Првин да расчистиме една основна работа. Оној кој што е дел од проблемот, не може да биде дел од решението! Оној кој што го создал проблемот или пак во најмала рака не сторил ништо за превенција или негово сузбивање, не може да биде носителот на процесот на неговото решавање, точка.

Бујар да ти бил најголемиот антикорупционер?! Ќе водел борба со корупцијата?! Овој човек нема ниту срам, ниту образ, ниту пак достоинство. На најбезобразен начин се дрзна „да нѐ мачка“ со слаткоречиви дневнополитички изјави и да нѐ убедува дека токму тој ќе нѐ спасел од корупцијата. Човекот кој што министеруваше и министерува кај четири премиери, конечно разбрал дека во Македонија постои корупција. Човекот којшто до вчера беше „Пациент“ сега сака да стане лекар.

Од друга страна кај премиерот Ковачевски терминот корупција е на последното место. Човекот би зборувал за сите теми, независно од тоа што темите кои што ги третира се сведени само на празна реторика, без или со многу малку аргументи. Зборува за многу нешта, но не и за корупцијата. Се крие зад независноста на судството оставајќи му простор самото да се справи со оваа болест. Демек судството е независно?!

Господине Ковачевски, никој не очекува од вас да се мешате во работата на судиите и обвинителите, особено не на оние кои совесно си ја вршат работата, но затоа сите очекуваме да водите ефикасна борба против корупцијата кај оние другите кои ја загрозуваат и компромитираат целата земја. „Одозгора на тога“, корупцијата не е само во судството, ја има насекаде, во сите пори на општеството. Ја има и во „македонските телекоми“ каде што веќе излегуваат сериозни индиции за директна вмешаност на Ковачевски во коруптивни скандали?

Ќе има ли реакција од македонските органи на прогонот за ваквите укажувања кои на големо се присутни во јавноста? Ќе има ли реакција на обвинувањата дека токму Ковачевски е еден од раководителите на телекомот кој примил коруптивна награда и овозможил монополска позиција во телекомуникацискиот простор во Македонија.

Да упростиме со објаснувањето. Информациите кои што се споделуваат во јавноста го обвинуваат Ковачевски дека земал пари за да овозможи создавање на монопол во Македонија… монополот испумпува повеќе пари од нашите џебови… со други зборови, нашите пари отишле во џебот на Ковачевски?!

Точно ли е ова?

Што правиме со Спасовски? Уште еден капиталец во владата на Ковачевски, кој и самиот еден период беше Претседател на владата. Води министерство кое по дефиниција треба да се бори против секаков вид на криминал и корупција. Да се бори, а не да биде легло на криминал и корупција. Случајот „Онишченко“ е само потсетување на сѐ што се случува во континуитет во МВР на тема издавање на македонски пасоши на странци со вистински или лажен идентитет. Случајот „Онишченко“ е уште една потврда за МВР на Спасовски како меко ткиво на безбедносниот систем на НАТО. Зарем ќе поверува некој дека Онишченко, човек кој што се наоѓа на некаква црна листа, туку така се здобил со македонско државјанство без „дебело да подмачка“?! Како бе Оливер токму за време на твоево министерување се случуваат вакви работи? Или немаш никаква контрола или ти си тој што контролира сѐ што е поврзано со криминалот во МВР?!

И едното и другото не чинат!

Имајќи го во предвид погоре кажаново не знам дали да ја сметам најавата на американското вклучување во борбата против македонската корупција како изненадување или како нешто сосема очекувано. Помош дефинитивно ни е потребна. Но ваква експлицитна помош до степен на суспендирање на македонските институции, како и целосна дисквалификација на суверенитетот на државата никогаш до сега не била волку отворено демонстрирана. Изгледа дека многу сме ја оплескале. Додека корупцијата ја јадеше државата и беше на товар само на македонските граѓани постоеше одредена толеранција кај партнерите иако постојано ни беше кажувано дека тоа е огромен проблем.

Сега, кога се загрозени американските интереси и е загрозен безбедносниот систем на НАТО започнува ново поглавје во борбата против корупцијата. Дали оваа борба ќе се фокусира само на одбрана на американскиот интерес или ќе биде фронтална борба против коупцијата, ќе видиме, но и во едниот и во другиот случај борбата со локалните велемајстори ќе им биде тешка на американците.

Каков е тој тим за борба против корупцијата? Кај се обучувале? Кои случаи на корупција ги имаат решено во САД? Со какво искуство се имаат стекнато во пракса, особено ако знаеме дека ќе се соочат жилавата корупциска репрезентација на Македонија која е светска велесила во однос на САД?!

Да не испадне на крајот сѐ да се сведе само на борба против корупција колку да се уценат и примораат доволен број пратеници за да се смени Уставот па да си ги спакуваат куферите и да се вратат назад?! Досегашната пракса на интервентно спроведување на политиките на Балканот, особено кога требаше да се направат посериозните политички исчекори, поместувања или промени, секогаш започнуваа со укажувањата за потребата од борба против корупцијата.
Македонските граѓани многу очекуваат од оваа епизода. Секое изместување на фокусот од вистинската борба против корупцијата целосно ќе го урниса веќе и така загрозениот кредибилитет на стратешкиот партнер.

Затоа, да му дадеме шанса на тимот, но и да останеме со отворени очи! Нека почнат од врвот, од Ковачевски и нека ги расчистат наводите за неговата вмешаност во коруптивни скандали. Рибата секогаш смрди од главата! Потоа нека одат по ред, ако треба и до најниско ниво.

Очигледно САД стануваат свесни дека ЕУ е политички неспособна и правно парализирана да овозможи продолжување на евроинтегративниот процес на балканските земји и работата ја земаат во свои раце. Европската инертност, со секој поминат ден создава поволна клима за згоелемување на криминалот и корупцијата, но и за појава на алтернатива на проевропските политики на Балканот. Ваквата неспособност почнува да има сериозни импликации и врз стабилноста на регионот кое што сериозно се манифестира преку примерот со дестабилизирањето на северниот дел на Косово.

Европската унија, која и самата се соочува со мега корупциски скандал во рамки на Европскиот парламент, сега би требала да спроведе кредибилен скрининг на состојбите во Македонија, особено во рамки на поглавјата посветени на правосудството, правдата и безбедноста. Како да го спроведе тоа? Во партнерство со кого? Со Ковачевски?

Мало сутра!

Оние кои што се дел од проблемот, не можат да бидат дел од решението!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.