Петар Поп-Арсов

Влегуваме во последните неколку часа од предизборната кампања за првиот круг од претеседателските избори. Што е направено, направено е! Што е кажано, веќе е кажано! Овие неколку часа нема ништо да сменат во расположението на гласачите, ниту пак ќе сменат нешто кое што ќе му овозможи на некој од кандидатите некаков значителен исчекор во трката за влез во вториот круг. Резултатите од првото полувреме веќе се лесно предвидливи.

Да бидеме искрени, впечаток е дека самата кампања повеќе одеше во правец на мотивирање и поттикнување на гласачите да излезат на избори отколку да се направи некоја спектакуларна промена на односот на гласовите и расположението кое што го имавме како слика уште во раната фаза на започнување на изборниот процес.

Какви ќе бидат резултатите од претседателските избори? Обично се онакви какви што се гледа на прв поглед… освен ако нема сериозен изборен инженеринг кој ќе ги наруши демократските закономерности. Не постои втора шанса за оставање на првиот впечаток и тој секогаш е најсилен.

Тој прв впечаток, чија што нулта точка за овие избори би ја ставиле некаде во моментот на изборот на техничката влада, е акумулиран со месеци и со години помеѓу два изборни циклуса. Тој впечаток не е производ на некаква илузија или имагинарна перцепција создадена во периодот на борбата за стартните позиции пред изборите или создаден во самата кампања. Тоа е впечаток кој стои како жиг, како отпечаток врз нас и нашата свест за се она што сме го преживеале во текот на претходните неколку години за време на конкретнава и добро позната власт.

Тоа не е впечаток кој лесно може да се избрише со неколку телевизиски спота, неколку мудрости искажани на митинг или дебата. Тоа не е впечаток кој ќе го снема под силната светлина на митингашките рефлектори. Тоа е впечаток кој се однесува на нас самите, на нашите животи, на животите на нашите семејства и перспективата на нашите деца.

Нашите претставници, пратениците и претседателот не ги избираме заради нив, туку заради нас. Впечатокот кој што го имаме за работата на секоја власт е впечаток кој што претставува наш патоказ за тоа како треба да се определиме и гласаме со цел да го заштитиме нашиот личен и колективен интерес како граѓани на оваа држава. Тоа што државата е таква и така устроена за да најголемиот поединечен бенефит го имаат оние за кои што гласаме, е посебно прашање за дискусија и анализа, но вистинскиот интерес и бенефит од било кои избори треба да оди на конто на граѓаните.

Затоа, повторно ќе кажеме дека кампањските и декларативни изјави од типот „јас сум за Европа“, а во сито време од Европа и ЕУ не видовме ништо освен злоупотреба на европското знаменце, или пак изјавите од типот „додека бев претседател не крадев“, при што корупцијата и криминалот доживеаа вистинска ренесанса, се тешко лицемерие кое не може и не смее да го смени вистинскиот впечатокот за оваа власт, во пакет, претседател и влада.

Ако претседателот не крадел, како што вели самиот, зошто дозоли сите останати да крадат и да создадат перцепција и чувство дека сме најкорумпираната и најкриминалната држава?! Ако е толкав борец за ЕУ и нејзините стандарди, зошто потпиша и дозволи да поминат огромен број на закони со злоупотреба на европското знаменце?! Ако е толкав борец за правото и правдата, зошто дозволи и учествуваше во урнисување на довербата во судството?! Ако е вистински претседател на сите граѓани, зошто дозволува министерот за надворешни работи да турка партиска агенда во надворешната политика на Македонија на очиглед на сите нас, токму во периодов пред изборите?!

Таква инертност и незаинтересираност на еден шеф на државата, кој во исто време бара втор мандат, е нешто кое до сега никогаш не сме го имале како впечаток на ниту едни претходни избори!

Многу прашања можат да му се постават на актуелниот претседател, но сите одговори ќе водат во ист правец. Македонија имаше инертен и незаинтересиран претседател без никакво чувство за емпатија кон граѓаните на државата која што му дадоа да ја води. Имавме претседател кој се однесуваше како апаратчик, бирократ и државен службеник кој одработува за неговата месечна плата. Претседател кој не вложи ништо свое, ниту остави печат по кој ќе го паметиме.

Како врв на сѐ, засрамувачки беше впечатокот кој се стекна од вчерашната телевизиска дебата на која токму претседателот беше најинфериорната личност во споредба со сите останати кандидати во однос на сите прашања кои се од интерес на државата и граѓаните, а се во надлежност на претседателот. Кандидатот кој најмногу треба да знае, кој треба да е инволвиран во сите теми, кој всушност сѐ уште е „татко на нацијата“, беше најнезаинтересираната личност за сѐ она што се случуваше околу него.

Тоа е последениот впечаток за него, потполно ист како оној првиот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.