата. Ги донел најголемите балкански ѕвезди, да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече проморот, актерот Игор Џамбазов.

„Живот на коцка“ ме излечи затоа што ја пишував во време кога се затври весникот „Вест“. Одеднаш, после 16 години немав што да правам и среќа што бев зафатена со оваа книга. Не беше лесно да се пренесат муабетите на Џаро на хартија, знае да биде конфузен, да спомне една година на почетокот од приказната, да заврши со друга. Јас немам начин тоа да го проверам затоа што Гугл ги нема податоците за сите тие домови на култура од 1970-те и 1980-те, па требаше да го препрашувам по неколку пати и знаевме да се скараме, па мајка ми ќе ја прекратеше таа кавга, рече Милица на промоцијата.

Џаровска книгата ја напиша пред шест години на српски јазик, а годинава издавачкиот центар „Три“ ја објави на македонски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.