Петар Поп-Арсов

Кампања – организиран тек на дејствување заради постигнување на поставената цел.

Таа е веќе започната! Барем онаа неофицијалната. Можеби подобра формулација би било да кажеме дека веќе сме во поодмината фаза на консолидација на партиските и коалициските ешалони кои ќе земат активно учество во изборната трка. Веќе ги имаме претседателските кандидати и носителите на кандидатските листи на партиите кои сериозно претендираат да се борат за довербата на граѓаните. Паралелно со законски предвидените рокови за одвивање на изборниот процес под раководство на ДИК, секојдневно сме информирани за политиките и проектите кои што ќе бидат дел од понудата пред македонските гласачи на претстојните избори. Активно се користи т.н. заслужено односно заработено време во медиумскиот простор кое се освојува преку бројните секојдневни политички активности на партиите. Кампањата на социјалните мрежи и алтернативните медиуми никогаш не запрела, но во периодов добива на интензитет.
Сериозните политичари и политички партии секогаш управуваат со сопствените активности и кампањи. Навременото отпочнување на создавање на тимови, подготовката на програма и стратегија на активности, дефинирањето на проектите и програмата со која ќе се бара поддршката од гласачите, кадровската понуда како и собирањето на донации во согласност со законот, се основен предуслов за успешна кампања.

Кратко кажано, колку порано ќе се започне со кампањата, толку подобро!
Но, каде е границата на добриот вкус? Каде е моментот на претерување? Каде е пресвртната точка во која се достигнува максималниот позитивен пик после кој секое дополнително присуство пред очите на граѓаните станува контрапродуктивно?
Во принцип, покрај останатото, кампањите се водат претежно за освојување на гласот на неопределените граѓани. Граѓаните кои веќе се определени, како и оние кои активно или пасивно даваат поддршка на некоја од политичките опции, веќе се пребројани и учествуваат во креирањето на јавната перцепција за тоа кој ќе победи или загуби на изборите. Особено се интересни оние кои се насочени кон победникот, што е сосема разбирливо од причина што целта на секој натпревар е да се победи. Нивната определеност е веќе нотирана во предизборните анкети и со самото тоа претставуваат силно гравитациско јадро околу кое се лепат гласачите кои најчесто гласаат за победникот.

Прашањето на победникот на овие избори е сосема извесно, а групата на гласачи која „навива“ за победникот беше предмет на анализа во претходната колумна. Веќе сме во поодмината фаза во изборниот процес и фокусот на интерес на политичките партии полека се става на неопределените гласачи кои всушност ќе определат дали некој од претендентите за власт ќе добие неколку мандата плус или неколку минус. Токму овие гласачи се факторот кој ќе одлучи дали ќе може да се формира стабилна влада која што непречено ќе ја реализира понудената програма или истата ќе биде заложник на коалициони пазарења кои што политиките и програмата на владата ќе ги тераат по онаа народната „многу бабици, килаво дете“.

Токму затоа се исклучително важни овој тип на гласачи. Тие внимателно го следат развојот на настаните и кон истите е неопходен внимателен и одмерен пристап. Секоја недоволна активност, отсуство на пласирање на пораки кон нив, како и оставање на простор на политичкиот противник да има ексклузивна можност да допре до нив може да резултира со губење на значаен квантум на гласови. Од друга страна и спротивно на тоа, секое претерување и агресивен настап кон овие гласачи може исто така да делува контрапродуктивно, особено кај нас во Македонија каде постојано сме бомбардирани со политички кампањи и политички пораки.

Од тие причини може слободно да кажеме дека тој што ќе знае да ја најде неопходната рамнотежа и нема да ја премине фамозната пресвртна точка, ќе успее да го извлече максимумот од претстојната кампања. Да бидеме појасни и да повториме, овде зборуваме за ефектите кои што со себе ги носи изборната кампања како додадена вредност на политичкиот капитал и политички рејтинг со кој партиите влегуваат во процесот на кампања. Воопшто не е исто дали пратенички мандати кои биле проектирани на сто дена пред изборите ќе бидат зголемени за две, три или повеќе пратенички места, ќе останат исти, или пак ќе бидат намалени како резултат на политичката кампања.

Каква ќе биде кампањата на политичките партии, односно каква е кампањата која во моментов веќе се одвива? Позитивна, негативна или можеби мешавина на едното и другото, нешто што вообичаено го гледаме на сите досегашни изборни процеси?!

Всушност, ниту позитивната ниту негативната кампања беа ставени во некакво мирување за време на целиот мандат на владата на Ковачевски. Независно од нивните декларативни обиди да се претстават во позитивно светло, делата кои што ги правеа беа самите по себе негативна кампања за владата. Тие „дела“ беа инспирација и мотив за многу текстови, колумни, реакции на незадоволство и оправдани напади од страна на политичките противници кои во континуитет го еродираа политичкиот капитал со кој беше кредитирана актуелната власт.

Како и да е, влегуваме во фаза на дефинирање на кадровската понуда со која партиите ќе истрчаат на изборите. Ги имаме претседателските кандидати, носителите на пратеничките листи и по некое име кое ќе биде дел од овие листи. Веќе е започнат процесот на анализа на противниците на персонално ниво. Токму ваквата анализа ќе има за цел да го дефинира соодносот на позитивната и негативната кампања која што ќе се води. Понудата на истрошени кадри кои со себе носат негативен багаж ќе претставува вистински десерт за политичките противници. Веќе имаме таква понуда на сегашни и поранешни министри кои воопшто не се прославија во текот на нивните мандати. Чисто ги земаме онака, како пример кој може да го посочиме и кој ќе создаде простор кај политичкиот противник за примена на негативна кампања.

Исто така, многу важен елемент е да се согледа политичкиот амбиент во кој се наоѓаме во моментов. Политичкиот амбиент е резултанта на внатрешни и надворешни политики чии што вектори се допираат во Македонија. Овие вектори, според сите природни, општествени и математички закономерности ќе ја креираат резултантата во чија што насока ќе се движиме како држава во периодот што следи. Согледувањето на политичкиот амбиент е особено важно за да се постави крајната цел кон која ќе се стремат учесниците во изборниот процес. Дали таа цел ќе биде (преку уважување на односот на политичките сили кој што владее во моментов) да се освои власта и да се влијае на процесите од внатре или пак целта ќе биде да се држи принципиелна линија, која во секој случај ќе има политичко влијание, но со ризик дека истото ќе се остварува однадвор. Поставувањето на крајната цел е нешто кое што секоја сериозна политичка партија треба јасно и навремено да го дефинира.

Занемарувањето и игнорирањето на политичкиот амбиент во кој се наоѓаме ќе го намали ефектот на напорите кои што беа и ќе бидат вложени со примена на сите останати стратегии, техники и алатки во досегашната активност и кампањата што следи.

Особено важна ќе биде позитивната кампања. Веќе се наѕираат контурите на ваквата кампања и тоа навистина ќе претставува освежување на македонската политичка сцена после подолг период. Понудата на остварливи програми и проекти ќе претставува додадена вредност во секоја кампања. На овој начин се прави разлика помеѓу голите критизери кои што немаат што да понудат и конструктивните критичари кои кога кажуваат како не треба, во исто време кажуваат како треба. Позитивната кампања и конкретната понуда сериозно ќе придонесе во консолидацијата на гласачкото тело, особено за попрецизно структурирање на гласачите кои се опозиционо определени, но сè уште се двоумат и немаат донесено дефинитивна одлука за тоа на кој опозициски табор ќе го дадат својот глас.

Македонската демократија функционира повеќе од триесет години. Тоа е доволен временски простор искуствено да согледаме кој и како се однесувал и однесува кога бил на власт. Тоа е доволен временски простор да увидиме дали оние на кои што сме им ја дале довербата истата ја оправдале. Тоа е доволен период од кој може да црпиме информации за тоа дали некој реализирал и изградил нешто во својот мандат или се сведува на гола политичка еквилибристика. Нашиот минат труд е влог и гаранција за нашите идни постапки. Останува народот да цени и да го каже сопствениот суд.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.