Истражувачката репортерска лаборторија ни откри дека премиерот намесник Димитар Ковачевски во последните 100 дена потрошил 26.000 евра за спонзорирање постови на социјалните мрежи. Или, нашиот Таче, како што вели, за „комуникција со граѓаните“, дневно трошел по 260 евра, што е повеќе од минималната пензија или нешто помалку од се уште актуелната минимална плата во државата!!!

И премиерот намесник Ковачевски веднаш најде начин да се оправда. За тоа не плаќал со пари од буџетот, што ќе рече со пари од народот, туку со пари од партијата. Е јако оправдување, нема што. Како тие пари од партијата да ги извадил некој од членовите од сопствен џеб, што не може да се замисли ни во најголем кошмар.

На страна тоа што СДСМ, впрочем, како и сите партии секоја година добива буџетски средства согласно освоените гласови во изборните процеси. Колкава е таа сума не знам точно, но повеќе од сигурно не е баш занемарлива.

А, да не говориме за можностите, што како владејачка партија СДСМ ги има за играта „џандар збира“ преку институциите на системот. Дека играта и натаму се игра говори непобитниот факт дека во државата царува корупцијата и претставува главна пречка на патот кон членството во ЕУ.

Дали за овие 100 дена, како резултат на таа „комуникација со граѓаните“, што со други зборови значи гол пропагандизам и чист популизам, премиерот намесник стана поумен, поличен, похуман, подостапен, поуспешен, поречит…?!

Дали неговите политики го ресетираа тотално колабираниот систем во државата?! Дали ги наполни аптеките, дали ги исчисти болниците, училиштата, градинките, дали ја подобрија работата на правосудниот систем, дали ја намалија корупцијата или сивата економија, дали го елиминираа непотизмот, дали донесоа барем една, единствена позитивна работа?! Дали му го зголемија личниот и рејтингот на неговата партија?!

Апсолутно не. Напротив. Премиерот намесник Димитар Ковачевски останува ист. Дури, станува и полош. Полош и од тоа што беше пред една година и полош и од неговиот претходник. И тој може да седи пред неговото омилено огледалце и да го прашува огледалце, огледалце мое, кажи на светот најубав кој е?

И тоа можеби еднаш, двапати и ќе го задоволи неговото его. Ама и сиротото огледалце не ќе може цело време да го лаже. Зашто, не е се ниту во убавината, ниту во парите, ниту во пропагандата, ниту во популизмот. До умот, умеењето и знаењето е, а тука ништо не му помага. Едноставно, од авион се гледа дека царот е политички гол.

Бадијала фрлање пари, без разлика чии се, иако заради транспарентноста премиерот намесник го носи редот точно да каже како ја плаќа „комуникцијата со граѓаните, а надлежните институции тоа да го проверат и потврдат или демантираат.

За „љубовта“ на граѓаните, пак, кон него и „комуникацијата“ со нив, ич да не води грижа. Еве, како обичен граѓанин и смртник веднаш ќе му кажам-Не Таче, не душо, не злато, па ти знаеш дека ние само тебе те сакаме!!!

Морам да признаам дека оваа реплика ми е одамна влезена во глава. Ја имам запаметено од една телевизиска емисија во која гостуваше мајката на наш познат музичар, чија работа и популарност ги надминува нашите и балканските граници.

Госпоѓата евоцираше спомени од заедничкиот живот со нејзиниот сопруг, инаку познат скопски лекар. И отворено призна дека слабост му била убавината на понежниот пол. Знаел човекот, шетајќи по скопското корзо, да фрли поглед на страна. Арно ама, госпоѓата во еден момент го заблежала тоа и како секоја жена му префрлила збор, два. И тој во манир на прав господин љубезно и возвратил-Не душо, не злато, па ти знаеш дека јас само тебе те сакам!

Впрочем, така било и веројатно така и ќе остане. Убавите жени никогаш не биле само за сопрузите. Само не знам дали тоа и Таче наш го знае. Венчанието и верноста во бракот се сосема друга работа, интима во која никој нема право на мешање.

Нејсе. Нашиот премиер намесник, наспроти сите досега фрлени пари за задоволување на неговото его на самозамислен голем лидер и државник, во последно време покажува и друго лице. Лице кое се обидува да глуми луцидност, а во суштина на површина ја исфрла сета своја лошотија, безобразлук, па и простотилок, што мислевме дека завршија со неговиот претходник.

Реконструкцијата на владата ни покажа дека притоа, не се стеснува да ја злоупотреби ни собраниската сала, ни собраниската говорница, а кога ќе му поднесат тужба, тогаш се вади на имунитетот или знае молкум, молкум да се извини, со тврдење дека погрешно бил разбран. Ајде мајката, што би рекол неговиот претходник.

Ајде Таче, биди прав фраер, па излези јавно да и се извиниш на опозициската пратеничка. Господин човек знае дека за вкусовите не се ни дискутира, а камо ли на сопруга и мајка да и дофрлаш за нејзиниот изглед. Господ и во убавината и во умот некому дал, некому зел. Што мислиш Таче, ти во кои спаѓаш?!

Имаше Таче наш уште една „луцидна“ досетка повторно упатена кон пратеник од опозицијата. Веројатно како одговор на политичкото обвинување дека е пион на Али Ахмети или на Артан Груби, ќе парафразирам, дофрли дека пионот може да стане кралица, ама коњот си останува коњ.

Навистина не знам колку премиерот намесник ни е по шахот. Дома ја имам книгата „Шахот игра на милиони“ од Драгослав Андриќ, што ми е драг спомен од детството, зашто ми е подарок од училиштето во кое учев, „Браќа Миладиновци“, за постигнатите резултати на шаховскиот турнир одржан во чест на Денот на ослободувањето на Скопје. Често знаев да ја отворам и да учам од неа, а по долги, долги години еве ја отворив и сега „во чест“ на Таче.

И уште еднаш, по којзнае кој пат ја прочитав мислата на велемајсторот С.Тараш:„Секогаш по малку сум сожалувал човек, кој не знае шах, како што би сожалувал човек кому љубовта му останала непозната. Шахот, како љубовта, како музиката, има моќ да ги прави луѓето среќни“.

Таче наш е во право. Во шахот пионот може, ама може, но не мора да стане кралица. И не мора да биде само кралица, може да биде било која фигура по желба на играчот. Ама коњот, пак, има и друго име, се вика уште и скокач, зашто неговите потези практично значат прескокнување полиња во форма на буквата л од латинската азбука.

И коњот или скокачот е фигура, која во зависност од распоредот на останатите фигури на шаховската табла може да го матира противникот.

Да, од пион кралица бидува, ама татко ми Никола, нека му е лесна земјата, често знаеше да каже од г….. чоколадо не бидува.

Исто како што од секого не бидува политичар, а уште помалку премиер, лидер или државник.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.