Петар Поп-Арсов

Демократија, систем на државно уредување во кој управува мала избрана група во името на сите луѓе согласно нивната волја. Во светот постојат многу демократски модели на управување поради што за некого многу полесно ќе биде да дефинира што не е, отколку што навистина е тоа што го поимаме или замислуваме како демократија. Тоа е еден несовршен модел на управување со државите кој постојано покажува дека сѐ уште нема подобар и посоодветен кој ќе го штити интересот на човекот.

„Испробани се, и ќе бидат испробани многу форми на владеење  во овој свет на грев и јад. Никој не се преправа дека демократијата е совршена или сеопфатна. Навистина, веќе беше кажано дека демократијата е најлошата форма на владеење, со исклучок на сите други облици кои беа испробани претходно и во меѓувреме.“ (Винстон Черчил)

Најдобра не е, подобра нема!

Демократијата секако дека не е диктатура или автократија, односно владеење на еден човек. Не е ниту пак олигархија, кога управува еден мал дел од општеството. Демократијата не би требало да се поима ниту како брутална мајоризација на мнозинството над малцинството ако тоа подразбира дека интересите на малцинството комплетно би биле игнорирани. Уште помалку, демократијата не смее да се поима како апардхејд во кој мацлинството владее со мнозинството. Тука не се мисли само на етничките малцинства кои што во Македонија имаат ексклузивитет над терминот „малцинство“. Овде се мисли на малцинството граѓани кои што се припадници, поддржувачи и гласачи на опозицијата.

Како што може да забележиме многу е полесно да се каже каква не треба да биде демократијата отколку да го конципираме и доследно примениме моделот кој сметаме дека токму тоа е тоа, демократија.

Ова се години во кои го живееме уникатниот модел на македонската демократија. Да беа само години, добро ќе беше. Се работи за децении во кои преживеавме циклуси и циклуси на сѐ она што претходно го посочивме како антидемократија. Сѐ уште нѐ држи сеќавањето на тоа како поминувавме низ ерите на олигархија, клептократија, авторитарност, анархија и неспособност, па се до апардхејдов како актуелен модел на македонската демократија. И сето тоа го нарекувавме демократија. Да, тоа навистина изгледа како демократија од точката на гледање на оние кои што во моментот се, или во моментите кога биле на власт. За сите останати, за жал, важат претходно набројаните термини.

Сепак, интересен е фактот што во сите тие периоди на развојот на македонската демократија, секој од нас бил во позиција да гледа на нештата од двете спротивни перспективи, при што секогаш бил убеден дека е во право. Некогаш сметал дека во Македонија се практицира демократија, а некогаш диктатура. Тоа се тие двојни аршни на поимање кои секогаш ни пречат кога се на наша штета… и обратно.

Тоа е, се учиме во движење.

Навистина, имаше и периоди на блесоци на македонската демократија, онаква каква што навистина треба да биде. Но, тие блесоци беа краткотрајни и секогаш ставани под контрола на некоја нова, понапредна и надградена форма на супресија на демократските механизми. Секогаш се наоѓаше нов модел, пософистициран од претходниот, модел кој имаше за цел да ги маскира дивергентните иновации и да ги прикаже како најнпредни демократски решенија.

Така е и сега, во моментов!

Го добивме првиот Албанец премиер, технички! Октроиран, наметнат и нелегитимен. Веројатно и нелегален со оглед на тоа што законот налага техничкиот премиер да биде даден од редовите на најголемата владејачка партија. Всушност тој и не е првиот Албанец премиер, туку е првиот премиер од ДУИ. Во СДСМ има членови кои се етнички Албанци и кои можеа да ја задоволат нормата на квазидемократскиот закон за „Пржинска влада“. Но, поентата беше ДУИ да го даде премиерот со цел да се задоволи еден политички договор меѓу Заев и Ахмети. Договор направен зад затворени врати и спротивно на демократската волја на граѓаните. Тоа се тие, меки државни удари кои постојано ја дисквалификуваа и дисквалификуваат демократијата како систем на уредување на македонското општество.

Апартхејдот доби отворена форма и целосна визибилност. Тука не се мисли на апартхејд на расна или етничка основа. Ова е криминално-партиски апартхејд на една политичка партија, ДУИ, која благодарение на слабостите на конфигурацијата на македонската политичка сцена, како и отсуството на политичка волја и сила кај партиите со најголема поддршка кај македонските гласачи,  ја приграби контролата на државата во свои раце. Тој криминално-партиски апартхејд уништува сѐ пред себе. Ја уништува политичката и бизнис клима во државата. Ја наметнува корупцијата како начин на решавање на потребите на граѓаните. Тоа е криминално-партиски апартхејд кој со особен интерес и задоволство уништува сѐ што припаѓа на албанскиот политички блок кој што е контра ДУИ. Дури го уништува и она од внатре, во партијата, сѐ што се спротивставува на криминално-партискиот модел на апардхејд.

Верувам дека мнозинството Македонци немаат ништо против, Македонија некогаш да добие легитимно избран етнички Албанец за премиер. Човек, интегриран во македонското општество, политичар кој никој нема да го гледа според неговата етничка припадност, туку како кадар способен да ја води државата. Тоа ќе биде првиот вистински премиер од албанска етничка припадност.

Овој што е сега, тој е трагичен лик. Лик кој ќе го паметиме како премиер наметнат на сила. Како плод на политички уцени и недемократски договор врз партиско-мафијашка основа. Човек кој учествуваше во создавањето на проблемот и кој постојано учествува како единствен и незаменлив ексклузивец на сите врвни  функции во државата. Лик, чија што единствена амбиција е кога ќе се пензионира да седне во локалната селска чајџилница и да евоцира спомени за тоа како тој некогаш бил сѐ она што бил. Таков ни додели нашата демократија.

Не дека и во минатото не сме гледале поставување на премиери кои не трчале на изборите во својство на кандидати за таа функција, или пак немало поставување на министри кои никогаш не излегле на избори како кандидати ниту пак добиле еден глас од народот. Не дека и во минатото на министерските фотељи не беа поставувани ликови кои беа вадени од фиока (со исклучок на еден нивни дел кој секогаш остануваше во фиока заради „безбедносни причини“) и кои немаа превземено никаква обврска кон гласачите. Некои од нив ја искористија шансата и за среќа се покажаа и како квалитетни и успешни во својата работа, но поголемиот дел се веќе одамна заборавени.

Сепак, ваквите примери на деструкција во македонската демократија, во споредба со ова што го гледаме денес, се многу помали и со значително помал негативен импакт. Независно од тоа што секое изместување од демократските процеси претставува форма на мек државен удар, тие сепак се ултра меки во споредба со „цврстината“ на последниов државен удар кој како процес беше започнат со „Тиранската платформа“, а кој во моментов ја исполнува својата зацртана цел… благодарение на Заев и Ковачевски, оф корс.

Самите сме си криви! Буквално самите или како што би рекол Џорџ Бернард Шо: „Демократијата е нешто кое што гарантира дека нема да бидеме управувани подобро отколку што заслужуваме“.

Решението ќе го бараме на претстојните избори. Секако дека ќе го најдеме, ако ништо друго барем до следната иновација во македонската демократија. А, кога сме кај решенијата, има една многу мудра мисла на еден познат „колега“ на нашиов технички.

„Не можеме да ги решиме нашите проблеми со истиот начин на размислување што го користевме за да ги создадеме“. – Алберт Ајнштајн

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.