Петар Поп Арсов
Во Бугарија е тивко! Во Македонија врие! Владата на Петков си ја заврши работата! Ја заврши и падна! Владата на Ковачевски не заврши ништо! Во буквална смисла и во секоја област, ништо! И гајле си нема! Одолева на сите бури и потреси наоѓајќи го тој шеесет и првиот секогаш кога најмногу им треба. Интересна политичка појава, нема што, мора да се констатира.
Појава која што треба да стане предмет на интерес македонската политиколошка наука која преку научни трудови треба да даде објаснување на феноменот на опстојувањето на политичката сцена на неспособните во услови на јасна и дефинирана перцепција кај граѓаните за нивната некадарност. Перцепција кај сите граѓани, и кај оние против нив, но и кај оние кои политички ги поддржуваат. Дури и не само гола перцепција туку целосна убеденост во фактот.
А ние пак трпиме!
Скапотијата, осиромашувањето, економската несигурност и бесперспективноста не беа доволен мотив за револт, незадоволство и протести до соборување на неспособниве. Ќе теравме уште. Таквата наша инертност и неорганизираност постојано ги мотивира и охрабрува неспособниве да бидат подготвени и на национални предавства. А, зошто да не, можеби ќе помине, си велат во владата.
Овој пат народот е на нозе! Имаме протести! Има реакција која станува сѐ посилна, помасовна и пообединета! Националното предавство не поминува!
Се прашувам како замислуваше Ковачевски да го помине „францускиот предлог“? Предлог кој во себе содржи сериозни компоненти кои имаат супстанцијален импакт врз македонскиот идентитет и за чија што имплементација ќе бидат потребни комплексни операции во рамки на севкупниот македонски општествено-политички систем. Зарем мислеше дека ова е воведување на нова постпеид тарифа за корисниците на монополот, или дуополот, сеедно, во кој што директоруваше, па сакале или не ние како клиенти мораме да ги прифатиме условите кои што ни ги нуди. Држава е ова, не телеком или некој друг облик на монопол во кој македонскиот премиер ги формирал своите работни навики и ги стекнал сопствените професионални деформации.
Токму онаа монополската, е професионалната деформација која што е највпечатлива како карактеристика за начинот на функционирањето и владеењето на Ковачевски. Наредба и извршување! Наредба и извршување на наредбата од шефовите од горе. На шефовите од надвор. Нема дебата, нема дискусија ниту со своите кои опонираат и во моментот имаат малцински удел во заедничката куќа.
Така функционира Ковачевски.
Со месеци наназад одбиваше средба со Мицкоски. Одбиваше политички дијалог демонстрирајќи до сега невидена политичка (не)култура. Одбиваше дијалог со своите, Македонци, а истовремено водеше тајни преговори со странците. Велеше дека не знае ништо, дека не видел, ниту слушнал нешто кое што се дефинира како „француски предлог“.
Нè лажеше тогаш?! Нè лаже и сега?! Криењето на документи, француски предлози, бугарски протоколи и недоставувањето на комплетна и сеопфатна информација до Собранието се доволен показател дека Ковачевски лови во матно.
Отсуството на политички дијалог и отсуството на заеднички утврдени национални позиции е најголемата слабост на Македонија. Не е доволна она проформа средба која што Ковачевски под притисок ја реализираше со Мицкоски. Не се доволни ниту средбите со лидерите на партиите на власт од кои слушнавме дисонантни тонови и пораки дека постојат сериозни несогласувања во владината коалиција во однос на „францускиот предлог“. Или можеби Ковачевски смета дека таа форма без содржина која што си ја тера е сосема доволна за да прикаже дека тој спроведува инклузивен процес за градење заеднички став заради прифаќање на „францускиот предлог“.
Какво е тоа градење на заеднички став кога дијалогот што го води Ковачевски предвидува единствениот исход, прифаќање на „францускиот предлог“?! Каква е таа дебата кога единствено нешто кое што го интересира Ковачевски е да го соопштиш сопствениот став без да ги слушне забелешките на соговорниците, дури и кога истите се порака испратена од огромното мнозинство Македонци, меѓудругото изразена и преку континуираните протести?!
Ковачевски со сопствената неспособност и професионална деформација ја загрози не само Македонија како држава, туку ја загрози и целокупната дипломатско-политичка операција која што во тајност ја работеле последниве неколку месеци на релација Париз-Софија-Скопје. Отсуството на капацитет за политички дијалог кај Ковачевски и навиката за слепо прифаќање на „наредбите од горе“во комбинација со превземањето обврска истата да биде имплементирана на терен, му ги упропасти обидите на Макрон мазно да го реши македонско-бугарскиот спор без сериозни потреси. Не дека Макрон сега нешто сериозно ќе се вознемири заради незадоволството на Македонците во Македонија, но евентуалното неисполнување на обврските превземени од Ковачевски ќе фрли сенка на француската дипломатска гордост, „францускиот предлог“.
Овој предлог веќе со недели е предмет на невидена анализа во македонската јавност. Во буквална смисла невидена. Документ за кој повеќе се пишува и говори на невидено отколку како за јавно достапен текст. Предлог кој отпрвин беше отфрлен, за потоа, демек во ревидирана форма,да биде прифатен од македонските власти.Во јавноста беа споделени бројни аргументи кои укажуваат на контраверзноста и штетноста на овој предлог во однос на македонските евроинтеграции. Се јавија и неколку странски авторитетни имиња (авторитетни за македонски услови), поранешни амбасадори и претставници во разни влијателни организации. Докажани и ревносни поддржувачи на македонските евроинтеграции кои за чудо упатија низа на критики кон предложената преговарачка рамка. Констатацијата на амбасадорот Фуере дека „преговарачката рамка е затвор за Македонија, а клучот го има Бугарија“, беше врв на „македонскиот патриотизам“ во денешни услови и доказ за тоа колкава ерозија има доживеано македонското национално ткиво од времето кога тој беше амбасадор на ЕУ во Македонија (2005-2011). Мислам дека неговите ставови се исти, и тогаш и денес, но во споредба со политиката која што во тој периодсе водеше во Македонија неговите ставови тогаш можеби ќе се доживуваа како загрозување на македонските национални интереси. Денес е сосема обратно. Фуере е македонски патриот во споредба со Ковачевски и екипата околу. Како за илустрација и споредба, доволно е.
Сите аргументи кои што беа споделени во јавноста се сосема издржани. Не би ги повторувал во текстов. Но, мислам дека постои уште еден аргумент кој е тука, лебди во воздухот и фрла дополнително светло на контраверзноста на „францускиот предлог“.
Имено, со обврската за промена на македонскиот устав предвидена во „францускиот предлог“ се префрла топката на македонска половина и досегашните блокадикои што ги добивавме од ЕУ како целина иливетата од поедини земји членки, ќе се трансформираат во блокади на Македонија на самата себе. Судејќи според изјавите на релевантните политички претставници застапени во македонското собрание, во моментов во Македонија не постојат услови за уставни измени. Судејќи и според расположението на народот, уставни измени не би се случиле ниту после евентуални парламентарни избори. Структурата на власт, освен што секогаш успева да го најде оној шеесет и првиот во овој собраниски состав, нема друг политички кредит за да се надева на поддршка на евентуално брзи избори. Особено не може да се надева откако СДСМ вчера и официјално го прифати „францускиот предлог“ и особено нена поддршка за осумдесет пратеници со кои би го промениле Уставот.
Тоа говори дека „францускиот предлог“ трајно ќе ја блокира Македонија. Од внатре. Веќе ќе нема потреба некоја од земјите да ни става вето затоа што самите нема да сакаме да продолжиме по патот на евробугаризацијата на Македонија. Самите постојано ќе си ставаме вето, проследено со политички кризи и превирања кои на долг рок ќе ја дестабилизираат земјата. Со тоа на перфиден начин ЕУ ќе ја симне сопствената одговорност за застојот на македонските евроинтеграции, а вината ќе се бара во македонската држава, македонскиот народ и македонскиот патриотизам.Тоа е најразорниот ефект кој во себе го носи „францускиот предлог“. Но, ако од некаде на волшебен начин се создадт осумдесет пратеници кои ќе ги поддржат уставните измени оваа моја теза паѓа во вода.
Односите со Бугарија во однос на спорните прашања секогаш ќе останат такви, спорни. Никогаш не биле поинакви. Такви биле во турско, после турско, за време на Југославија, такви се и денес кога сме самостојна држава. Такви ќе бидат и ако некогаш влеземе во ЕУ. Бугарија отсекогаш ја држела и ќе ја држи оваа политичка линија во однос на Македонија и тоа не нешто ново. Ново е возобновувањето на врховизмот во највисоките инстанци на македонската власт и подготвеноста за самопоништување кое што уредно беше сместено во „францускиот предлог“ и прифатено од Ковачевски и Пендаровски.
Силните поддржувачи на СДСМ го правдаат ваквото нејзино однесувањето со тезата дека се работи за радикално прозападна партија. Толку е европски, американски и западно настроена што е во состојба да заборави на сопствените идеолошки корени, велат од таму.
Да се разбереме нешто.
СДСМ денес не е радикално прозападна партија, исто како што не беше радикално происточна или прокомунистичка во времето на формирањето на македонската држава. СДСМ е само радикално провласт настроена партија која ја интересира само власта, позициите, моќта и заради тоа некогаш е прозападна, некогаш происточна, некогаш просрпска, проалбанска, прогрчка или како сега пробугарска. СДСМ е секаква, но никогаш промакедонска и идеолошки дефинирана партија со што би ја заслужила сопствена почит и кај идеолошките противници во Македонија.
Нека им е „честито и со среќа“ вчерашното прифаќање на „францускиот предлог“!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.