Петар Поп-Арсов
Од француска блокада, до француски предлог! Од француска „корпа“, до француска понуда за партнерство! Одиме од крајност во крајност. Мислам не одиме ние, туку тие, оние со кои сакаме заедно да бидеме „ние“.
Од француска блокада на почетокот на македонските преговори, заради воведување на нова методологија и зајакнато следење на исполнувањето на воспоставените критериуми и стандарди за членство (демек оние од Копенхаген), па се до француски предлог за откочување на процесот, исклучиво заради геополитички причини во услови на војна во Европа.
Очигледно „ножот е до коска“!
Кредибилност на ниво! Конзистентност исто така, на ниво… ниско!
Во секој случај е подобро убаво да се запознаеме „пред бракот“ отколку потоа, „во бракот“, ако воопшто дојде до тоа. Како поминува времето се запознаваме се повеќе и повеќе. Ако има нешто позитивно од недобиениот македонскиот датум за почеток на преговори тоа е што гледаме со кого си имаме работа. Го гледаме вистинскиот лик на заедницата во која сакаме да членуваме. Ја гледаме ЕУ во вистинското светло. Нешто кое што во секој случај делува отрезнувачки и ни ги отвора очите будејќи не од македонската подзапаност и природна особина да ги идеализираме до нереалност политичките заедници на кои сме припаѓале или сакаме да припаѓаме.
Тоа е. Периодот на детство и адолесценција мора да се одживее и во еден момент да се прими сознанието дека ние сме тие кои треба да се грижат самите за себе како возрасни, а не постојано да бараме постар брат, татко или мајка во некој од соседите, оние поголемите или политичките заедници кои веќе ги споменав.
Затоа францускиот предлог, кој доаѓа како салто мортале после француската блокада, е најдобрата лекција која што можеме да ја научиме од целокупниот евроинтегративен процес низ кој поминуваме скоро две децении.
Прагма, интерес, сила и моќ пред сѐ, па многу празно место и дури потоа стандарди и критериуми.
Француски предлог?!
Што е тоа? Го имаме ли на хартија?
Оние кои што се должни да го видат, да го имаат, анализираат и изградат став, оние од власта и владата, велат дека не виделе такво нешто. Поим си немаат?! Медиумите и поединци од опозицијата објавуваат и коментираат детали од францускиот предлог како документ кој веќе има свој финален изглед и содржина.
Ситуацијата е парадоксална и нелогична. Нелогично е премиерот и владата на Македонија да не се упатени во содржината на францускиот предлог. Можеби не се упатени во ставот на секоја земја членка на ЕУ поединечно, можеби не се упатени во документите кои што имаат доверлив карактер и се предмет на одлучување само на земјите членки на ЕУ, но во однос на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ мора да бидат упатени и да ја знаат содржината од почеток до крај. Тоа е рамка која се однесува на нашата земја, на нашите граѓани, рамка по која Македонија ќе биде страна во преговорите со ЕУ. Не е можно Ковачевски и Османи да не се во тек со овој документ. Дури и бугарските недиуми пишуваат дека доколку денес (21.06.2022) Софија го прифати францускиот предлог, Советот на ЕУ ќе ја одобри преговарачката рамка со Македонија.
Значи ли тоа дека ние веќе сме прифатиле се што стои таму и сме се согласиле со францускиот предлог на невидено? Тешко е да се поверува во ова.
Очигледно дека Ковачевски и Османи лажат дека не се во тек со францускиот предлог?! Ја лажат и замајуваат целата македонска јавност или се тотални аутсајдери кои навистина ништо не знаат и земјата ја доведуваат во потчинета положба?!
Знам дека не треба да влегувам во анализа на нешто кое што не сум го видел како документ, но врз основа на информациите кои што се појавија во медиумите може да се кажат неколку збора на темата.
Она што можевме да го прочитаме како објавен текст добиен од дипломатски извори, соддржи бројни козметички компоненти кои треба да претставуваат алиби за владите во Скопје и Софија да го прифатат францускиот предлог и да дојде до откочување на процесот. Тоа е онаа добрата страна на предлогот. Од друга страна, ваквите козметички алиби компоненти, кои секоја од страните би ги презентирала како сопствена дипломатска победа, имаат за цел да ги стабилизираат владите во Скопје и Софија кои веќе се на стаклени нозе и катастрофално котираат кај сопствените граѓани, особено во случајот на Македонија. Тоа е онаа лошата страна на предлогот, особено во случајот на Македонија заради неспособната влада.
Најлошата страна на предлогот е тоа што, освен формалното тргање на блокадата кое што го има како цел францускиот предлог, тој суштински тој ништо не решава. Бугарските барања и ставови остануваат на сила и истите ќе се туркаат во преговарачкиот процес. Лошо е и тоа што се предвидува брза промена на македонскиот устав заради внесување на Бугарите во Уставот.
Колку брза?
Потребни се осумдесет пратеници за оваа операција. Од каде? Парламентарната опозиција се изјасни дека е против. Расположението на народот исто така е против, со што отпаѓа можноста на евентуални избори граѓаните да ја поддржат намерата за промена на Уставот.
На што се заснова француската сигурност која е преточена во предлог кој предвидува брза промена на Уставот? На што се заснова подготвеноста на ЕУ да гарантира дека она што ќе биде усвоено оваа работна недела во Брисел ќе се имплементира без никаков проблем? Ако самите како народ, преку своите претставници во парламентот, не си го смениме Уставот, ЕУ не може да ни го смени. Затоа гаранциите на Макрон, Шолц и останатите, кон кого и да се упатени, ќе бидат исти онакви како гаранциите на Меркел, Хан, Могерини итн., кои гарантираа некаков почеток на преговори веднаш по потпишување на Преспанскиот договор.
И францускиот предлог, како и сè претходно, ќе се сведе само на една епизода во геопилитичката пресметка на големите играчи која има за цел да ја оддржи ЕУ на Балканот и да го забави негативниот тренд на сопствената репутација во очите на граѓаните од регионот. Геополитиката беше клучниот фактор за приемот на Бугарија во ЕУ, геополитиката е клучниот фактор кој ја тера Франција да се трансформира од земја чувар на принципите и стандардите на ЕУ во земја која очајнички се бори за зачувување на сопственото геополитичко влијание заедно со влијанието на сопствените партнери.
Прагма, интерес, сила и моќ пред се, дури потоа стандарди и критериуми! Тоа ќе биде преговарачката рамка на македонските евроинтеграции како и да одлучат деновиве во Брисел!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.