Петар Поп-Арсов

Тешко се живее со влада која нема поддршка од народот!

Уште потешко се функционира со влада која е свесна за својот одамна изминат рок на траење. Тешко се излегува на крај со влада која како давеник повлекува кон дното се што ќе допре и фати, во надеж дека можеби сепак ќе се спаси. Навистина тежок ќе биде периодот кој следи, период на недефинирана конфигурација на македонската политичка сцена. Период кога оние кои што се во заминување, во своите раце сѐ уште ги имаат сите алатки на власта, силата и моќта. Алатки кои произлегуваат од демократскиот израз на граѓаните, од вољата на народот.

А, народот веќе не ги сака! Ниту ги сака, ниту ги поддржува!

Тоа е тоа што ќе биде тешко. Периодот на политички вакум кој што ќе го живееме до изборите. Период на анархија, безредие, грабалаштина и целосно отсуство на лидерство во највисоките државни институции. Во Собранието, владата и она што го нарекуваме претседател. Период кога ќе гледаме бескрупулозни криминали од секаков тип за да се зграби и дограби сѐ што останало неограбено.

Ќе гледаме нови епизоди од типот на скандалите кои се случуваа на Онкологија, Судскиот совет, здравство, образование и многу други. Еве веќе гледаме и пукање по трговски центри, убиства и терор. Ќе гледаме донесување на нови закони со европско знаменце. Ќе гледаме и извештаи на ЕУ за назадувањето на Македонија. Извештаи спакувани во дипломатски речник, но ќе гледаме и досега невидени критики без ракавици, како што беа минатонеделните критиките кон македонската влада упатени од холандскиот амбасадор. Ќе нѐ прозиваат за тоа како ги трошиме европските пари, или кажано со речникот на амбасадорот Дирк Јан Коп, парите на европските даночни обврзници.

Навистина имаме сериозен проблем кога во услови на перманентна кампања и месење на македонскиот политички пластелин за спроведување на уставните измени, со цел исполнување на обврските преземени од Ковачевски за внесување на Бугарите во Уставот, еден амбасадор, на една сериозна ЕУ земја, ќе ти каже „дека си тапа“. Имаме сериозем проблем кога Холандија, која во исто време ја доживуваме и како ЕУ портпарол и адвокат на веќе излезената Велика Британија, ќе ти каже „доста ги трошевте парите на нашите граѓани кои ви ги даваме да спроведете реформи и да создадете систем“.

Како да го толкуваме овој „испад“ на амбасадорот Коп? Како порака или аргумент дека оваа власт нема ништо суштински сторено во однос на приближувањето на Македонија кон ЕУ?! Како доказ дека уставните измени нема ништо да подобрат во однос на македонскиот напредок кон ЕУ?! Како нов момент во кој амбасадорот Коп се промовира себеси во најголемиот противник на уставните измени. Се промовира како таков од проста причина што јасно кажа дека проблемот лежи во суштината, во реформите, во борбата против корупцијата и криминалот, во критериумите од Копенхаген, а не само во уставните измени кои се претворија во одлична алатка за политички манипулации, дефокус од супстанцијалните прашања и постојано пролонгирање на опстанокот на оваа власт со одамна поминат рок. Зошто би правеле уставни измени кога европските критериуми се запоставени и нема да има напредок во процесот?!

Така некако се доживува и разбира тесктот на пораката упатена од Коп. А, зарем нема поголем доказ дека со оваа власт сме на кривиот пат од тоа кога во исто време и народот и Европа ти велат дека си забегал?!

Нема!

Предверемени не сакаат, навремени не даваат!

Воопшто не се засегнати од фактот, кој според сите релевантни статистики вели дека земјава се соочува со најголема инфлација во споредба со земјите од регионот. Тука сме лидери! Не се засегнати ниту од податокот дека јавниот долг, гледано во апсолутни бројки, постојано и постојано расте. Не се засегнати ниту од тоа што економскиот раст на државата е незначителен, занемарлив и најмал во регионални рамки. Не би го отеретувале текстов со бројки, статистички податоци, табели и графикони. Бројките и податоците ги чувствуваме на сопствената кожа, а за нив говорат дури и нивните кадри, довчерашни креатори на економските политики на оваа власт. Да, токму нивните експерти алармираат дека до крајот на годината ќе потонеме во сиромаштија и дека голем процент од македонските граѓани ќе живеат на работ на егзистенцијата.

И пак бегаат од избори. Нѐ носат во политички вакум. Ескивираат на секаков можен начин. Калкулираат, комбинираат, се бројат и пребројуваат. А, математиката не им излегува. Народот е од другата страна. Народот им е најголемата опозиција.

Како да се победи народот?

Тоа е клучното прашање кое што во моментов ја мачи оваа власт. Како да се разбие и подели народната волја? Како да се раситни народна волја, која како колективна свест бара спас, решение и во моментов се групира и окрупнува во една и околу една точка.

Борбата ќе биде точката да остане една!

Сите други форми во вид на запирки, две точки, три точки, загради, прашалници и останати интерпукциски знаци ќе бидат штетни за оваа држава и овој народ. Сите поделби, натегања и надмудрувања во редовите на противниците на оваа власт ќе бидат погубни, не толку за политичките субјекти колку што ќе бидат погубни за народот и државата. Народот и државата ќе бидат најголемите губитници од секоја форма на поделби кај сите оние кои себеси се декларираат како противници и опозиција на оваа власт. Одговорноста пред народот, но и пред судот на историјата, за чекорите кои што ќе се изодат во периодот на политички вакум кој следи, ќе биде огромна, одлучувачка.

Само колективната свест на овој народ може да биде решение за предизвиците пред кои ќе биде исправен. Обединетата колективна свест може да биде посилна од сите комбинаторики, прелети и предавства, посилна од секоја форма на политички инженеринг. Само доколку е концентрирана во една точка може да стави крај и да стави точка на антимакедонското, антиевропското и антинародното владеење на оваа власт!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.