Васко Шутаров

 Културите на страв, на надеж и на понижување

Една од поновите теории на која, за жал, многу малку ѝ се обрнува внимание во македонската наука и политика,  е делото „Геополитика на емоции“ од Доминик Моизи. По Спиноза, кој во своите учења ги зема стравот и надежта како основни чувства што го одредуваат односот на човекот кон иднината, Моизи е пионер во воведувањето на емоциите во политичката мисла.

„Емоциите, како и холестеролот, можат да бидат добри и лоши. Во современиот свет владеат три основни емоции: страв, надеж и понижување. Овие три емоции, во геополитичка смисла се поважни од сите останати емоции: гневот, очајот, омразата, љубовта, честа и солидарноста, бидејќи се тесно поврзани со довербата која претставува одлучувачки фактор за начинот на кој одговараат нациите и народите на предизвиците со кои се соочени, како и во односите едни спрема други“, ќе напише Доминик Моизи.

„Надежта е израз на самодоверба, стравот недостиг на самодоверба, а понижувањето значи повредена самодоверба“, вели Моизи. По објавата на оваа негова доктрина, ниту едно сеопфатно објаснување на светските политички процеси не ја отфрла емоцијата како битен момент во обликувањето на современите светски прилики и неприлики, како што се, меѓу другото, и конфликтите и војните.

Во Азија е доминантна културата на надеж. Тоа најдобро може да се види преку Кина и Индија, или „Киндија“, како што некои ја нарекуваат азиската „локомотивата од самодоверба“.

Западот е обединет во култура на стравот. Европските стравови потекнуваат од сеќавањата за минатото исполнето со насилства, преку светските војни, империјализмот, нацизмот, сталинизмот, холокаустот. Освен тоа, европските стравови се подгревани и од отвореното прашање за европскиот идентитет. На прашањето: „Kои сме ние?“, од географски, политички и културен аспект, Европа, сè уште, нема јасен и конечен одговор.

Од другата страна на Атлантикот, во САД, културата на стравот е предизвикана од релативното опаѓање на американската моќ, како и од губењето на чувството за ексклузивност и историска мисија. Тоа што денес ги загрижува Американците, не е толку прашањето кои сме ние, туку прашањето: „Зошто толку нè мразат?!“

Културата на понижување, според Моизи, е карактеристична за Блискиот Исток. Понижувањето е најсилно кога чувствувате дека некој „друг“ навлегол длабоко во вашиот приватен простор и ве направил наполно зависен. (Дали во овој контекст може да стане појасна неодамнешната изјава на хрватскиот претседател Милановиќ, за „навлегувањето на Бугарија во македонскиот интимен простор?!“)

Денес и геополитичарите кои имаат резерви кон внесувањето на емоциите во политиката, го имаат секогаш предвид она што Моизи му го наметна на светот како нов поглед во гледањето и проектирањето на светската геополитичка мапа. А посебно, неговите предвидувања, дека за разлика од 20 век, кој го нарече „американски век и век на идеологиите“, 21 век ќе биде „азиски век и век на идентитетите“. Зарем борбата на идентитетите не кулминираше токму вчера, во одамна започнатата војна меѓу двата блиски и соседски народи, рускиот и украинскиот?

Доминик Моизи во една од визиите за светот во 2025 година, хипотетички, во случај да победи и да доминира културата на стравот, смета дека светот ќе звучи како музиката на Вагнер, ќе изгледа како филмот „Истребувач“ (Blade Runner) и ќе личи на голема сцена исполнета со бес и хаос, слична на Шекспировиот „Тит Андроник“. Блискиот Исток ќе биде нуклеаризиран, Европа ќе биде балканизирана, Азија ќе се задушува од загадување, а Америка ќе се повлекува во себе. Зарем од вчера, веќе не ја живееме и реално, а не само хипотетички, таа 2025 година?!

Културите на страв, сеир и понижување во време на војна

Зошто е важна „геополитиката на емоции“ во светлината на најновото преместување на големите фигури на светската шаховска табла и актуелната руско-украинска војна?

Кажано со едноставниот и луциден наратив на Доминик Моизи, по двегодишната планетарна доминација на културата на стравот како резултат од пандемијата со коронавирусот и замрзнатата рамнотежа од геополитички емоции, светот природно ќе се најде на прагот од нивна целосна експлозија. Пандемијата само вештачки го замрзна целиот свет во една униформна култура на страв, а има ли поедноставен начин светот да остане да живее во подеднаков страв по глава на жител на Земјината топка, од заканата од војна?! Посебно од нова глобална војна?! Во културата на стравот, посебно од сеопшта војна, најлесно се владее, нели?!

Во ваквиот контекст на нова прераспределба на светската моќ и создавање нова (и емотивна) глобална рамнотежа, се случи големото раздвижување на воената сила, втора по моќ во светот, Русија, тој моќен амалгам од култура на понижување во 90-тите, култура на страв во првата деценија од новиов век и новооткриена култура на надеж во последнава деценија. Во секоја сеопфатна анализа во светлината на руско-украинскиот конфликт, овој забрзан трансфер на култури на трите базични емоции, не смее да биде занемарен.

Војната која започна вчера, своите корени ги нема од завчера, а воената кулминација нема да ја има ни денес, ни утре, туку во завршницата на финалната „пресметка меѓу американскиот и азискиот век“, која веќе подолго време ја прогнозираат врвните теоретичари на геополитиката, меѓу кои и Доминик Моизи.

Германскиот вицеадмирал Кај-Ахима Шонбах (Kay-Achima Schonbach), кој беше сменет по изјава во истиов дух, кажа: „Клучна работа која ја имам научено од европската историја на билатерални партнерства, е дека тие не значат ништо. Ако дојде до војна во Европа, ако дојде до континентална војна, а мислам дека до неа ќе дојде, веројатно, не во следните две, три години, туку најверојатно во следната или во следните две децении  ̶  партнерствата на крајот нема да значат ништо!“ Убеден сум, дека германскиот вицеадмирал, многу добро знаел што зборува и кому точно ја упатува оваа порака!

Втора важна константа која се повторува и се потврдува во сите важни историски моменти е дека секогаш кога Велика Британија привидно се повлекува од европските континентални политики, се случуваат неволји на европскиот континент.

Може ли денес некој наивно да поверува, дека  ̶  Брегзитот, крајот на ерата на Ангела Меркел, Макроновата Франција, крајно истрошена од внатрешни конфликти  ̶   сите заедно прават случаен сплет на околности што ја направија Европа токму во овој момент да биде најранлива? И како тоа, скоро истовремено, и руската и англо-американската експанзија во континенталните европски политики се случуваат токму сега, скоро идеално синхронизирани?! Дали нивните стратешки геополитички прогнози, математички прецизно се испреплетоа токму во истово време и на истово место. Во Украина, срцето на Источна Европа и вратата кон срцето на светот, според основачите и татковците на светската геополитика?! Да не се заборави во овој контекст, една од најголемите поуки во меѓународната политика и дипломатијата: таму каде што еднаш владееле моќните империи, тие ќе се вратат и ќе се обидат повторно да ги завладеат, во најповолниот момент за нив!

Трет важен момент, придружен со силна пропагандна воена  реторика, е системската промена во досегашната американска геостратешка политика. За оние што се склони деновиве да коментираат дека само Путин и Русија заиграа „коцкарски all in“, чесно е да се каже, дека истата коцкарска игра истовремено се заигра и во САД, кога дојде до конечно остварување на доктрината на Џорџ Фридман, а имено дека за англо-американските интереси животно важно прашање е по секоја цена да се оневозможи создавањето на моќна оска меѓу Германија и Русија, што би значело, германска технологија и знаење и големи руски природни ресурси и работна сила интегрирани во една импресивна сила.  Со ова се сруши, можеби, и најмоќната, а со тоа и најуспешна формула од дипломатската доктрина на Хенри Кисинџер, која гласеше: „Збирот на поединечни односи на САД со Русија (или порано СССР) и на САД и Кина, секогаш мора да биде поголема од вкупниот збир на односи меѓу Кина и Русија.“ Денес, таа формула повеќе не значи ништо!

Денес и на помалку упатените во разбирањето на геополитиката, јасно им е колку е побенигна оската Германија  ̶  Русија, во споредба со оската Русија  ̶ Кина, кон која во рамките на Шангајската организација (во која главниот збор го имаат Пекинг и Москва), се наоѓаат и двата азиски џина како Индија и Пакистан, а од минатата година и Иран. Тоа е новата, пеколна комбинаторика која ја покрена најновата англо-американска „all in-игра“.

Русија и Кина се веќе, и de facto и de jure, во најмоќен заштитен бедем пред продорот и извозот на западните демократии и досегашниот семоќен дух на глобално привлечната мека моќ на англо-американскиот стил и култура на живеење. Русија и Кина склучија меѓусебен договор со кој, меѓу другото, се обврзуваат на заштита на сеќавањето за Втората светска војна и спротивставувањето на обидите за манипулирање со лажни податоци за политички цели (Русија имаше 27 милиони, а Кина 40 милиони жртви). Со овој договор Русија станува еден од главните извозници на земјоделски производи во Кина, а покрај другото, е договорено и заедничко освојување на вселената, потесна соработка на воен план, но и заедничко спротивставување на американскиот воено-бактериолошки сектор. Ова последново, во контекст на актуелната пандемија, е посебно интригантно. Во рускиот и во кинескиот културен простор, скоро истовремено, двете држави повикаа на враќање кон традиционалните вредности на своите култури, вековно стари.

И последно, но не и најмалку важно. Русија, како втора најмоќна светска сила, со војната што ја почна, само подобро се позиционира за она што ќе биде најважна пресметка во годиниве пред нас. А тоа е, да ги бетонира тампон-зоните од држави што ќе ги чуваат нејзините граници, кога ќе дојде моментот на фронтално соочување на „американскиот и на азискиот век“, можеби за две до три години, можеби за една до две децении. Ова во прилог на уште една непогрешливо потврдувана поука од светот на големите дипломатии, дека светот треба да се проектира според нивните замисли и интереси, барем во следните 50 години. Ова што се случува сега е само покажување мускули и зацврстување на позициите пред некое идно време во кое Западот се подготвува за потенцијално послаб „руски цар“, наследник на Путин. Оттука е јасно дека Русија денес води војна не за своите сегашни, туку за своите идни геостратешки позиции. „Двајцата најмоќни воини се трпението и времето“, пишуваше Толстој во „Војна и мир“.

Во овие клучни моменти на разгорени емоции и страсти, македонските граѓани заслужуваат со разбирлив јазик да им се предочи и да им се објасни големата слика на случувања во светот. Наместо тоа, актуелната власт преку министрите за одбрана и надворешни работи одбра да декларира само кратки бирократско-дипломатски фрази и флоскули. Таквиот тон на преповторување на толку пати слушнати ставови и тонови на НАТО и на нашиот стратешки партнер САД, во сеприсутната култура на страв и понижување на државата, само дополнително ги намалува шансите за надеж, дека Македонија во актуелната власт има мудри, стратешко-мислечки лидери со интегритет и достоинство кои можат да ги предвидат сопствените предности и да поработат на остварување, пред сè, на сопствените интереси, барем, во некаков иден поповолен сплет од околности, за кој вреди да се работи и да се бори!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.