Петар Поп-Арсов

Советот на Европа ја започна постапката за прием на Косово за членство во оваа организација!

Во некои нормални времиња оваа вест ќе беше вистинска сензација. Ке се пишуваа текстови, ќе се организираа телевизиски дебати, ќе се вкрстуваа аргументи за и против. Но, овој пат тоа не е така! Информацијата кај нас поминува некако тивко, незабележително и несвојствено мирно. Без помпи и фестивали, без никаков триумфализам од страна на дел од политичките партии кои за ваква вест во најмала рака би славеле како Швајцарија да ја победила Србија во фудбал. Чудно, неочекувано мирен прием на веста. Човек би помислил дека навистина се работи за цивилизирано и достоинствено дочекана вест.

Додека Албанија ја поздравува одлуката за отпочнување на постапката за членство, Србија протестира и најавува реципроцитет, Македонија молчи! Молчи МНР, молчи Османи, молчи владата. Молчи целиот државен врв на земјата која во моментот претседава со ОБСЕ. Да кажеа барем нешто, да објаснат какви импликации ќе има косовското членство во Советот на Европа врз нас како држава, врз соседството и регионот.

Нема врска, нека си молчат! Попаметени се кога молчат! Можеби си имаат домашни проблеми или некоја мака предизвикана од разно-разните афери и скандали кои редовно ги прават и кои дефинитивно кулминират со потпишувањето на сомнителни договори без законска основа.

Кога веќе ја почнавме темата, процедурата за прием на нови земји членки на Советот на Европа е дефинирана со Статутот на организацијата и со Деловниците за работа за работа на неговите органи, Комитетот на министри и Парламентарното собрание. Процедура како процедура! Ако тргнеме во нејзино детално објаснување ќе ни треба простор за цела колумна која ќе биде исклучително досадна за читање. Тоа е збир на правила и прописи кои треба да бидат запазени со цел да се задоволи формата за да би се постигнала суштинската цел. Цел која ја зацртале највлијателните земји во Советот на Европа и кои преку своите дипломатски алатки лесно ја постигнуваат. Особено ако се единствени и сложни околу конкретното прашање. А, во случајов очигледно дека се сложни.

Секоја земја која сака и смета дека е способна да стане членка на Советот на Европа треба да исполни неколку основни критериуми. Прво и основно, треба да е држава. Второ, да е европска држава. Трето, мора да ги прифати принципите на владеењето на правото и почитување на човековите права и слободи во однос на сите граѓани кои живеат во таа земја, односно задолжително да стане дел од Европската конвенција за човекови права.

Постапката за прием воглавно се одвива во рамки на Комитетот на министри и Парламентарното собрание. Може да трае цела една година од нејзиното започнување па се до финалната одлука, во случај да се почитува редовната процедура. Потребни се гласања, вакво мнозинство, онакво мнозинство и на крај полноправно членство. Не се сомневам дека на крајот од денот процедуралните аспекти од постапката на приемот ќе бидат испочитувани. Впрочем, кој би бил кредибилитетот на Советот на Европа да бара од земјите членки да го почитуваат принципот на владеење на правото доколку самата организација го крши?!

И така, не е некоја тешка филозофија да „вшмукаш“ нова членка во сопствените редови, но тука се наметнуваат неколку моменти кои имаат сериозни политички импликации и кои можат да имаат регионален, дури и глобален политички импакт.

Рековме дека за да се стане членка на Советот на Европа треба географски да се припаѓа на Европа и да се биде држава. Дека Косово е дел од Европа, тоа не е спорно. Но, тоа дека Косово е држава, тоа сѐ уште е спорно за неколку европски земји, членки на Советот на Европа. Косово не е признаено од Србија, не е признаено ниту од Шпанија и Словачка, ниту пак од Романија, Кипар и Грција. Има уште неколку, но не е поентата да правиме попис и да навлегуваме во статистичките лавиринти. Фактот дека десетина европски земји не го сметаат Косово за држава е сосема доволен за да го проблематизира неговото членство во оваа организација. Советот на Европа е организација на вредности и стандарди креирани со децении наназад и еден ваков „упад преку ограда“ ќе ги наруши ваквите односи и меѓусебната доверба.

Од друга страна, вовлекувањето на Косово во Советот на Европа без согласност на Србија претставува сериозна провокација и предизвик за нашиов регион. Во 2014 година, кога беа првите почетоци на косовската интеграција во Советот на Европа, идејата за прием на Косово во организацијата беше напуштена со образложение дека на Европа не и треба уште една точка на нестабилност, покрај онаа во Украина. Денес, во услови на војна во Украина, клучните западноевропски играчи ја подотвораат Пандорината кутија овде на Балканот.

Овој потег може да се толкува на неколку начина.

Првиот е дека постои некаков договор на релација Белград-Приштина кој постепено се имплементира до конечно разрешување на прашањето и стабилизирање на регионот. Во тој пакет влегува и членството на Косово во Советот на Европа според онаа „ние сакаме, тие демек не ни дозволуваат“. Ова е оптимистичкото толкување.

Второто толкување би било дека војната во Украина не се одвива според планот на западните сојузници па тие настојуваат час поскоро да сторат нешто на Балканот со цел да укнижат каков-таков поен кој ќе го бројат како сопствена победа. Не гледам друго логично објаснување за ваквиот блиц-криг дипломатски јуриш во Стразбур. Ова е, да кажеме неутрално толкување, а впишувањето на поени и победи постигнати на ваков начин и не се некое посебно достигнување за да се гордееш со нив.

Третото толкување, на кое не сакав ниту да помислам и за кое се надевам (верувам) дека не е точно, е дека се креира простор за развлекување на руското внимание на поширок терен заради нивно дефокусирање од Украина. Не можеме да ја игнорираме и оваа, наизглед нелогична опција бидејќи веќе има одредено дефокусирање во Судан, на пример. Иако сметам дека третово толкување е малку веројатно и наликува на класичен автогол на неговите инспиратори и иницијатори, познати како „Квинтата од Советот на Европа“ (Германија, Франција, Британија, Италија и САД), сепак нека стои како опција за размислување.

Од друга страна членството на Косово во Советот на Европа има бројни позитивни аспекти. Ако се исклучат негативните безбедносни регионални и геополитички ризици, членството на Косово во Советот на Европа има само позитивни страни.

Како прво, Косово ќе стане дел од Европската конвенција за човекови права и на тој начин под директна јурисдикција на Судот во Стразбур. Неговите граѓани, вклучително и косовските Срби ќе бидат под заштита на Конвенцијата. Членството во Советот на Европа иницијално всушност претставува преземање на обврска од страна на државата за почитување на стандардите во однос на заштитата на човековите права. Во моментов Косово е „црна дупка“ на нашата северна граница, сива зона на Европската конвенција за човекови права. Дел од Европа во која не можат да бидат применети меѓународните договори креирани од Советот на Европа.

Со членството во Советот на Европа, Косово ќе стане предмет на набљудување, оценка и притисок на мониторинг телата на Советот на Европа. ГРЕКО, Комитетот против тортура, ЕКРИ, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Истамбулската конвенција против насилството врз жената се само дел од преку двестате конвенци, повелби и останати договори кои стојат како обврска или опција за секоја земја членка. Во моментов Косово нема никаква меѓународна правна обврска за заштита на групните и индивидуалните права на секој свој граѓанин, нема обврска кон националните малцинства, нема меѓународна обврска во однос на борба против корупцијата или перењето пари и финансирање на тероризам, на пример. Барем нема онаква каква што имаат останатите европски земји. Можеби има одредени стеги кои ги држат неговите ментори, но нема никакви меѓународни обврски превземени како државен субјект преку пристапување кон Системот на конвенцијата.

Од тие причини може слободно да заклучиме дека членството на Косово во Советот на Европа има позитивен контекст, особено ако се работи за кординиран, договорен и одобрен процес од страна на Србија. Секој друг контекст на косовското зачленување во овој момент е непотребна авантура која ќе создаде дополнителни ризици за нашиов регион.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.