Васко Шутаров

Минатата година, очаен од јаловите состојби во македонската културна политика, пишував за легендарната грчка актерка и министерка за култура, Мелина Меркури. Сакав тогаш, малку попластично и со многу јасна споредба да го предочам нашето тогашно дно во културата и олимписките височини кои едно време, не така дамнешно, успеа Меркури да ги достигне во промоцијата на грчката култура. Грците од милост ја викаа Паликаре – Воин во борбата за промоција на грчките вредности во културата. Странците, на кои редум им беше најмалку рамноправна со интелигенцијата, со шармот и талентот, како и со дипломатското умеење, за неа велеа дека кога ќе ја погледнат в очи, најпрво Партенон и Акропол можат да го видат во нив!

(И тогаш се прашував, а денес уште повеќе и уште почесто се прашувам, а ќе ја видам ли Македонија или делче од македонското ѕвездено културно небо, во очите на денешните први луѓе на македонската култура, барем некогаш во петте години владеење, еве веќе и цела година со петтиот министер по ред?!)

И ми доаѓа денес пред очи, во моменти на уште поголем очај предизвикан од сознанието за живата кал во која е пропадната актуелната македонска култура, еден постар прилог од позната бугарска национална телевизија поставен на интернет, посветен на последниот работен ден на тогашната Генерална директорка на УНЕСКО и тоа во два мандати, славната Бугарка, Ирина Бокова. Ја гледам, додека меѓу два проштални приеми со високи дипломатски делегации, полна со дипломатско умеење, одмерена и отмена, одговара и на прилично непријатни прашања, од типот: „Дали сте огорчени од постапките на бугарската влада која не Ви даде поддршка во кампањата за избор на Генерален секретар на ОН, туку во последен момент предложи друг кандидат, Кристалина Георгиева, па така две светски познати Бугарки станаа против-кандидатки!“ Во аналите на меѓународните односи овој „бугарски изум“, уште долго ќе биде спомнуван како врвна дипломатска глупост, но Бокова, иако со нескриена тага во очите, само кратко коментира: „Тоа е веќе историја која е зад мојот грб! Јас одам напред, а за мојата земја, од мојот прв поздравен говор пред осум години овде во УНЕСКО, до мојот денешен последен работен ден овде, ги раскажав најубавите приказни и денес не постои дипломат или влијателен човек во светот кој не слушнал за богатството на културата во Бугарија“. И во очите одеднаш и засветлуваат: врвовите од Пирин и Стара Планина, отсјајот на морето во Несебар, сјајот од иконите од црквата во Бојана, златното богатство на Тракијците, но и со подеднаков емотивен сјај во очите и кога го спомнува загрозеното културно наследство во Сирија, во Ирак или во Мали.

Ова беше добар повод да продолжам да пребарувам во сеќавањето и за две мои кратки, но исклучително пријателски и конструктивни средби, колку да се присетам каква беше и како успеа Ирина Бокова да стане најмоќна и најпозната личност во светската култура, а според „Форбс“ за 2016 година да се најде и на листата на највлијателни жени во светот! Колку да одмерам, колку светлосни години сме во моментов ние далеку, од жабокречинава во која е потоната македонската култура, до олимписките височини во културата кои ги досегна и друга жена од нашето непосредно соседство, Ирина Бокова!

За жал, првите следни текстови кои ми се појавуваат како најпребарувани на интернет, се од нејзините сонародници, Бугарите, и се крајно малициозни, а се однесуваат во најголем дел на комунистичкото минато и политичката позадина на нејзините родители од малото гратче Јакоруда, Благоевградско и на професионалните кариери на нејзиниот татко и нејзиниот брат во време на бугарскиот комунистички режим.

Но, за среќа, бргу потоа налетувам и на нејзини авторизирани интервјуа во кои ја разбирам нејзината приказна и вистина, раскажана во прво лице еднина. Иако, во поголем дел и знам за тие податоци, но колку да бидам попрецизен и ќе ја цитирам: „Во голема мерка тоа што ми помогна, беше моето искуство стекнато како дипломат, мојата стрпливост, моето познавање на историјата на меѓународните односи, историјата на регионите во светот и сознанието, зошто и како се раѓаат конфликтите. По мое длабоко убедување, секој треба да биде почитуван и во светското културно пространство нема големи и мали држави и големи и мали култури. Ми помогна и убедувањето за значењето на УНЕСКО! Тоа е првата агенција при Организацијата на обединетите нации создадена по трагедијата од Втората светска војна, со првенствена цел да работи на воспоставување на мирот. Тоа мое длабоко убедување беше важно за да ги добијам изборите за раководење со оваа организација. Моето животно мото и тогаш и денес е: Не постои не може!”

Од тоа, „не постои не може“, создадена е една животна и професионална сторија за која не мора да се бара потсетник – за некогашниот студент и постдипломец од Московскиот институт за меѓународни односи, а подоцна и стипендист на НАТО за студии на Харвард, низ илјадници страници пишуван материјал се раскажува за една исклучително интересна, моќна и привлечна приказна за најпознатата Бугарка во светот, првата жена Генерален директор на УНЕСКО, Ирина Бокова!

Уште како млада, но врвно образувана дипломатка, Бокова ја започнува својата прва дипломатска мисија во ОН во Њујорк, уште во времето на комунистичкиот лидер Тодор Живков, но по падот на комунизмот во нејзината земја, по првите повеќепартиски избори станува пратеничка, a нејзината непосредност во контактите со гласачите од неколку мали бугарски општини, како и совршената дипломатска комуникација на четири светски јазици, францускиот, англискиот, шпанскиот и рускиот, создаваат од неа политичка фигура која простo мора да биде забележана и мора да заблеска!

Останатото е веќе дел од легендата за неа, во која уште живо се раскажува дека кога била секретар во владината комисија за евроинтеграции во 1995 година, лично ја туркала преполната количка со документи за досието на Бугарија до седиштето на Заедницата во Брисел! Набргу станува заменик, па вршител на должноста министер за надворешни работи во владата на Жан Виденов („во инаку мрачната влада, во која единствена и најсветла точка е Ирина Бокова“, ќе запише тогаш „Фајнешел Тајмс“, а „Франс прес“ ќе забележи дека „и покрај комунистичката провениенција, Бокова е заколната и вистинска Европјанка“)

Кога во 2005 година Бугарија ја именува Ирина Бокова за амбасадор во Франција, Монако и за претставник во УНЕСКО, не постои веќе пречка која не може да се совлада по патот на меѓународната промоција на Бугарија од срцето на Европа и, се разбира, за нејзина лична промоција и стекнување на репутација на врвен светски дипломат. Велат, нејзина лична заслуга е убедувањето на тогашниот француски претседател Никола Саркози, дека бугарските медицински сестри се невини осудени во Либија и дека мора да бидат ослободени, велат дека нејзина посебна заслуга и успех е што францускиот парламент едногласно гласал за приклучувањето на Бугарија во ЕУ. Ирина Бокова силно блеснува во светската дипломатска орбита и како потпретседател во Меѓународната организација на франкофонијата, па патот до Олимпот во УНЕСКО почнува сам да ù се отвора! Просто совршено ја одигрува врвната дипломатска игра во петте круга на гласање против нејзиниот тогашен противкандидат, египетскиот министер за култура Фарук Хосни и така станува прва жена на чело на највлијателната организација на ОН, прв претставник од некогашна комунистичка држава и прво видно лице од Источна Европа кое така високо се искачува во хиерархијата на ОН. И станува пример за светска жена која веќе била апсолутно подготвена да преземa одговорности: за Хаити после разорниот земјотрес; за Пакистан по катастрофалните поплави, за Мали по спалувањето на бесценетите стари ракописи, за бегалските кампови во Јордан или за Багдад, исто така поради опасноста од уништување на културно наследство, или во Струга на јубилејното 50-то издание на еден од најголемите светски фестивали на поезијата, каде одблизу се запознава и со изворните проблеми од доменот на заштитата и на Охрид и на Регионот заштитен од УНЕСКО.

Во време на своите два мандати како прв човек на УНЕСКО, Бокова непрестано повторува дека „војните секогаш најпрво започнуваат во главите на луѓето“, и дека за да се оди напред во животот, мора еднаш и „засекогаш да се закопаат томаховките на омразата“ и затоа за светската, а посебно за француската јавност, важеше за олицетворение на новиот хуманизам на 21 век и пример за сите жени во светот. Со нејзина директна заслуга, Советот за безбедност на ОН во 2017 година ја препорача историски познатата Резолуција со која секое уништување на културно наследство во војна ќе биде третирано како воено злосторство, а нејзиниот ракопис е препознатлив и во приоритетите на Дневниот ред на ОН за Одржлив развој, 2030 година.

Во мандатите на Ирина Бокова на чело на УНЕСКО се случи и првото поголемо преструктуирање на глобалната моќ, таа менаџираше кризен буџет по влегувањето на државата Палестина во УНЕСКО и по напуштањето на организацијата од страна на САД и Израел, а во отсуство на американски пари во заедничкиот буџет, успеа да анимира држави како Саудиска Арабија, Норвешка, Кина, Малезија, Јужна Кореа или Катар да ја пополнат таа финансиска дупка и да ја спасат финансиската кондиција на организацијата.

Во двата веќе историски мандати на Ирина Бокова како прв човек на УНЕСКО, Македонија имаше 4-годишен мандат како член на Извршниот одбор на организацијата, беше респектабилна членка која токму тогаш успеа да ги впише во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство: обичајот „Четр’се“ – Празнување на светите четириесет маченици и машкото соборно оро „Копачката“, машкото двогласно пеење „Гласоечкото“, како и македонско-турската апликација за заштита на Хидрелез (турскиот Ѓурѓовден) и мултинационалната апликација „Мартинки“ во која заедно партиципираа Бугарија, Романија, Молдавија и Македонија. УНЕСКО во годините на Бокова беше постојан и силен поддржувач, покровител и партнер на бројни културни и верски манифестации, конференции и други настани во Македонија. „Да инвестираме како помали држави во талентите што ги имаме, и ние и вие, бидејќи неисцрпен извор на енергија во светот е само човековиот талент“, знаеше да им дошепне, како во најголема доверба, на своите бројни македонски колеги и пријатели.

(Само неколку години потоа, светлосни години далеку сме од ваквите силни проблесоци на македонско-бугарското пријателство и соработка, не само во културата!)

Денес, Ирина Бокова сѐ уште го ужива статусот на неприкосновена икона на светската, но пред сѐ, на својата бугарска култура. Како добитничка на преку 40 престижни меѓународни признанија и награди, како лидер или член на бројни моќни невладини меѓународни организации, како почесен член на Американската академија за уметност и наука, како почесен професор и редовен професор за теми од културната дипломатија во Франција и Јужна Кореја, Бокова силно и непоколебливо сѐ уште работи и за својата држава. „И кога ништо веќе нема да работам, ќе работам за каузата!“, ќе рече неодамна во едно интервју.

…………………………………………..

Во меѓувреме кај нас, во Македонија, во петте години на владеење на оваа власт се сменија пет министри за култура, кои никој нема да ги памети по ништо значајно во промоцијата на македонската култура, ниту дома, уште помалку во светот, затоа што ни делче од големата македонска култура, ни парче од огромното ѕвездено културно небо на Македонија, не покажаа и не видовме во нивните очи!

И затоа денес, ниту имамо право да се чудиме ниту да негодуваме, зошто и кога физички веќе ја нема легендарната Мелина Меркури, во рангирањата на највлијателни држави во светот, меѓу светските гиганти по многу основи, Грција се наоѓа на високото 17-то место и тоа најмногу поради огромното културно влијание. Бугарија и пет години по заминувањето на Ирина Бокова од УНЕСКО, на листата на највлијателни држави се наоѓа на 72 место! А, Македонија?! Македонија  воопшто ја нема на картата на влијателни држави, барем не во прворангираните 120!

Колку нештата да станат малку појасни!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.