Фатмир Бесими

Економската теорија, вели дека со специјализација во производството се постигнува поголема ефикасност и се намалува цената на производот. Тоа е суштината на теоријата на компаративни предности на Дејвид Рикардо, која се заснова на придобивките од меѓународната трговија за земјите кои се насочуваат кон специјализирано производство со најмал опортунитетен трошок. За да се разберат ефектите на глобализацијата и синџирите на добавување врз цените, на пример, можеби е најдобро да се навратиме на економските основи – понудата и побарувачката. Глобализацијата значи дека потрошувачите можат да добијат стоки по пониска цена од земји кои имаат помали трошоци на труд или технологии за зголемување на продуктивноста на производството. Поголемата трговска глобализација значи зголемена понуда на добра и во одредена мера на услуги. Поголемата понуда значи пониски цени, доколку сите останати фактори се исти.

Во изминатите 50 години, глобализацијата беше движена од евтин капитал, евтина енергија и евтина работна сила. Сега, кога каматите на меѓународните пазари растат, како и цената на трудот во Азија, додека инвазијата врз Украина ја вивна цената на енергентите, се покрена прашањето на деглобализација, или основите на меѓународната трговија и инвестициите какви што ги знаеме. Некои автори аргументираат дека последните кризи, поврзани со глобалните синџири на добавување, укажуваат на потребата од самоодржливост за поголема отпорност на економиите и помала нееднаквост. Водени од застоите кои се случуваа за време на пандемијата и војната помеѓу Русија и Украина, бизнисите се соочија со ситуација во која за да обезбедат непречени процеси, мораа да се свртат кон кратење на синџирите на добавување и беа подготвени да платат повеќе за покуси и посигурни синџири на добавување.

Годината која измина, остави белег во глобалната економија, еднаков со Бретон Вудс во 1971, обединувањето на Германија во 1990 и глобалната финансиска криза од 2008 година. За прв пат од 1970-тите, светот се соочува со нерамнотежа водена од намалување на економскиот раст, заедно со брз раст на инфлацијата. Зголемената гео-економска фрагментација, ранливоста на финансискиот сектор, растот на цените, високите нивоа на долгови, како и климатските промени, имаат силно влијание, особено кај пазарите во развој. Стана јасно дека се потребни нови модели за ефективен одговор на тековните состојби, но и долгорочни промени во системите. Сегашните кризи, помеѓу другото, укажаа и на системски недостатоци акумулирани со тек на времето. Тесната визија за системите како сектори, а не вистински мултидисциплинарни динамични ентитети, особено во контекст на Четвртата индустриска револуција и климатските промени, е исто така една од пречките.

Менувањето на правилата во тековниот контекст, беа адресирани на Годишните состаноци на Светскиот економски форум во Давос. Изминатата недела, дискусиите на носителите на политиките, приватниот и невладиниот сектор, беа насочени токму кон „соработка во фрагментираниот свет“. Иако, постојано беше нагласувано дека за да економијата се врати на вистинскиот пат и реализираат целите на одржлив раст, потребно е понатаму да се зајакнува соработката, но и да се работи на новите системи за соработка. Потребно адресирање на состојбите преку воспоставување на нови системи во контекст на енергијата и климата; инвестициите, трговијата и инфраструктурата; користењето на новата генерација технологии за иновации и отпорност на приватниот сектор; инвестирање во работна сила и вештини; и нов систем на дијалог и соработка во мултиполарниот свет.

Како што ќе каже основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, тешко е одделно да се решаваат проблемите, бидејќи сите тие се меѓусебно поврзани и потребен е холистички пристап за добри резултати. Ова се гледа во секое од полињата на интерес понатаму, трговијата и инвестициите се поврзани со технологијата, технологијата со зелената транзиција со инвестирањето во нови вештини и работна сила итн.

Справување со глобално високите стапки на инфлација, низок економски раст и висока задолженост преку нов систем на инвестиции и трговија

Соочувајќи се со голем број на кризи за релативно кус период, односно пандемијата, геополитичките тензии, нарушувањата на синџирите на добавување, високата инфлација и забавувањето на растот, кризата со храна и енергија беше добар патоказ за она на што треба да се работи во иднина. Исто така, фискалниот простор е значително стеснет, а финансиските услови заострени, додека проблемите со синџирите на добавување и растот на протекционистичките мерки влијаеја на глобалната трговска агенда. Во овие нарушени услови, светските лидери во Давос, логично, го адресираа прашањето на понатамошната соработка, деглобализација и гео-економска фрагментација, како и можноста за реглобализација (нова глобализација).

Трговијата и инвестициите се двигателите на економскиот раст, движејќи ги иновациите, движењето на капитал и на know-how. Очекувањата на Светската Трговска Организација  (СТО) се дека растот на трговијата ќе забави во 2023 година, поради инфлацијата, високите трошоци за енергија, затегнувањето на монетарната политика, кусоците на храна и ѓубриво и растечкото ниво на долг во земјите во развој. Прашањето е како истата да се придвижи и насочи кон градењето на зелена и инклузивна иднина.

Лидерите на меѓународните финансиски организации порачаа до носителите на политиките и приватниот сектор да бидат прагматични и да соработуваат, односно како што истакна директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, потребно е глобалната економија да остане интегрирана за добробитта на сите. Директорката на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала, истакна дека проблемите не може да се решат без мултилатерализам, соработка и трговија. Инаку, живееме во време кога технологиите ја менуваат физичката трговија побрзо од кога било, како вештачката интелигенција, DLT, 3D печатење, паметните сензори итн., носат поголема еластичност на синџирот на снабдување, прекугранично тргување, подобро управување со ризикот и ублажување на финансискиот криминал. Во оваа насока потребна е поголема соработка за спроведување на процесите на  дигитален идентитет, подобрување на оперативноста на системот и регулаторната средина. Исто така, технологијата е од исклучително значење за намалување на трошоците и зголемување на трговијата на услуги.

Во 2020 година, со пандемијата, странските директни инвестиции се намалија за 35%, додека во 2021 година остварија подобрар резултат. Во 2022 година, глобално се забележува забавување како резултат на предизвиците со примарните производи и финансиските услови.  Потребата од воспоставување на одржливи инвестиции е исто така клучна, како и можноста за лесно движење на странските директни инвестиции, преку мултилатералните договори кои ја олеснуваат соработката меѓу земјите. Акцентот е ставен на транспарентноста во правилата и регулативата, координацијата помеѓу економиите, како и на иновативните инструменти како развојни програми за добавувачи, датабази на добавувачи, датабази на одржливи инвеститори кои ќе го подобрат капацитетот и поврзувањето.

Нови системи за енергија и справување со климатски промени во контекст на тековните кризи за енергија и храна

Речиси половина од светската популација, или околу 3,3 милијарди луѓе живеат во области во кои се високо подложни на климатските промени. Трошоците за соочување со климатските промени ќе пораснат на 340 милијарди американски долари годишно до 2030 година. Од повеќе аспекти, вклучително и фискални, неопходно е спроведување на поставените таргети за намалување на емисиите. Сепак, податоците покажуваат дека актуелната состојба не одговора со целите поставени со Парискиот договор. Геополитичките шокови, како војната во Украина, придонесоа за зголемена употреба на јаглен, чие производство се зголеми за 1,2%, надминувајќи 8 милијарди тони годишно, за првпат од 2013 година, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергетика. Најголем дел од анализите покажуваат дека за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5°C, потребно е емисиите на стакленички гасови да се преполови до 2030 година.

За да се постигнат целите за климатските промени согласно Парискиот договор, потребно е земјите, како развиените, така и економиите во развој, да спроведуваат политики со кои ќе се трансформира начинот на кој се произведува, троши и инвестира, што секако ќе има импликации во трговијата. Потребни се транзициони иновативни технологии, ефикасни мерки и горива со ниски емисии. Потребна е соработка помеѓу земјите, особено поддршка за земјите во развој. Како што посочи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Давос, “конкуренцијата и трговијата се клучот за забрзување на еколошките технологии и климатска неутралност“.

Енергетската трансформација е тесно поврзана со климатските промени, што најмногу дојде до израз во текот на изминатиот период. Мерките кои се однесуваат на енергетската транзиција се однесуваат на иновативните технологии и зголемување на енергетската ефикасност, како и одвојување на економскиот раст од потрошувачката на енергија, особено кај земјите во развој. Зелената технологија е во подем и во изминатата декада, благодарејќи на постојаните подобрувања соларната и енергијата од ветер стануваат се поевтини. Според некои пресметки со 2050 година, транзицијата од фосилни горива кон соларна и ветерна енергија ќе заштеди глобално 12 трилиони американски долари. Тековната криза треба да биде изговор за да се останеме на политиките кои ја поддржуваат транзицијата кон поодржливи извори на енергија, и да се искористи овој момент за да се развијат поамбициозни, сеопфатни и одржливи планови за инвестиции во инфраструктурата кои ќе му помогнат на светот да ги исполни целите до 2030 година.

Новите технологии се оние кои можат да придонесат кон поголема продуктивност и одржливост во земјоделството. Тие можат да помогнат во тестирањето на квалитетот на почвата, на сеидбата, следење на здравјето на културите, проценка на обработката на почвата, како и поврзување со нови добавувачи и откупувачи.

Користење на придобивките од развојните технологии за подобрување на иновативноста и отпорноста на приватниот сектор

Четвртата индустриска револуција, климатските промени и геополитичката фрагментација имаа влијание врз одлуките на приватниот сектор за нови инвестиции. Проценките се дека околу 70% од новата вредност создадена во глобалната економија ќе дојде од дигиталната технологија. Дигитализацијата навлегува во секој економски сектор и ги прави адаптибилни на новите услови. Поддршката на малите бизниси за приклучување кон дигитализацијата, може да осигури побрз и одржлив раст. Од друга страна, дигиталните платформи за земјоделски производи, како Фарм Пас им помага на милиони земјоделци во руралните области да добијат фер цени, како и финансии за да го прошират својот бизнис. Вештачката интелигенција, исто така се очекува да даде значителен придонес во многу сектори, како производството, земјоделството, фармацијата, здравствени услуги и грижа итн. Иновативноста и приспособливоста во следниот период ќе бидат оние кои ќе ја осигураат одржливоста на бизнисот.

Поттикнувањето и поддршката на директните инвестиции во областа на дигитализацијата, како во е-трговија и финтек, може да даде значајни поддршки за економијата во насока на отворање на нови работни места, особено во пост-ковид периодот.

Инвестирање во работна сила и градење на вештини  

Уште едно прашање кое би требало да се опфати при поставувањето на новите економски правила и односи се трудовите статистики, кои покажуваат дека голем број на работници, и покрај глобалната економска криза, ги напуштаат своите работни места или размислуваат да дадат отказ. Во економиите во развој, пак, како резултат на забавувањето на економскиот раст, се создаваат притисоци од аспект на невработеноста и социјалната стабилност. Оттаму, во овие услови клучни се силни инвестиции во образованието, вештините и здравствената заштита, со што ќе се одговори соодветно на побарувачката за труд.

Новите потреби, како зелената трансформација, и новите технологии отвораат потреба од нови работни места, додека постоечки веќе не се потребни. Работодавците ширум светот се повеќе се фокусираат на вештините и знаењата на работниците, повеќе отколку на дипломите и поранешната работна историја. Оттаму, инвестициите во развојот на одредени вештини, може да биде многу ефикасен одговор на потребите на пазарот на труд.

Краткорочни очекувања

Светските лидери и првите луѓе на меѓународните финансиски институции минатата недела дадоа пооптимистички прогнози за економијата во 2023 година, но сепак повикаа на понатамошна внимателност, предизвиците ќе продолжат. Очекувањата се дека новите проекции за глобалниот раст ќе бидат ревидирани нагоре, посочи и директорката на ММФ, Георгиева.

Позитивни сигнали има и од страна на големите американски инвестициски фондови кои очекуваат 2023 година да стане исклучително поволна за нови инвестиции. Следниот инвестициски циклус, како што се очекува ќе биде придвижен од иновациите.

Се уште остануваат предизвиците како геополитичките тензии, временото забавување на економијата на САД и дел од земјите на ЕУ, но и новите карантини во Кина. Од друга страна се очекува и забавување на инфлацијата, стабилизирање на цените на енергијата и корпоративните добивки. Очекувањата на некои финансиски експерти се дека 2023 година, популарно кажано е дека ќе биде „бикова година“ иако првичните прогнози од некои меѓународните институции се поконзервативни.

На домашен план, и покрај неколкуте истовремени кризи, меѓународните финансиски институции проценуваат дека среднорочната траекторија на македонската економија е во нагорен тренд. Во рамките на Западен Балкан, нашата економија е трговски најотворена, што укажува на подготвеноста за справување со конкурентски притисоци и вклучување во глобализациските текови. Бруто инвестициите, како процент од бруто домашниот производ, се исто така, на историски прилично високо ниво. Остануваме целосно посветени на поттикнување на инвестициите во приоритетните области на одржливиот развој, како што се зелената транзиција, физичката инфраструктура, дигитализацијата, човечкиот капитал и друго, како и унапредување на политиките и реформите за владеење на правото и добро владеење. Како што вели прочуениот теоретичар на менаџментот и консултант, Питер Дракер, „најдобриот начин да ја предвидиме иднината е да ја создадеме“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.