Петар Поп-Арсов
„Проблемот е решен!“, рече Оливер Спасовски во неговото последно телевизиско гостување во врска со промента на личните документи и продолжи да „аргументира“ во негов стил.
Човекот е надвор од реалноста. Како да живее во друг свет, во друга земја или на друга планета. Како да не гледа што се случува со процесот на промената на личните документи и како да не постои никаква емпатија со граѓаните кои се заглавени во лавиринтите на домашното и меѓународното право. Од интервјуто се стекна впечаток дека тој во ниту еден момнетн да влегол во положбата на еден обичен граѓанин кој секојдневно се бори за егзистенција. Како сосема да заборавил дека немаат сите дипломатски пасоши, немаат можност да извадат докумнети преку ред или преку врски, или пак моќ во секој момент да го направат она што тој го можеше.
Заборавил и дека развиениот и организиран свет кон кој се стремиме, функционира врз принципот на владеење на правото, а не врз принципот на владеење на правно-политичките импровизации. Светот функционира врз база на дефинирани правни норми, особено на оние кои имаат меѓународен карактер. Она што функционира кај нас врз база на дефинирани или импровизирани законски норми, не функционира во меѓународниот правен систем. Оливер Спасовски тоа ниту го антиципирал во минатото ниту пак го гледа во сегашноста. За него проблемот е решен. Тој не е виновен, ниту пак одговорен.
Народот си е крив!
Вака некако се одвиваше интервјуто на поранешниот долгогодишен министер за внатрешни работи во владите на неколку поранешни премиери. Дури и самиот беше технички премиер за време на спроведувањето на изборниот процес во 2020 година. Запрепастувачки беше да се слуша размислувањето на еден ваков политичар, кој бил на исклучително одговорни и сложени позиции. Шокантно и за неверување беше да се восприема неговата логика со која очајнички се бореше да не убеди дека тој е оној добриот, а некои други се лошите, дури и самите граѓани кои останале со старите лични документи.
Се поставува прашањето, зошто воопшто излезе на тоа интервју? Што сакаше да постигне со тоа гостување во услови кога перцепцијата за тоа дека Оливер Спасовски е најодговорниот човек за целиот овој хаос во државата, е бетонирана?! Со кој памет се појави пред „раздразнетиот“ новинар кој ја искористи животната шанса да го направи своето најпредаторско интервју во кариерата?! Буквално го раскина соговорникот со наједноставни аргументи кои предизвикаа чувство самите да се срамиме од она што го слушавме од Оливер по онаа народната… „ме отепа туѓата срамота“.
По се изгледа дека Оливер Спасовски сѐ уште живее во она бајковито време на распродажбата на државните интереси. Време кога тој имаше метеорски успон во политичка кариера. Тој изгледа верува и се надева дека тој успон би можел да продолжи и сега со добивање на кандидатурата за претседател на државата и запоседнување на вилата на Водно?! Зарем Спасовски навистина живее во друг свет и не сфаќа што (не)сработа и во каква незавидна положба нѐ доведе како граѓани, па се одважи да излезе на интервју за да не убедува дека ние самите сме си криви?!
Не би ги повторувал сите оние аргументи кои што беа употребени од страна на новинарот со цел да му се илустрира на Оливер што всушност тој направил во текот на своето министерување во врска со процесот на промената на документите. Имаше безброј поенти кои беа сублимација на сето она што го слушаме од граѓаните кои се соочуваат со овој, за Спасовски „решен проблем“. Ќе се заддржам само на една поента и заклучок која произлегува од одговорот и одбраната на Оливер во однос на кривичната пријава која што ја доби заради издавање на несоодветни докумнети во периодот од 2019 до јули 2021 година, со што нанел штета на државниот и личниот буџет на граѓаните.
Оливер Спасовски е посочен со прст и со кривична пријава дека загубил цели две години во процесот на замена на документите при што издавал невалидни документи за кои знаел дека рокот на важноста истекува многу порано од рокот наведен во документот кој што бил издаван. Интересна беше неговата аргументација во врска со оваа злоупотреба на службената положба од негова страна. Тој се брани дека при замента на личните документи загубил драгоцено време со цел да ја сочека имплементацијата на Законот за јазици за потоа да започне со издавањето на новите обрасци.
Оливер требало да знае барем една работа!
Преспанскиот договор има меѓународна димензија, а Законот за јазици, не! Промената на личните документи согласно Преспанскиот договор има импликација врз македонските граѓани насекаде во светот, а Законот за јазици само дома. Преспанскиот договор кој што го испреговара и потпиша гарнитурата на Спасовски, е депониран во ООН и како таков е составен дел од меѓународното право. Законот за јазици е дел од домашните политички вратоломии и слабости на политиката на СДСМ и нема никаква врска со меѓународните стандарди, особено не со оние соддржани во одредбите од Европската повелба за регионални и малцински јазици на Советот на Европа. Со непримената на законот за јазици во патните документи граѓаните сега немаше да бидат враќани од граничните премини. Но, со непримента на одредбите од Преспанскиот договор во делот на патните исправи, македонските граѓани буквално се притвореници во сопствената земја и земјите во кои се затекнале на 12ти февруари. Сето тоа благодарение на политиките и неспособноста на актуелната власт.
Тука е суштината и најголемата слабост во аргументацијата и одбраната на Спасовски. Тој имал обврска да постапува според словото на законот, а не да го чека исполнувањето на „Тиранската платформа“ како политичка обврска на СДСМ. Паралелната имплементација на Преспанскиот договор и „Тиранската платформа“ во однос на личните документи е политички мотивирана одлука од која бенефит имал токму Оливер Спасовски и неговата партија. Неговиот политички бенефит, заради опстанок на владите во кои партиципираше, денес претставува загуба за македонските граѓани, како од материјален аспект така и од аспект на граѓанските права.
Оливер Спасовски е од Куманово. Ние во Куманово го познаваме него само како партиски апаратчик. Човекот од партиските штабови. Тој не е познат како културен или спортски работник, ниту пак како некој спортист, уметник или пак како хуманитарец или активист во невладиниот сектор. Не го познаваме ниту како угледен правник, адвокат или судија кој подоцна станал врвен политичар. Оливер знаеме ниту „од град“, улица или од кафана. Оливер Спасовски е класичен партиски активист, кој освен во рамки на партискиот живот тој нема друга социјална димензија препознатлива за граѓаните.
Тука лежи одговорот зошто Оливер Спасовски излезе на ова самоубиствено интервју. Тука лежи одговорот зошто тој нема никаква емпатија кон своите сограѓани. Тука е одговорот зошто тој мисли дека нема никаква вина и одговорност во неговите постапки како министер. Неговата партиска ограниченост го оневозможува да види колку е крив и колкава штета им нанел на македонските граѓани. Тој дури не е ни свесен што направил, односно не направил.
По се изгледа дека освен за органите на прогонот, работа ќе се отвори и за психолозите и социолозите со цел да утврдат како се доведовме во оваа состојба и каде е излезот од неа?! Ова е сериозен проблем на македонското општество и македонската држава. Учеството на партиски апаратчици во највисоките политички кругови, на луѓе без никаков дополнителен општествен или социјален бекграунд се покажа како опција која нѐ води во состојба од која трпиме штета како држава, но и како поединци. Продолжувањето на ваквата пракса на поставување на асоцијални и еднодимензијални кадри на врвните политички функции во државата само ќе ја потврди констатацијата на Спасовски… граѓаните се криви!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.