Петар Поп-Арсов

Работата станува поприлично заплеткана!

Во блокот партии кои ја претставуваат албанската етничка заедница во Македонија имаме внатрепартиски превирања, меѓупартиски натегања и коалициони пазарења за поделба на власта. За некого непланирани и непосакувани, но за некој друг сосема добредојдени. Впечаток е како да не помогна ниту средбата во Тирана на која Еди Рама требаше да ги превенира негативните ефекти од операцијата „сите албански партии во иста влада“, особено во делот на отстапување на парче од колачот од едните на другите. За нив не е проблем што ќе се зголеми мнозинството на власта и што ќе имаат нов владин партнер со кој ќе се обидат да ги протуркаат уставните измени, туку проблемот е во тоа што треба да отстапат дел од своите министерски и директорски места.

Ставот на Алтернатива на Гаши најпрецизно ја потврдува оваа констатација:

„Имаме принципиелен став – кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот. Најпроблематично во целиот процес е што начинот на кој се водат овие разговори, само го разводнува целиот блок партии коj е за ЕУ интеграции. Каква порака кон оние кои го поддржуваат ЕУ проектот праќа овој начин на преговори? Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се отуѓат од овој блок“

„Не сакаме да веруваме дека некој сака да го наруши про-европскиот коалициски капацитет. Кој мисли дека лесно може да ги наруши тие принципи, ќе плати висока цена. Ние сме подготвени за сите предизвици“

Или во превод, СДСМ има проблем, тие треба да ја платат цената! Ковачевски има проблем, тој треба да отстапи министерски и директорски места за новите. Во спротивно, нема ЕУ, нема уставни измени, нема преговори, нема евроинтеграции, бла, бла… и сите останати фрази и флоскули кои одат како прилог на секоја демагогија која се затскрива зад европските интеграции на Македонија. Едноставно е, власта е послатка од сите европски вредности и процеси кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на македонските граѓани.

Алијанса на Таравари добива на цена. Не дека расне како политичка партија или го зголемува своето влијание на теренот, туку сега е моментот кога може политички да се валоризира. Оваа партија го освои и се утврди во Гостивар и веројатно се свесни дека тоа е нивниот максимум од кој само можат да одат надолу. Од тие причини, речиси со нескриено воодушевување го дочекаа моментов во кој стануваат фактор за реализација на превземените обврски од страна на Ковачевски за исполнување на француско-бугарскиот предлог бетониран како став на ЕУ. На Алијанса не и е гајле што ќе се наруши политичкиот плурализам кај претставниците на абанската етничка заедница, ниту пак и е гајле што друга албанска партија уценува со сопственото напуштање доколку дел од нејзините министерски ресори преминат од Алтернатива кај Алијанса. Важно е да се лапне некој ресор па после Ковачевски нека му ја мисли и нека ја плаќа цената (Сигурно нема да ја плати од свој џеб!).

Во ДУИ немаат проблем со останатите албански партии, односно имаат таман толку колку сето тоа да личи на нормална демократија во која на крајот од денот тие секогаш се победниците кои го имаат контролниот пакет во владите на СДСМ. Препукувањата во нивните редови на релација „Огнените“ против Груби, како да не го загрижуваат Ахмети, исто онака како што него загрижуваат ниту превирањата меѓу останатите партии од овој блок. Единственото нешто кое што го загрижува е семакедонската коалиција дополнета со останатите албански партии минус ДУИ. Тоа е единствениот предмет на грижа, не толку поради евентуалното македонско обединување колку поради зеленото светло и благословот кој што би дошол од стратешките партнери за евентуалниот ваков исход. Тоа навистина ќе претставува силен удар за врвот на ДУИ, многу посилен од сите алтернативни „скокоткања и чешкања“ кои се нарекуваат „удари“ од внатрешни или надворешни алијанси стокмени против нив.

ДУИ суверено ги држи своите ресори и воопшто не станува збор за нивно повлекување од некои од нив во прилог на евроинтеграциите, почетокот на вистинските преговори (владата веќе ги започнаа оние другите, преговорите на божемски), отворања на поглавјата и сѐ останато што се користи како терминологија за одвлекување од вистинските цели и интереси… практикување на власта. Веќе се подразбира, и без да излезат со соопштение како во случајот на Алтернатива, дека цената треба да ја плати тој што го има проблемот, Ковачевски.

СДСМ, особено Ковачевски имаат реален проблем. Ковачевски презеде обврска за уставни измени, а нема мнозинство! На избори не смее да оди, рејтингот е нула! Не само што ќе немаат уставно туку ќе немаат ниту владино мнозинство. Функционерите им крадат, корупцијата цвета, осиромашувањето и инфлацијата галопираат. Заев му се меша во партијата, Рама во владата, а бугарските премиери, вицепремиери, министри, пратеници, европратеници, историчари, шофери и чистачки му се мешаат во сите институции на државата. Како да спроведе уставни измени, како да тера евроинтеграции кога и тој самиот сака да лапа од власта? Сака бизнис со струја, бизнис со ова, бизнис со она. За него воопшто не е судир на интерес и е сосема нормално неговата сопруга (демек таа, а не тој) да започне бизнис во енергетскиот сектор додека тој е премиер.

Луѓе, зарем толку останавме без памет и чувство за заштита на сопствениот и општиот интерес што го дозволуваме ова и нема сериозна реакција на ваквата дрска провокација од македонскиот премиер?!

Какво двотретинско мнозинство, какви глупости! Тоа е само параван кој треба да овозможи временски простор до следните редовни избори во кој што период Ковачевски ќе го „товари магарето“ како единствен „стратешки“ интерес на оваа власт. Тој воопшто не е поразличен од неговите албански коалициони партнери на кои веќе им препушти многу поголема власт отколку тоа што го предвидува нормалниот етнички баланс како формула за одржлив и квалитетен соживот.

Во Македонија во моментов нема услови за уставни измени! Па и да се случат, зарем ќе следува потоа некој спектакуларен спринт кон Брисел? Пак ќе има блокади! Ќе си најдат изговорсоседите. Дали тоа ќе биде Гоце Делчев, Царот Самуил или пак повторно ќе биде натепано некое индоктринирано детиште кое со промената на сопствениот идентитет самото ја загрозило сопствената безбедност и се довело во состојба да стане цел на напад токму од истите тие во чии што прегратки се втурнало. Ќе си најдат тие причина или самите ќе си ја создадат и испровоцираат. Шоуто секако дека мора да продолжи!

Се поставува и друго прашање! Кој ќе ја валоризира евентуалната промена на македонскиот устав? Во Бугарија нема влада! Барем нема политичка! Со денешното враќање на третиот мандат од страна на бугарските социјалисти пропаднаа сите обиди за формирање на влада од страна наовој собраниски состав. Пак ќе одат на избори! Без оглед на тоа што заглавија во македонската кал, во однос на ЕУ, Бугарија секогаш ќе биде во поповолна позиција од Македонија. Која е гаранцијата дека идната бугарска влада ќе ги исполни обврските кои што ги презеде тогашната влада на Петков? Да не се случи нешто ново? Да не се испорача некое ново барање зачинето со нова блокада?

Факт е дека ЕУ и САД имаат интерес од стабилизирање на состојбата на Балканот, вклучително и односите меѓу Македонија и Бугарија. Но, факт е и дека се потешко им оди во тој поглед. На Косово имаат проблем и ќе се обидат да го решат со едноставно пресекување на гордиевиот јазол. Српски општини ќе има со, или без Курти! Ако не оди како што зацртале, ќе се обидат работата таму да ја завршат на мускули. Тоа е јасна индикација дека и кај нас работата поврзана со уставните измени ќе се турка на мускули само и само да се впише поен плус. Да се впише,без разлика што тој поен можеби ќе биде недоволен за финална расплеткување на гордиевиот јазол и откочување на процесот на евроинтеграции. Тоа е, долгите и исцрпувачки натпревари се играат на поени, а на претендентите за тронот секој поен им е добредојден, ѝ се допаѓало тоа на публиката или не.

Штета што во овој историски момент нас, Македонците, нѐ претворија во публика и се помалку нѐ има на теренот! Но, тоа е тема за друг муабет.

Работата поврзана со уставните измени и македонските евроинтеграции навистина стана поприлично заплеткана! Да се реши со примена на демократските начела во овој собраниски состав, не може! Да се решава преку демократски избори, пак не може! Тоа што на времето посочувавме дека прифаќањето на францускиот предлог е вовед во самоблокада на евроинтеграциите и долготрајна политичка криза во Македонија, денес се покажува како вистина во целото свое светло.

Затоа,констатациите дека партиите на власт ги користат евроинтеграциите само како параван зад кои поделбата на ресорите, опстојувањето на власт, бизнисот со струја, коруптивното владеење и останатите криминали за кои секојдневно се пишуваше минативе години, се сосема логични и веродостојни.

Ковачевски и останатите сакаат да практикуваат власт! Само власт!

Европски вредности, европски стандарди, европски критериуми, НЕ!

Не сакаат!

Кога на некој што се дограбил до власта со помош на ЕУ реториката подоцна му биле потребни ограничувањата содржани во европските критериуми(ако воопшто има критериуми во денешно време)?

Никогаш! Нема ни сега!

А, јазолот?

Јазолот ќесе сече, нема да се расплеткува!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.