Петар Поп Арсов

Почеток на преговори во услови на војна на европскиот континент?! Во услови на криза, инфлација и тешко предвидлива траекторија по која што ќе се движи ЕУ во периодот што следи! Преговори во услови на предоминантност на државните интереси на секоја од ЕУ членките поединечно на конто на европскиот интерес кој од реалност полека се претвора во мит и утопија! Датум за почеток во услови на штрајкови, протести, осиромашување, корупција, нереализирани проекти и ветувања, национално понижување, и во услови на сервилна и неспособна влада во Македонија! Приказна за преговори во време кога фокусот на македонските граѓани е ставен исклучиво на сопствената егзистенција и преживување, како и очекувањето на следниот бран, каков и да е, кој од некаде дефинитивно ќе не погоди.

Ќе започнеме ли преговори со ЕУ? Ќе има ли датум?

Па што и да има, кога цената веќе е превисока!

Веќе научивме да примаме удари во бранови, без разлика дали се работи за ковид брановите, поскапувањата, понижувањата или брановите на скандали и криминали кои во чекор ја следат оваа власт. И датумот постојано го „добиваме“ во бранови, а темата блокади и преговори со Бугарија станаа наше секојдневие кое што ќе трае уште долги години. И еве и сега, како што се приближува крајот на француското претседателство со ЕУ така медиумите повторно го креваат новиот ЕУ бран кој треба да го засени и стави во втор план, на пример, егзистенцијалното прашање на нашите просветни работници. Да го потисне и задуши нивниот штрајк и револт поради изедначувањето на платата на еден учител, професор со платата на неговиот колега од работа, хигиеничарот.

Затоа Бугарија повторно е главна тема. Бугарските барања и уцени се совршен дефокус од вистинските проблеми со кои се соочуваме во реалниот живот. Отворањето на бугарскиот културен центар, со име кое што не заслужува ниту да се спомене, беше одлично смислена провокација која за момент и направи услуга на македонската влада да го пренасочи вниманието од реални кон бизарни теми. Бизарни теми за минатото кои нè одвојуваат од сегашноста и фрлаат сенка врз иднината.

Бугарските ставови и позиции кон Македонија пак се присутни високо во вестите. Гледаме нова епизода во бугарската политика кон Македонија при што овој пат на сцена е претставата „Добриот и лошиот полицаец“. Како проаѓа времето бугарските позиции стануваат поекстремни од претходно, а позициите на македонската власт стануваат се послаби и послаби.

Бугарија отпрвин бараше „само“ три работи кои требаше да се исполнат или гарантираат за да овозможат почеток на македонските преговори со ЕУ. Бараа стриктно придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Второто барање им беше да се дефинира распоред на активности за тоа како ќе се исполнува Договорот, а трето, Македонија да нема претензии кон македонско малцинство во Бугарија.

Покрај трите основни работи бараа и да гарантираме дека немаме територијални претензии кон Република Бугарија поради новото скратено име на државата која ја соддржи придавката северна. Дури имаше и таков циркус, во декември 2020 година, кога Бучко му однесе еден нон-пејпер на Бојко со „тазе“ гаранции дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и нема да се меша во прашањето за малцинствата, односно прашањата кои го загрижуваат бугарското општество.

Набргу потоа, на самиот крај на германското претседателство со ЕУ, Бугарите инсистираа и речиси успејаа нивните барања да станат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, со што по автоматизам нивните позиции ќе станеа критериуми на Европската унија. Преседанот кој што се случи со ветото на Чешка и Словачка на самиот предлог на ЕУ, за среќа и за момент ја спаси Македонија од агресивната бугарска влада и предавничката влада на Заев која беше подготвена да прифати сè.

Бугарија сега бара отворање на македонскиот устав и внесување на малата, но сепак признаена и од никого во Македонија оспорена, бугарска заедница. Барање кое дополнително ќе купи време на „креативните“ деструктивци кои имаат за цел да ги кочат македонските евроинтеграции во недоглед. Што се пет, десет или дваесет години за реализација на стратешките цели на една стара и сериозна држава како што Бугарија реално е.

Повеќето од нас веќе заборавија на овие небулози низ кои поминавме овие четири пет години, но добро е да се потсетиме со цел минатото да ни биде ука и поука за тоа што ќе не очекува во иднината, односно што да очекуваме од споменатата претстава која што е во тек.

Тоа што Бугарската политика наизглед постојано менува ставови, барања и некакви си критериуми што треба да ги исполниме, не значи дека за милиметар отстапиле од реализација на сопствените стратешки цели. Стратешки цели кои веќе со право и отворено во Македонија се дефинираат како бугаризација и асимилација на македонскиот народ низ процесот на преговори со ЕУ. Да, тоа е вистинското име на македонските евроинтеграции кои што ќе следат под водство на оваа власт доколку подлегнат на бугарските уцени.

Зачудува еден парадоксалниот феномен кој што е присутрен во македонската политика. Имено, актуелната македонска неоврховистичка влада својот политички легитимитет го црпе од гласачи кои по убедување во најголем дел се левичари, либерали или рецидиви и поддржувачи на југословенската идеја, со нескриени симпатии и носталгија кон поранешната држава. Тоа се гласачи кои македонското националното чувство го ставаат во втор план во однос на социјалниот и егзистенцијалниот момент, што и не е така лошо заради богатството на плурализмот во Македонија. Но, како може еден таков човек, гласач, zoon politikon, да живее сам со себе кога знае дека владата која што ја поддржува директо ги реализира идеите на Ванчо Михајлов (сепак го спомнав, за жал), и Врховниот комитет од претходно?! Како може еден левичар, либерал, југоносталгичар да е толку слеп и да не забележува дека со својата поддршка кон Ковачевски и Заев воопшто не ја поддржува европска Македонија туку ја поддржува бугарска Македонија, асимилирана и обезличена?!

Се поставува и прашањето дали Ковачевски, кој води тивка политика по принципот „трај-прај“ (за разлика од Заев и неговите непромислени гафови и изјави кои иритираа), ќе потклекне на бугарските уцени за да тие преку ноќ станат за него и неговата влада прифатливи европски критериуми? Дали Ковачевски ќе и го овозможи на владата на Петков она што не и успеја на владата на Бојко, усвојување на преговарачка рамка со ЕУ по бугарски терк?

Тоа ќе биде катастрофа и финално предавство кон македонскиот народ кој постепено ќе биде идентитетски редефиниран во долготрајниот процес на преговорите со ЕУ кој ќе следи.

Добро е што овие дефиниции за македонските евроинтеграции конечно излегоа од македонскиот интелектуален underground и добија јасно изразен политички контекст кај најголемата македонска опозициона партија која веќе отворено и без влакна на јазикот прецизно ја посочува и дефинира опасноста од асимилација и бугаризација на македонскиот народ низ процесот на евроинтеграции, доколку се реализира намерата на актуелната неоврховистичка влада на Македонија.

Лошо е што доминантната лева страна на македонскиот плурален простор сè уште останува заробена од неоврховистички натрапници во нејзината врхушка кои ја диктираат политиката што ја води. Лошо е што оние македонски гласачи, патриоти, кои се поддржувачи на социјалистичката опција, немаат вистинска партија-претставник која ќе ги застапува нивните ставови.

Сега е време вистинските македонските социјалисти да направат потег. Да ја отворат партијата кон нови, млади и свежи сили и да станат македонска, а не кратовска социјалистичка партија. Да земат дел од историската обврска и одговорност на свои плеќи и да му понудат алтернатива на македонскиот гласач левичар, патриот, со цел да му зададат удар на неоврховизмот кој најде добра подлога во раководните структури на СДСМ. Потребно е вето и блокада на бизарниот неоврховизам на македонската влада кое што треба да дојдат од сите страни на плуралниот спектар на македонската политичка сцена. Не само од десната.

И на крајот, да се вратиме повторно во реалноста и да не дозволиме овој и ваквите текстови, со бизарноста на темата која што ја обработуваат, да не дефокусираат од нашите секојдневни проблеми.

Наставниците штрајкуваат, се борат за достоинство и егзистенција, народот осиромашува, цените раснат, државата се задолжува со милијарда евра…, а владата никако да падне.

Тоа е нашата реалност!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.