Предраг Димитровски

Премиерот намесник Димитар Ковачевски, во последното Само интервју, ни призна дека на неодамнешното предавање пред идните дипломати во Виена добро сме го чуле. Настапил професорски. Па жаргонски, наместо храброст, навистина го употребил терминот „мадиња“ или ти на англиски balls, покрај разумот, при носењето тешки политички одлуки.

И додека на новинарот водител му беше непријатно дури и да го спомене зборот на македонски јазик, заради угледот на телевизијата и почитување, пред се, на политичката култура, нашиот Таче мува не го лазеше. Ни ги сервираше неговите „мадиња“ и ни одржа кратка лекција по „професура“ и дипломатска историја, упатувајќи не на говор на последниот лидер на некогаш моќниот СССР, Михил Горбачов, под чија палка тој се распадна како кула од карти. За волја на вистината се обиде да не убеди дека и други светски лидери го користеле истиот жаргон, но, за жал, притоа не спомена ниту едно друго име. Не му текнуваше, де, а не дека немало.

А, ќе беше добро да спомене, зашто примерот со Горбачов беше исклучително лош. Не дај Боже како Република Македонија да го доживееме искуството на некогашниот СССР, иако барем спокојно го поминавме распадот на некогашната југословенска федерација. Но, за жал, „македонцките работи“ не се одвиваат во вистински правец, што се потврдува со сите можни анкети.

Големо прашање е дали Таче така безрезервно ќе ни ги нудеше своите „мадиња“, ако не беше премиер намесник и ако не беше типична марионета, гол послушник во рацете на светските моќници, и целосно анационален тип, кој по примерот на неговиот претходник го продава идентитетот на Македонците како обичен џамбаз на кумановскиот ат пазар. Зашто, тоа што сака да ни го шитне како шибицер не е храброст, туку чисто лудило од војничко ве-це.

Ах, да, за малку да заборавам дека поради здравствени проблеми премиерот намесник нема ни ден војничко искуство, па затоа и не ја знае основната порака „овдека и најхрабрите се иска..ваат“.

Таче може има „мадиња“, ама пред да влезе во војничко ве-це и да се соочи со пораката би било добро на време да си ги заврши „работите“ и да гледа да не му падне сапунот. Зашто, после ќе му биде доцна. И тогаш ќе нема Македонец, кој нема да му вика „Таче нема туле, Таче нема туле…“.

Премиерот намесник, заедно со неговите политички газди и медиумски и интелектуални платеници сакаат да убедат 80 отсто од Македонците дека црното е бело и обратно, дека белото е црно. Сакаат да ги убедат дека т.н. француски, а во суштина чисто бугарски предлог е добар и оти не задира во нивните чисто идентитетски прашања. Никако да сфатат дека нешто што не се брани, не се брани, па мајка јана нека е.

Ова дотолку повеќе по немилиот настан на ракометното куп-финале во Охрид. Полицискиот пендрек врз Филип Талевски е чист како солза пример за злоупотребата на политичката моќ и манифестирање тоталитарно политичко насилство од најдолен вид, пренесено од владин и собраниски на ракометен спортски терен, што само дополнително ги фрустрира Македонците. А, во такви околности никој не ќе може да ги спаси „мадињата“ на Таче од разумот на Македонците.

Толку за Тачета.

Сега нешто за министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тоа е чудо едно колку е лесен во паметот од аспект на непознавање на македонско-бугарските односи и меѓусебната историја. И тој по теркот на првиот вицепремиер Артан Груби, кој зимата лани не убедуваше дека работите можат да се завршат за шест месеци, сега ни продава евтина урда дека со вметнувањето на македонските Бугари во Уставот немало никому ни влакно да му фали.

Во оваа гола флоскула може да веруваат само наивните и политички неписмените. За платениците од секаков вид, пак, не сакам ни збор да трошам. Сите на купче сега се во фаза како кога Зоран Заев не молеше да ја кажуваме придавката северна пред името на државата Македонија. Разликата е во тоа што сега овие не молат да викаме дека сме Македонци само од 1944 година наваму.

Но, ова е само една страна од медалот. Втората е перфидната манипулација на Османи дека, парафразирано, имал чувство дека македонската опозиција како да имала договор со бугарските радикали и десничари во отпорот кон т.н. француски предлог, нормализирање на односите меѓу двете држави и конечно отпочнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

А, не така под појас Бујар. Ако си дозволуваш речиси секојдневно да го минимизираш и омаловажуваш нивото на политичката култура на етничките македонски Албанци од чисто клиентелистички причини, тоа не смееш ни да помислиш, а камо ли да го правиш со политичката култура на етничките Македонци!

Ваквото изедначување на бугарскиот шовинизам со македонскиот национализам е враќање назад и чисто удб-ашка матрица. Зашто, една од основните линии на работа на комунистичката/социјалистичката тајна полиција во пресметката со партиските неистомисленици била линијата именувана како „врховизам и македонски национализам“. А, тоа се две неспоиви работи, две крајности, кои немаат никакви допирни точки. Со други зборови, Бујар Османи го изедначува македонизмот со неговата негација-врховизмот и се обидува да меша масло со вода!

Не Бујар, не одат така тие работи. Таму каде што ти штепуваш, ние се протнуваме.

Ако си толку мангуп, ајде кажи барем еден актуелен бугарски политичар, кој излегол од нивната шовинистичка матрица! Нема таков, па и меѓу најлибералните претставници. Впрочем, иако либерален, дури и Кирил Петков успеа да ни го смести со т.н. француски, а во суштина бугарски предлог.

Доколку беше поинаку многу работи ќе беа поинакви, а не какви што се. И за тоа е најмалку виновна македонската опозиција. Напротив, виновна е власта, која им се нуди и на странците и на Бугарите како Ратка пиратка.

Затоа Бујар, еднаш проба, другпат не се ни обидувај да ни продаваш евтина урда на сметка на македонската опозиција.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.