Александра Честоева
Сведоци сме на една економска криза од невидени размери која ја погодија нашата земја.
Земајќи го во предвид поскапувањето на основните продукти пред некој месец како и горивото, постепено дојдовме и до енергетската криза која се одрази на секое семејство.
Поскапувањето на електричната енергија ја доведе во прашање егзистенцијата на многу семејства, на кои примањата им се сведувааат на минималец, а преживувањето стана фактор еден за борба.
Исто така се почесто се соочуваме и со приказни каде семејства молат за парче леб, за облека на нивните деца и основни продукти за преживување во овие ладни денови. Неизбежно е а да не сме сведоци барем на една ваква приказна во која ни еден човек неможе да остане имун.
За иронијата да биде поголема, токму и празничните денови голем број на скопски жители ги поминаа без парно греење. Одговорните по овие случувања се изјаснија дека немаат доволно количина на гас и бараат помош од државата за домовите да не останат со ладни радијатори на минусните температури кои ни следуваат.
Зошто покрај сите информации одбивавме да се соочиме со кризата која ни се закануваше?
Зошто граѓаните секогаш ќе ги плаќаат сметките за лошите политики на властите?
Иако сме свесни дека со покачувањето на електричната и топлинската енергија, веќе имаме покачување и на голем дел продукти и намирници кои се основни за сите нас, зошто не се превзема ништо во делот на примањата како би можело секое просечно семејство да има основни ресурси за живот.
Со префрлувањето на одговорноста од една институција на друга, освен што изгубивме време кое можеше да биде посветено во ублажување на кризата, денес се соочуваме со зголемени проблеми кои можеа да не не пресретнат доколку се реагираше на време со мерки како што направија и голем број на власти во многу држави.
Вистината е дека се почесто и ќе се соочуваме со криза и во другите делови од економските сегменти, но потребно е да се најде решение од претпоставените власти како би се спречила голготата во која живее денешниот народ.
И по објавениот јавен повик во кој над 7 500 домаќинства кои имаат ниски приходи ќе добијат намалување на сметките за струја во вредност од 600-800 денари, каде по пат на прв дојден-прв услужен како ограничена субвенција во вкупна вредност од 60 милиони денари ќе се прави избор за тоа кој ќе има право на овој надомест.
Ако земеме во предвид покрај првичното покачување од 9.48 %, и укинувањето на дневната ефтина тарифа која беше навистина од огромно значење за сите семејства, ограничените субвенции нема да ја променат генералната тешка слика со која се соочуваат сите пред се ранливите категории.
Исто така свесни сме и за престојниот период во кој данокот на додадена вредност за потрошената електрична енергија ќе се врати повторно од 5% на 18% и треба да бидеме подготвени за навистина скап живот кога ќе ги ставиме на вага приходите на поголемиот број граѓани.
И голем број на приватни компании го изразија својот револт каде посочија дека неизбежно е покачување на продуктите кои тие ги продаваат поради зголемувањето на цените, и понуден е предлог за субвенционирање и на нивна страна како би можело да се одржи некоја линија на прифатливи цени со која граѓаните ќе ги задоволат своите основни потреби.
Покрај нив, исто така и општините се погодени во овој дел каде плаќаат пет пати поголеми сметки за електрична енергија и се поголем е повикот и од нивна страна за помош како не би останале празни и нивнте каси. Меѓутоа и јавните претпријатија како едни од најпогодените во овој сегмент непрекинато бараат помош од надлежните како не би се соочиле со момент за раскинување на договор за снабдување со електрична енергија што би значело отежнато работење на истото.
Но, за апсурдот да биде по голем во оваа тешка економска, електрична криза како и целокупната слика со пандемијата од Ковид-19 во која се соочуваме со огромен пораст во број на заболени, властите сепак сметаат дека може да се потрошат 37 илјади евра пари на нашите граѓани за луксузен прибор.
Зарем навистина моралот повеќе и да не постои?
Дали за време на оваа криза со која се соочуваме години, сега е време парите на граѓаните да се трошат во луксузирање додека навистина имаме потреба од насочување на истите во категориите кои се под знак прашање при нивната егзистенција.
Не треба да се игнорира гласот на народот, и потребно е разумно да се направи економска стратегија во која средствата на граѓаните ќе служат пред се да им се помогне на нив а потоа и за се останато кое што би било потребно.
Исто така, потребно е да се упати апел и до надлежните за зголемување на примањата на сите семејства како би можело да се направи урамнотежување на ценовниот шок, а со самото тоа да се намали сиромаштијата за која сме свесни дека е се почесто присутна околу нас.
Доколку на време ја прифатевме ситуацијата која во тој момент ни престојуваше и превентивно се најдеше начин за нејзино ублажување, сега не би се соочувале со криза за која сме свесни дека ќе расте во наредниот период, а со самото тоа и прашањето за езгистенција на нашите граѓани.
Закаснетите одлуки носат свои последици, но постојат низа економски решенија кои можат да се спроведат во едно вакво време-невреме.
Нека оваа година биде поттик за сите нас во изнаоѓање на нови начини за подобро утро како би можеле да ставиме крај на една епидемиолошка криза, а воедно со тоа и економска за секој граѓанин да има доволно за просечен живот како за него така и за неговото семејство.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.