Васко Шутаров

Се канев да пишувам нешто за животните промени кои се неминовност во нашите животи. Никој не успеал да го замрзне летото трајно и да ѝ забрани на зимата да дојде, никој не успеал да ја направи младоста вечна и да не ѝ дозволи на староста да затропа на врата, никој не успеал да изѕида доволно високи и цврсти бедеми кои би биле брана за брановите од културни, општествени или политички промени, кои исто така неминовно се случуваат, како и сè друго во животот!

Размислувајќи за темата, потсетувајќи се што тоа науката, а посебно филозофијата и уметноста велат за неминовноста од промени, онемев од веста дека од овој свет си заминала една несекојдневна и во сè посебна уметница, жена-симбол за промени и освојувања на слободи во животите на неколку генерации млади! Веста за смртта на Слаѓана Милошевиќ како метеор удри во најдобро чуваното и однегувано парче градина, во која се случуваат најубавите и најинтимните освојувања на слободи и среќа – таа мала интимна градина во која Слаѓана беше мерна единица за храброст, убавина и вистина. И жена која менуваше све(с)т!

Прегледувајќи деновиве десетици интервјуа што ги имала последниве години, ми се потврдува претставата за Слаѓана дека беше обдарена со харизма и мноштво таленти и дека беше темелна и вредна во пристапот кон секоја работа (па и во љубовта, за која понекогаш скромно зборуваше)! Беше икона на цел еден бран на промени во 80-тите години во некогашна Југославија во скоро сите сфери од творештвото, најмногу во музиката, но и во модата, во книжевноста, во авангардниот театар, на алтернативната сцена, во документариот филм и активизмот. Беше и „Секси Дама“ и „Принцеза од некоја друга планета“, авангарден предвесник и на промените и на новото во времето кое го живеевме! Беше бескомпромисен бунтовник, со причина!

Како пасиониран собирач на секакви можни знаења, од научни до религиски и како сопственик на мноштво таленти, знаеше во интервјуата да каже: „Задача на секој од нас е секојдневно да се менуваме и поправаме! Јас сум една од оние кои веруваат дека мора да се учи до последниот ден од животот. Секој нов ден имаме шанса да научиме нешто ново  и да постоиме во сегашниов миг, бидејќи времето минува и носи нови барања и нови законии ако не се менуваме и не го следиме, едноставно излегуваме од игра! Така се претвораме во исушени черупки кои го чекаат само својот последен суд!“

Слаѓана беше прва жена на просторите на поранешна Југославија која така здраво згазна врз тогашниот подзаспан медиумски простор, рушејќи многу табуа, неформални и формални забрани (забранувана за емитување и на радио и на телевизија, во еден период!), често цензурирана и јавно шиканирана, но бескомпромисна – нејзиниот глас и авангардна појава, сепак допираа секаде и до секого! „Преку уметноста на модата ја одразував мојата животна филозофија, својот бунт и неприфаќањето на лошите правила! Ја употребував модата како оружје против сè она што нè уназадува, против ретроградната култура што нè разјадува”, зборуваше во една прилика.

Како врвен интелектуалец, многу критички ја оценуваше својата улога како јавна личност, сепак „дозволена” во тогашниот „социјализам со човечки лик”, како нов и необичен лик, преку кој илјадници млади ги проектираа своите неостварени сонови, желби и слободи! Таа беше начисто дека е осудена да ја игра улогата на своевиден издувен вентил по кој тогашниот режим секогаш можеше здраво да удри, а неа да ја крши! Но, Слаѓана успеа да создаде армија од обожаватели на кои им го расчистуваше патот кон нов систем од вредности, нови правила на игра, нови начини на живеење и култура на однесување.

Во што и да сте први и да предничите пред другите, вие ќе ги сносите последиците од тоа! И кога ги рушите постоечките концепти и принципи во која било област, морате да ја издржите стоички сета критика од мноштвото кое го поддржува и брани сопствениот комфор и општествениот отпор кон какви било промени!”

Зад себе не остави потомство, но остави антологиска музика и неколку капитални книжевни дела. Во едно од нив „Цивилизацијата и жената – Машка жена” на 1.726 страници ја опишува жената на еден толку оригинален и луциден начин: „…И велам дека не постои машки и женски свет, како што не постои машка и женска наука, историја, уметност, вера! Светот во кој живееме е заеднички! Не постои машка и женска вистина! Вистината е само една, иста за обата пола. И затоа единственото исходиште кое мене ме занимаше, беше вистината! Вистината стана моја обврска, бидејќи само од вистината може да произлезе ред, а од редот мир! Сè што е засновано на невистина и лаги, кога тогаш ќе потоне, ќе се раствори и ќе исчезне!”

Да живееше во еден малку поцивилизиран свет, за каков што цел живот се бореше, Слаѓана Милошевиќ ќе беше заштитена со закон, како непроценливо (интер) национално богатство! Ќе беше ѕвезда или херој или штогоде друго важно, бидејќи цел свој живот, темелно и безрезервно го посвети на промените на старото и на времето кое допрва доаѓаше, бидејќи таа секогаш и беше чекор пред времето! Предвреме и замина од овој свет, мизерно третирана и крајно разочарана од здравствените власти на својата држава, кон која, патем, негуваше најдлабоки патриотски чувства.

Таму каде Слаѓана сигурно уште долго ќе живее се пејзажите од интимни градини на оние кои ја сакаа и ја почитуваа и од каде уште долго ќе одѕвонува нејзиниот глас, стиснат меѓу заби, но моќен да стаса и некаде надвор од планетите: „Менувајте се луѓе на подобро, секој ден менувајте се и себеси и светот околу себе-и не дозволувајте заради вашето мало парче животен комфор, сите заедно да живееме во таква сеопшта мизерија од невистини и лаги! Борете се за промени, затоа што самиот живот е постојана промена!”

……………………………………………………………………………………………….

Неспорно е дека луѓето во најголем дел се обидуваат да ги избегнат или да им се спротивставуваат на промените и кога се свесни дека нема да им успее тоа! Промените се закон на природата, промените се и главна општествена и политичка законитост! Во природата нема недостатоци или дупки низ кои можеме да се провлечеме и да ја замрзнеме засекогаш нашата најдобра возраст или омиленото годишно доба! Мудрите го разбираат тоа, храбрите го доживуваат како предизвик за промени, мноштвото луѓе како причина да стравуваат и на сите можни начини да ги спречуваат промените!

Откога е светот и векот било така! Од античките мислители Хераклит, Сократ и филозофите-стоици кои учеле дека не постои ништо трајно освен промените, до модерната наука, како онаа на австрискиот филозоф Рудолф Штајнер, во која се развива и докажува теоријата за личниот развој, заснован на седумгодишни човекови циклуси на промени.

Можеби наједноставен одговор за промените се крие во приказната за еден средновековен пророк кој побарал совет од најмудриот човек во тоа време, да му ја каже животната порака која би била клучна за секој човек? „И ова ќе помине!” – му одговорил мудрецот!

Но, мудроста на модерниот човек се состои не само во очекување промената сама по себе да се случи и во трпењето таа да си замине, туку во постојаното преоткривање на промените во себе и во креирањето промени во сопствената непосредна и подалечна  средина, во еден склад во кој промените би пулсирале во ист ритам-и би емитирале вистина, убавина, добрина и сила!

20 век ни ја откри Вирџинија Вулф, која беше книжевен велемајстор да ги долови сите нијанси на промените во нашите животи. Во нејзиното ремек-дело „Бранови” (1931), Вулф ги следи тековите на свеста на шест пријатели, почнувајќи од нивното детство до нивните зрели години. Ликовите влегуваат во нови етапи од животот кои се исполнети со многу промени и нови нешта, но и постојан недостаток на сигурност. Вулф ги прикажува сите шест лика во постојан процес на промени и метаморфози, како што тоа го правиме сите во нашите животи!

И други големи умови на 20. век, векот на најголеми движења, преврати, револуции и војни, но и век на неприкосновен потрошувачки конформизам, испраќаа моќни пораки, дека, ако не се менуваме, нема да растеме, а ако не растеме, исто како да не живееме! Моќна е пораката на Махатма Ганди дека „ние самите треба да бидеме промената која сакаме да ја видиме во светот!”

21 век, по искуствата и со коронавирусот, ни го врати на менито на јавниот наратив изразот „и ова ќе помине”, преку бестселерот на американската психотерапевтка Џулија Семјуел! Во делото „Ова ќе помине: Приказни за промените, кризите и новите почетоци” Семјуел, споделувајќи ги своите искуства со пациентите за време на пандемијата, ќе го запише и ова: „Прифаќањето на промените, исто така, ве прави подобри, бидејќи промената е единствената сигурност во животот, а болката двигател на промените – преку болката учиме и за личното и за универзалното“!

(Зарем овие лекции од животот во нашата интимна градина на растење, не ни беа всадени и од Слаѓана Милошевиќ од нашата младост, пред многу години?!)

……………………………………………………………………………………………….

Векот што го живееме, бара од нас постојано нови промени, дури и оние најчудните! Чуден е векот во кој промените ја однесоа и климата и половите и интимата до своите крајности и спротивности, а уште почудни се правилата на игра, кога преку превезот на промените се навлегува и во оној најинтимниот предел, таа интимна градина, од почетокот на текстов.

Нашата интимна градина не е напросто наша скриена комфор-зона во која се повлекуваме и се напојуваме со сопствената исконска енергија! Тоа е и нашиот микрокосмос во кој е вткаена нашата автентичност и посебност, но и нашата нишка преку која се поврзуваме со светот и со Универзумот и така заеднички пулсираме во сеопштиот ритам од промени.  Во таа наша интимна градина-зона на растење и живеење, има билки и стебла по кои не се посегнува – нив ги именуваме како себство од сопствен идентитет, свое име, своја совест и свест, своја гордост и своја скромност! Ако не сме свои, што ќе менуваме и какви промени ќе практикуваме?!

Дали е крајно време за вистински промени?! Промени преку кои ќе се вратиме во редот на нормални општества, народи и држави! Промени кон нормални вредности и стандарди, за нормални луѓе, со нормални животи и во нормални времиња! Промени преку кои ќе и се вратиме најнапред на својата интимна градина и промени за кои само преку неа ќеучиме и ќе ги практикуваме- како да го фатиме ритамот на промените во времето, кое секогаш имаме право да го именуваме, како свое!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.