Петар Поп-Арсов
„Европа да не дозволи во 21. век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ“.
Што тука не е јасно? Кој дел од реченицата е спорен? Чуму потребата од канонада на реакции и напади на провладините медиуми на оваа теза зад која застана претседателот на најголемата опозициона партија, Мицкоски? Можеби реченицата ги погоди во нерв па сведочиме на серија од толкувања, објаснувања и дообјаснувања што тоа било кажано?!
На оние на коишто им е јасно што е тоа што е кажано во оваа една реченица, тие не мора да продолжат да го читаат текстов понатаму. А, за останатите, особено за оние со спротивно мислење, ќе направиме обид да го споделиме сопствено толкување за супстанцата соддржана во таа, само една реченица.
Ако гледаме низ призма на геополитиката и низ призма на тековната војна во Украина, се поставува прашањето кој е тој што има интерес од блокадата на евроинтеграциите на Македонија? Кој има интерес од дестабилизација и кочење на земјите од Западен Балкан во процесот на нивното целосно интегрирање во Европската Унија? Дали е тоа САД, дали е тоа Европа или можеби тоа е Русија?
Европската Унија, особено САД, немаат интерес од оневозможување евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Тоа е барем јасно, особено кога гледаме од аспект на нивните моментални геополитички интереси. Во исто време, ако гледаме низ друга призма, како што се, на пример, постигнатите резултати, воспоставените вредности и стандарди, реализираните реформи или исполнетите критериуми, ЕУ и САД можат да ни најдат многу, многу пропусти и недостатоци. Но, овие аспекти во моментов се секундарни и, малку да претерам, неважни во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во Европа. Брисел и Вашингтон дефинитивно имаат интерес од целосната интеграција на Македонија и земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
А, Русија?
За Русија не можам да гарантирам. Нејзините геополитички интереси се спротивни од оние на САД и ЕУ и секој логичен заклучок кој произлегува од досегашните политики и однесување на Русија се сведува на тоа дека таа земја не сака да нѐ види во ЕУ во скоро време. Не дека ние сме некој значаен фактор или сме причина поради која Русите имаат таков став. Едноставно, во нивни интерес е да им „отвораат работа“ на Американците и Европјаните за да овие се занимаваат со нас, комлицираните Балканци, што е можно подолго.
Одиме понатаму! Доаѓаме до поинтересните и веќе, со голо око видливи нешта.
Кој ја прави блокадата? Кој ја блокира Македонија на патот кон ЕУ? Кои се наметнатите барања што треба да ги исполни Македонија за да може да ги продолжи евроинтеграциите?
Зарем треба одговор?! Зарем треба да кажеме дека тоа е Бугарија?! Зарем треба да повториме дека од нас бараат промена на толкувањето на историјата и доброволно да влеземе во процес на сопствената асимилација?! Зарем треба да го цитираме „освестениот“ Османи, кој после две години и после текстови и текстови кои што му ги напишавме, конечно призна дека барањето за влегување на Бугарите во Уставот нема да биде последниот услов што Бугарија ќе ни го постави на патот кон ЕУ?! Зарем треба признанието на Османи да го употребиме како паралела со која ќе ги докажеме констатациите дека токму владата на Ковачевски ја доведе Македонија во состојба на самоблокада?!
Не треба!
Веќе на сите ни е јасно!
Единствено што може да заклучиме во контекст на првата реченица од оваа колумна е дека Бугарија е таа што нѐ блокира на патот кон ЕУ и следствено на тоа, Бугарија е таа која што води политика спротивна на геополитичките интереси на САД и ЕУ!
Како дојдовме до тука? Како бевме доведени во вака инфериорна ситуација од која не се гледаат излезот и решенијата?
Зарем треба да повториме дека Заев, со своите сервилни „добрососедски“ политики за „с’штиот народ“, до таа мера ја дразнеше и поттикнуваше бугарската политичка јавност со што предизвика значително подигање на бугарските очекувања и амбиции во однос на Македонија. Зарем треба да повториме дека она што претходно беше само став на историчарот Божидар Димитров и кое што беше незамисливо да се чуе од официјалните бугарски претставници, стана официјална политика на Бугарија кон Македонија, само и само благодарение на политиките на Заев.
Зарем треба да повториме дека наследникот на Заев, Ковачевски, со огромна леснотија го прифати бугарскиот диктат?! Зарем треба да повториме дека тој прифати обврски кои далеку го надминуваат неговиот мандат?! Го надминуваат во секој поглед, односно во поглед на содржината на политиката на СДСМ која што не беше дел од ветувањата на претходните парламентарни избори, така и во поглед на квантитет, односно недоволниот број на пратенички мандати кои што ги има за реализација на една ваква обврска која што ја прифати самиот. Човекот нема врска со политичката реалност, со политичката култура и со технологијата на процес при определувањето, дефинирањето и спроведувањето на политиките. Самиот се договорил, самиот прифатил, а сега сите ние треба да му гласаме!
Апсурд!
Тоа е Ковачевски! Човекот кој што ги продолжи сервилните политики на Заев. Човекот кој што ѝ овозможи полесен начин на Бугарија да продолжи со блокадите на македонските евроинтеграции. Човекот кој што свесно или несвесно нѐ внесе и херметички нѐ затвори во прецизно проектираниот лавиринт за остварување на руските геополитички интереси во однос на земјите од Западен Балкан и нивната интеграција во ЕУ. Тоа е човекот кој што на зборови е силен европеец, човекот чија што реторика е проевропска и проамериканска, но тоа е и човекот кој што во спрега со бугарската политика и со своите дела го постигна токму спротивното. Тоа е човекот кој што де факто, во пракса, на терен, во реалност и на јаве спроведува пробугарска асимилаторска политика во Македонија. Политика која што, ако ја доведеме во контекст на првата реченица од оваа колумна, слободно можеме да ја дефинираме како асимилаторска, антизападна и проруска.
Ова би било логичното толкување на повикот на Мицкоски. Повик кој што со таа, една реченица им кажува на САД и ЕУ дека секоја поддршка на политиките на Ковачевски е поддршка на руските политики на Балканот. Една реченица која кажува дека Заев и Ковачевски, сѐ што правеа и прават, прават за да бидат и останат на власт. Реченица која им кажува дека актуелната власт води политика на „купи ден, помини“, политика маскирана зад европските вредности, и политика која во суштина резултираше со ќорсокак за македонските евроинтеграции.
Не е тешко да се извлече заклучок дека мотивот за ваквиот повик и ваквото укажување е одбраната на националните интереси на македонскиот народ. Не е тешко да се заклучи дека повикот не е израз на сервилност која во прв план ги става геополитичките интереси на ЕУ и САД, туку е израз на нешто кое што укажува дека одбраната на националните интереси на македонскиот народ од асимилаторските политики е на иста линија со геополитичките интереси на западните партнери. Тоа е став кој укажува дека борбата за одбрана на македонскиот идентитет е „во војна“ со политиката на блокади на евроинтегративниот процес и дека е контра сите оние кои што оваа блокада ја користат како алатка за спроведување на асимилаторските политики врз Македонците.
Што тука не е јасно?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.