Васко Шутаров

Бурното финале на француското претседателство и бугарската филмска приказна поврзана со македонската европска иднина ме навраќаат во спомените на моите шест години поминати како прв човек на нашиот Kултурно-информативен центар во Софија. Години во кои сѐ беше толку слично, но и толку различно од сево ова што ни се случува денес.

За да стасам на работа до нашиот Центар по тивката и живописна улица „Обориште“, скоро шест полни години, поминував покрај раскошната резиденција на Француската амбасада во Софија. Пред да заминам во културна мисија во Бугарија, овој објект изграден во виенски барок ми беше врежан во сеќавањето по историски важните фотографии од познатиот појадок на францускиот претседател Франсоа Митеран со противниците на бугарскиот комунистичкиот режим. На 200-годишнината од Француската револуција, во јануари 1989 година, токму таму, во Амбасадата на Франција во Софија, биле собрани 12 највидни противници на комунистичкиот режим на Тодор Живков. За многумина, падот на бугарскиот комунистички диктатор, започнува ритуално, токму на тој појадок на кој присуствува и подоцнежниот бугарски претседател, Жељу Желев.

Десет години подоцна, во 1999 година, една, денес веќе незамислива француско-украинско-руско-бугарска филмска копродукција, создава едно филмско чудо, кое таа година ги добива наградите: „Оскар“ (за филм од неанглиско говорно подрачје), „Цезар“, „Златен глобус“ и уште низа други значајни филмски награди. Беше тоа филмот „Исток ̶ Запад“, чија фабула се случува за време на владеењето на Сталин и неговата покана упатена кон руските комунистички дисиденти да се вратат од Запад во СССР. Голем број антологиски филмски сцени, вклучувајќи ја и импресивната улога на Мари, сопругата на рускиот лекар-дисидент, Алексеј Головин (која во филмот брилијантно ја играше Катрин Данев), се снимени токму во раскошниот амбиент на француската амбасада во Софија.
Шесте години поминати во македонска културна мисија во Софија ми беа исклучителна можност како франкофон, одблизу да ги осознаам француско-бугарските врски и надвор од контекстите на култното и романтичното, како во случајот со погоре спомнатите (појадокот со Митеран или амблематичниот филм „Исток ̶ Запад“), па дел од нив ќе споделам и овде.

На една промоција на двотомното издание на „Француските зборови во бугарскиот јазик“, на пример, на која присуствува и францускиот амбасадор во Софија, разбирам дека во бугарскиот јазик не се употребуваат само неколку француски зборови кои секојдневно се слушаат, туку дека „скоро 7000 француски зборови живо се користат во него“, исто толку колку што се користат, всушност, и во англискиот јазик. „Мерси, етаж, асансјор, елеватор, паспорт, коридор, гише, гараж и гара, афиш и антракт, актјор и режисјор, конфитјур или брјуле“ ми одѕвонуваат во ушите, додека живо се присетувам на француско-бугарските политички и културни врски.

На други настани, разбирам за силните француско-бугарски односи уште од времето на Третата француска република, во 1876 година, кога славниот писател Виктор Иго бил сенатор и кога напишал моќен текст во тогашниот републикански весник Le Rappel, поттикнат од убиството на францускиот конзул во Солун и турската одмазда во родопското село Батак, за време на Априлското востание, истата година. Славниот писател тогаш повикал на „крај за империите кои сеат смрт“ и пророчки повикал на „создавање Соединети Европски Држави“.

Подоцна, по некои други поводи, разбирам за спасувањето на Софија од тотално опожарување што го потготвувале Турците за време на Руско-турската војна (1877 ̶ 1878); тоа било спречено благодарение на исклучителните дипломатски вештини на тогашниот француски вицеконзул во Софија, Леандр Леге. Веќе следната 1879 година, во слава на францускиот дипломат, една од централните софиски улици го носи неговото име, а денес токму на оваа улица е сместено Претседателството на Бугарија. Истата таа година, француската валутна единица станува официјално платежно средство во Бугарија, а ова е период во кој француските универзитети стануваат престижни и посакувани места за школување на идната бугарска политичка, стопанска и културна елита.
Го разбирам и тоа дека во почетокот на 20 век истакнатиот бугарски лекар и бактериолог, Стамен Григоров, ја открива бактеријата Lactobacillus bulgaricus (која се наоѓа во основата на јогуртот) во микробиолошката лабораторија на Французинот Леон Масол. Звучи тривијално?! Апсолутно, не! Денес овој податок е толку видливо нотиран на официјалната веб-локација на француската амбасада во Софија, а француското влијание во креирањето на „бугарскиот баланс Исток ̶ Запад“, не е од вчера ̶ и никогаш не е конечно завршено!

Во годините на мојата дипломатска мисија во Софија разбирам и за доминантното мнение на Бугарите за Французите, во кое, покрај Виктор Иго, Леандр Леге или Франсоа Митеран, исклучително многу се цени и дипломатскиот подвиг на францускиот претседател Никола Саркози во сложениот процес на ослободување на бугарските медицински сестри во Либија, кои беа осудени на смрт, а кои беа обвинети за намерно заразување на деца со ХИВ, за време на владеењето на Моамер ел Гадафи.

Работејќи во Софија, разбрав и за комплексноста на францускиот резон кон Бугарите според кој живо се негува сликата за Бугарите како „посебно лоши момци од комунистичкиот Исток“, познати по „бугарскиот чадор“ со кој во 1978 година се извршени убиствата врз познатите дисиденти Владимир Костов и Ѓорги Марков. Во овој контекст, влегува и никогаш докрај исчистената бугарска трага од атентатот врз Папата Јован Павле Втори, иако истовремено, исто како во француската кујна, резонот е деликатно зачинет со славењето на бројни бугарски интелектуалци и уметници кои токму Франција ја одбрале за своја творечка татковина: Жорж Папазов и Жул Паскин, Минко Балкански, Цветан Тодоров, Јулија Крстева, Петар Христофоров, Дора Валие, Кристо и секако неизбежната Силви Вартан.

И пред да заминам на културно-дипломатска мисија во Софија знаев дека во 20 век француско-бугарските односи не биле ни прозаични, ни најмалку идилични, почнувајќи од балканските, па преку двете светски војни, кога двете држави се и жестоко воено конфронтирани. Иако Франција учествува во креирањето на мировните договори со кои се ограничува бугарската државна моќ, таа останува моќно во игра креирајќи интензивна француско-бугарска културна соработка и тогаш кога Бугарија милува политички и воено да си интимизира со Германија или со Русија. И меѓу двете светски војни, во Бугарија францускиот јазик останува втор најизучуван јазик, а во Франција се признаени бугарските дипломи стекнати во средното образование на француски јазик, додека моќната културно-дипломатска „Алијанс Франсез“ развива активна културно-дипломатска мрежа во Бугарија.

По Втората светска војна, во средината на 60-тите години, лошата слика за Бугарите во балканските и двете светски војни, се обидува да ја поправи комунистичката културна дипломатија на Тодор Живков, склучувајќи договор за културна соработка со Де-Головата Франција. Преку овој договор, Бугарија сака да се претстави како балканска лулка на цивилизациите, држава наследничка на тракиската култура и тракиските херои од митологијата и во тој контекст се преземаат грандиозни културни потфати за промоција на бугарската култура во Париз, посебно за време на Људмила Живкова, ќерка на комунистичкиот диктатор и прв човек на бугарската култура (1976 ̶ 1981). Во овој период се организирани две големи изложби во Petit Palais во Париз, „Златото на Траките“ и „Бугарските икони“, се обезбедува учество на бугарски уметници на Меѓународниот есенски салон (1979 година), се реализираат гостувања на музички ансамбли и оперски претстави, се прават преводи на бугарски автори на француски јазик (Иван Вазов, Елин Пелин) и Le tous Paris (или сите Французи), повторно ја преоткриваат бугарската култура и ја сместуваат во редот на значајните европски култури.

Имајќи ја пред очи генезата на развојот на француско-бугарските врски, станува многу очигледно во колкава мера Бугарите секогаш точно проценувале кога доаѓало вистинско време да ѝ намигнат и да ѝ се приклонат на галската култура, а кога на германската или на руската. Можеби и не секогаш идеално им успевала намерата да станат приоритетен француски интерес во вистинско време, посебно кога Србија и Југославија за Французите биле тоа, но, по влегувањето на Бугарија во НАТО и ЕУ, веќе успеваат да создадат трајни нишки на поврзување, час врзувајќи се потрајно со Германија на Меркел, но никогаш не потценувајќи ја моќта на Франција и очекувањето дека Макрон еден ден ќе ја преземе нејзината улога, па создаваат солидна база за една непречена и постојана галска наклонетост и љубов.

Па така, денес, не од официјални бугарски извори, туку на веб- локацијата на Амбасадата на Република Франција во Софија ќе прочитаме дека: „Дипломатските односи меѓу двете земји се воспоставени на 8 јули 1879 година и дека се изградени врз долгогодишна историска традиција, без спорни или отворени прашања, а Франција останува важен стратешки партнер и сојузник во одбраната, оперативен партнер во областа на борбата со организираниот криминал, и со нелегалните миграции и тероризмот, водечки надворешно-трговски партнер и еден од најдинамичните партнери за културно-образовни програми и програми од франкофонијата“.

Во долгата низа потесни историски врски, не од бугарски научници ами од ракописот на француските дипломатски претставници во Софија, разбираме, преку истата веб-локација, дека: „Првите контакти меѓу Франките и Бугарите датираат од епохата на раното средновековие, а посебно во почетокот на 8 век кога на Европа ѝ се заканува сериозна опасност од пробивањето на Арапскиот Калифат“ и дека „империјата на Франките под водство на Карло Велики и државата на Хан Крум ќе го достигнат својот апогеј во почетокот на 9 век кога во реонот на среден Дунав имаат и заедничка граница“. Векови подоцна, односите меѓу Франките и Бугарите стануваат поинтензивни за време на Крстоносните војни, а францускиот дипломатски наратив посебно ги истакнува заедничките историски пресечни точки на препознавање, преку: „Првото испишување на зборот „франк“ на кирилица во Велико Трново во 1230 година, Евангелието испишано на кирилица и глаголица кое во 1554 година пристигнува во катедралата во Ремс, бугарските корени на поетот Пјер де Ронсар, како и дејствувањето на следбениците на попот Богомил, кои стигнале до пределите на јужна Франција“?!

И тука треба да се застане во редењето заеднички историски француско-бугарски точки на препознавање. За секоја сериозна дипломатија, попот Богомил од македонска Богомила, би бил доволно добра причина за да се иницира конструктивен и содржаен разговор на највисоко француско-македонско дипломатско ниво и да се продискутира поопсежна јавна и културно-дипломатска акција на Македонија во Париз и Франција, да се присетиме за нешто убаво, значајно и трајно од македонското културно наследство и современо творештво, со кои сме го кренале Париз на нозе или сме стекнале некаква симпатија и наклонетост на француската публика кон Македонија, македонската култура, македонските природни богатства и поопсежна јавна и културно-дипломатска акција на Македонија во Париз и Франција, да се присетиме за нешто убаво, значајно и трајно од македонското културно наследство и современо творештво, со кои сме го кренале Париз на нозе или сме стекнале некаква симпатија и наклонетост на француската публика кон Македонија, македонската култура, македонските природни богатства и убавини?! Не, немаше такви акции! И затоа, виновниците за дебаклот со францускиот предлог не смееме да ги бараме во другите, туку виновниците за тоа мора да си ги бараме во домашните креатори на дипломатските, а посебно во актуелните културно-дипломатски односи, како со Франција, така и со Бугарија.

По непристојниот француски предлог, што во суштина значи само едно, подигање на проблематичните бугарски прашања за македонскиот идентитет јазик и култура на повисоко, европско ниво, остануваат легитимно да лебдат прашањата: „Дали појадокот со Митеран значеше и конечно расчистување со бугарската комунистичка доктрина“ и дали бесконечното „кршење на Бугарија по оската Исток – Запад“, секогаш мора Македонија да ја има како жртва или како колатерална штета? Но, за тоа, потоа!

Најнапред, дали по овој дебакл во водењето македонска политика и дипломатија, „тајно и на колена“, превулгарно звучи споменувањето на двата збора кои најмногу недостасуваат во описот на состојбите до кои сме доведени, а за што колоквијално Бугарите знаат да кажат: „Не галска, ами френска љубов беше това?!“ Или, жива свирка е работата! Тоа се двата збора, кои по нашки најдобро ја илустрираат состојбата до која сме доведени деновиве! И секако неопходните два збора, за крај на лошава поразувачка и срамна дипломатска приказна – Долу Влада!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.