Државниот буџет е најсеопфатниот програмски документ, предложен од Владата, а дискутиран и усвоен од народните избраници. Тој е приказ на сите политики, мерки и активности кои се спроведуваат од страна на државата во еден фискален период. Како таков, буџетот заслужува големо внимание во јавноста, особено во време исполнето со предизвици и глобални економски кризи. Во „новата реалност“, претставена низ поликризното глобално окружување, добрата стратегија и соодветниот план, ќе не направат поотпорни, а нашата економија поефективна.

Препознавајќи ги предизвиците на глобалното окружување и развојните потреби на домашната економија, минатата година го зајакнавме стратегиското планирање преку воведување на среднорочното буџетирање и буџетирање според успешност во реализација, мерено преку индикатори (Key performance indicators). Тоа е дел од големата реформа во јавните финансии, од која дел е и Законот за буџети, кој ги вклучува најдобрите практики на меѓународните финансиски институции и директивите на Европската Унија. Реформата во процесот на планирање и спроведување на буџетот е препознаена како суштински напредок во управувањето со јавните финансии од страна на меѓународните институции, вклучително и од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Покрај унапредување на процесот на буџетирање, насочени сме и кон подобрување на структурата на буџетот преку зголемување на развојната компонента (капиталните расходи) согласно Планот за забрзан економски раст и Планот за јавни инвестиции, додека паралелно остануваме на правецот на фискална консолидација или постепено намалување на јазот помеѓу приходната и расходната страна на буџетот, согласно Планот за фискална одржливост. Нашата цел е секој иден буџет да има изразена развојна компонента, а воедно да биде и фискално одржлив, односно буџети скроени според златното правило во јавните финансии (инвестиции повисоки од дефицитот).

Врз основа на заложбата за поттикнување на економскиот развој и зачувување на стабилноста го конципиравме и Предлог-буџетот за 2024 година. Пред една недела предлог-буџетот го претставивме во јавноста, откако истиот беше усвоен од Владата. Буџетот за 2024 година проектира повисок раст во однос на годинава (3,4% во однос на 2,3%), пониска инфлација (3,6% наспроти 9,2%) и буџетски дефицит (3,4% наспроти 4,8%), повисоки приходи (без притоа да се зголемуваат јавните давачки), повисоки капитални инвестиции во однос на дефицитот, повисоки плати (за 160 милиони евра), пензии (за 170 милиони евра) и социјални надоместоци (за 60 милиони евра), повеќе средства за активни мерки за вработување, како и средства за здравствена заштита, повеќе средства за студентите за стипендии и студентски оброк, реформи во субвенциите во земјоделството и повеќе средства за општините. Приота, се проектирани околу 60 милиони евра за антикризни мерки. Накусо, овој буџет е конципиран да обезбеди поддршка за забрзување на растот преку изразена инвестициска компонента, поддршка на стандардот на граѓаните, унапредување на јавните услуги и обезбедување на фискална одржливост, а со тоа и на макроекономската стабилност.

Поликризно глобално окружување

Во изминатите три години скоро сите економии во светот се соочија со шоковите поврзани со пандемијата, Руската инвазија во Украина и двоцифрената инфлација, како и стеснетиот фискален простор, заострените финансиски услови, зголемената геополитичка и геоекономска фрагментација, како и климатските промени. Сепак, имајќи ги предвид сите овие околности, глобалната економија покажа висока отпорност – растот забави, но не запре. Според есенските проекции на ММФ растот на глобалната економија се очекува да забави од 3,5% во 2022 година на 3% годинава и 2,9% во 2024 година, со посилни негативни ефекти кај развиените во однос на економиите во развој. Економската активност во ЕУ во 2023 година се очекува да остане слаба и да забележи раст од 0,7%, додека во 2024 година растот е проектиран на 1,5%, со тоа што кај нашиот најголем трговски партнер СР Германија, се очекува раст од 0,9% во 2024 година, по проектираниот пад од 0,5% во 2023 година.

Очекувањата за инфлацијата се дека таа ќе продолжи да се намалува понатаму, но кај европските земји не се очекува постигнување на целната инфлација од 2% пред 2025 година.

Домашната економија покажува висока отпорност

И покрај предизвиците од надворешното окружување, домашната економија покажа високо ниво на отпорност и остана на патеката на растот. Во првата половина од 2023 година БДП забележа раст од 1,6%, при што производствениот раст беше на широка основа, со најголем придонес од услужниот сектор, но и позитивни резултати кај индустриското производство. Според расходната страна, растот во првото полугодие од 2023 година се должи на позитивниот придонес на нето извозот, со намалување на домашната побарувачка, при раст на приватната и пад на јавната потрошувачка, како резултат на политиката за кратење на неприоритетните трошоци.

Во услови на економска стагнација на Европа, кај нас, во 2023 година се очекува помал, но позитивен економски резултат со раст на БДП од 2,3%. Притоа, стапката на инфлација во 2023 година значително се намали, до 3,5% во октомври и се очекува до крајот на годината просечно годишната инфлација да остане на едноцифрено ниво (9,2%). Стапката на невработеност, исто така, се намалува, додека се забележува и реален раст на платите од вториот квартал годинава наваму.

Забрзување на економскиот раст во 2024 година

Во 2024 гoдина економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4%, главно како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите државни инфраструктурни проекти (Коридорите 8 и 10, автопатот и железницата, преносната мрежа за гасификација и др.), заедно со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст. Државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата, преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање, како и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони се очекува да придонесе кон раст на приватните инвестиции, а исто така пристапниот процес кон ЕУ, ќе ги зајакне реформските процеси во земјата и ќе обезбеди зголемена поддршка за инвестиции. Дополнителен потстрек за раст на инвестициите ќе обезбеди зелената агенда.

Позитивен придонес кон растот ќе има и приватната потрошувачка при намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Закрепнување на економската активност кај нашите најголеми трговски партнери и на глобалните синџири на производство ќе придонесат кон динамизирање на надворешно-трговската размена и раст на извозната активност на домашните компании.

Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6% во услови на одржување на стабилно ниво на цени на енергенси и храна на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат во 2024 година, со раст на бројот на вработени за 2% и раст на просечната нето-плата за 8,4% на номинална, односно 4,8% на реална основа.

Контурите на буџетот за 2024 година

Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора кои го опишуваат буџетот за 2024 година. Буџетот за 2024 година е развоен, поради силниот инвестициски циклус во инфраструктурата кој продолжува следната година. Буџетот е одржлив, бидејќи и покрај високата инфраструктурна компонента, како што истакнав и на почетокот, продолжуваме со фискалната консолидација. Буџетскиот дефицит е намален за скоро третина во однос на проектираното ниво за годинава на 3,4% од БДП (од тоа само половина е примарниот дефицит, односно 1,7% од БДП, додека остатокот од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиаран од минатото до сегашниот период). Ова ниво соодвествува со среднорочните проекции во Фискалната стратегија до 2028 година, буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3% или согласно Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3%, односно 2,8% и 2,5%, респективно.

Приходите во буџетот се проектирани на 310,1 милијарди денари и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за 5,8% повисоки во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во 2024 година во однос на 2023 година за 9,2 милијарди денари што ќе значи помалку задолжување за 150 милиони евра.

Повисоки приходи во буџетот без зголемување на јавните давачки

Проекциите за приходите на Буџетот за 2024 година ги засниваме на реализацијата на приходите во 2023 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи. Тука би сакал да ги истакнам и мерките и активностите кои ги спроведуваме и кои и во иднина ќе ги спороведуваме за намалување на даночната евазија преку мерките за формализација на неформалната економија, воведувањето на напредни технологии, модернизација и автоматизација на работните процеси, зајакнувањето на капацитетите на институциите за зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнувањето на институционалната координација.

Притоа, вкупните даночни приходи во Буџетот за 2024 година се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10% над износот на приходи планиран за 2023 година и истите учествуваат со 18,1% во БДП за 2024 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година. Проекцијата ги содржи и очекуваните фискални ефекти од имплементација на даночните реформи кај данокот на додадена вредност, данокот од добивка, данокот на личен доход, акцизите и данокот на моторни возила. Исто така, во предвид се земаат и макроекономските проекции за номиналниот БДП, финалната потрошувачка, пораст на бројот на вработени и на просечната плата, зголемениот увоз и профитабилност на приватниот сектор. Најголем пораст кај даночните приходи е проектиран кај приходите од данокот на личен доход во однос на годинава, согласно очекувањата за зголемување на бројот на вработени, порастот на платите и зголемувањето на даночната основа и можноста за доброволно приклучување во системот од страна на дел од привремено вработените. Се очекува подобро остварување кај данокот на добивка, но и на данокот на додадена вредност, што се должи на проектираниот пораст на финалната потрошувачка.

Главната цел на даночната политика останува фер наплатата на јавните давачки со цел обезбедување на средства за поддршка на економскиот раст и обезбедување на квалитетни јавни услуги. Притоа, приоритети остануваат праведност, ефикасност и продуктивност на даночниот систем, висока даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и зелено оданочување.

Социјалните придонеси се планирани на ниво повисоко за 11% во однос на 2023 година, како резултат на сите причини кои ги наведов и кај данокот на личен доход.

На што ќе се троши буџетот за 2024?

Економско заздравување и забрзан раст; редовно и непречено извршување на сите законски обврски; непречено спроведување на изборните активности; спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО; поддршка на приватниот сектор и граѓаните; зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти; привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании – кон ова ќе биде насочена расходната страна на Буџетот за 2024 година.

Со Буџетот за 2024 година се планирани расходи за исплата на плати на ниво од 41,2 милијарди денари, односно за 18% повисоко во однос на иницијалниот буџет за 2023 година или 10% во однос на одлуката за прераспределба. Со овие средства ќе се овозможи целосно спроведување на одредбите на Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор. Притоа, мора да нагласам дека оваа сума е проектирана на ниво на постојниот број на вработени во јавната администрација, односно нови вработувања може да се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор или преку пополнување на испразнети работни места по сите основи, согласно владините мерки за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор.

Расходите за стоки и услуги учествуваат со еднакво ниво во вкупните расходи со околу 7,5%, а притоа се обезбедуваат средства за непречено функционирање на институциите, како и неопходните средства за исполнување на обврските кои произлегуваат од НАТО стандардите.

За исплата на пензии планирани се 83,6 милијарди денари, или повисоко за 170 милиони евра, согласно воспоставената методологија на пресметка на пензиите (50% раст на трошоци за живот, 50% раст на просечна плата).

Обезбедени се средства за исплата на социјална заштита на најранливите слоеви на населението повисоки за 60 милиони евра (гарантиран минимален приход, социјална сигурност, социјални трансфери). Обезбедени се и повисоки средства за активните мерки за вработување (2 милијарди денари), но и за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност.

Здравствената заштита е планирана исто така на повисоко ниво за околу 45 милиони евра во однос на лани, со што ќе се обезбедат средства и за лекот Трикафта и други програми за лекови, за здравствените услуги, за исплата на обврски на јавните здравствени установи, како и обезбедување на средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Во текот 2024 година ќе се спроведуваат новите модели за субвенционирање на земјоделството со нови критериуми на доделување на субвенции (основна субвенција и дополнителна поддршка), со цел зголемување на производството на храна, која ќе се базира на остварениот принос. Со новиот модел се дава приоритет на стратешки важните култури и производи за државата.

Во рамки на субвенциите за приватниот сектор предвидени се средства за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.

Предвидени се и зголемувања на трансферите до единиците на локална самоуправа (ЕЛС), по основ на планирано зголемување на процентот на приходите од ДДВ кои се распределуваат на општините (од 4,5% на 6% од наплатениот ДДВ во претходната година). Обезбеден е пораст на општата дотација кон општините за 15,5% во споредба со 2023 година, со цел зголемување на фискалниот капацитет на општините. Истите ќе се распределуваат во три дела и тоа: основен дел – 4,5%, дел за перформанси – 0,75% и дел за вооедначување – 0,75%. Ќе се обезбедат и средства за зголемување на платите во општините преку блок дотациите.

Предвидени се средства за антикризни мерки во висина од 60 милиони евра со цел поддршка на најраливите категории на граѓани и поддршка на стопанството. Средства за оваа намена обезбедени се и во други програми на министерствата, како што се Програмата за енергетска сиромаштија во Министерството за екномија и Програмата за гарантиран минимален приход во Министерството за труд и социјална политика. Исто така, покрај владините програми за поддршка на инвестициите и економскиот развој, обезбедени се поволни кредити од Европска Инветициска Банка (ЕИБ), Банката на Советот на Европа (ЦЕБ) и Француската Развојна Агенција (АДФ) во висина од 200 милиони евра, кои ќе се реализираат преку Развојната Банка и комерцијалните Банки кои ќе обезбедат дополнителни 200 милиони евра од своите средства за овие кредитни линии за стопанството и тоа за зелена транзиција, дигитализација, ликвидност и инвестиции. Тоа се 400 милиони евра поволни кредити за стопанството наредната година. Овде секако би требало да се спомнат и системските мерки што веќе се применуваат во тековната, а ќе продолжат и во наредната година и потоа, односно законските решенија со методологија за континуирано усогласување на минималната плата, пензиите и платите во јавниот сектор согласно движењата на цените и растот на екномијата, а со тоа се обезбедува подобар животен стандард на нашите граѓани. Средства што Буџетот во 2023 година го чинеше околу 190 милиони евра, додека во 2024 година тој износ ќе биде околу 330 милиони евра.

Капитални расходи според „златното правило“ во јавните финансии

Во текот на 2024 година со буџетски средства во износ од околу 15,1 милијарди денари, или за 5,9 милијарди денари (95,9 милиони евра) капиталните расходи се повисоки во однос на буџетскиот дефицит, согласно златното фискално правило. Планирани се значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридор 8, и тоа проширување на автопатот Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делницата Гостивар-Букојчани. На Коридорот 10 д планирана е изведбата на делницата Прилеп–Битола. Планирана е и подготовка на физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен.

Планирано е и да продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8, делницата Ранковце-Крива Паланка, финансирана со заем од Светска банка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, со средства од ЕБОР и грант од ВБИФ. Ќе се финансира и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани, со заем од ЕБОР и делницата Кичево-Охрид, со заем од ЕКСИМ банка. Исто така, со заем од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце, додека подобрувањето на патната инфраструктура на општините ќе се реализира преку Проектот за поврзување на локални патишта на Светската банка. Продолжуваат и активностите за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.

Во текот на 2024 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, вклучително, а во 2024 ќе започне реализацијата на третата фаза за изградба на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8. Во рамки на железничката инфраструктура, во 2024 година во соработка со ЕБОР ќе се подготвува и спроведува проектот со кој е предвидено изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце. Преку ИПА средства се имплементира проектот за изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридор 10 d.

Во областа на комуналната инфраструктура и управување со отпад ќе се продолжи со интензивирана динамика на изградбата на водоводните и канализациските системи во општините, а значајани капитални проекти во оваа област се Регионалниот проект за цврст отпад како и Пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Во 2024 година во соработка со Светска банка ќе започне новиот проект за одржлив развој на општините, преку кој ќе продолжи поддршката на Владата на општините, а ќе продолжи реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор.

Ќе се продолжи со уредување на технолошко индустриските развојни зони, а планирани се и значајни капитални инвестиции во здравствениот и образовниот сектор, детската заштита и спортот. Би ја истакнал набавката на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево, иако е долг списокот на проекти.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвидени се значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Ќе се спроведуваат и активности за воведување на Интегрираниот систем за управување со финансиски информации, Интегрираниот систем за управување со даночни информации и Системот за управување со информации за државна помошкако дел од концептот на SMART Finance.

Финансирање на дефицитот и отплата на долг

Проектираниот дефицит за 2024 година, како и отплатата на долгот кој доспева во износ од 45 милијарди денари ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување. Домашното задолжување е предвидено преку државни хартии од вредност (ДХВ) и/или домашен заем, под поволни услови, користејќи ги поповолните каматни стапки. Задолжувањето во странство може да се реализира со издавање на должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, преку повлекување на заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка, од банката за развој при Совет на Европа и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит. Изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал.

Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио и примена на иновативни финансиски инструменти.

Значителен дел од странското финансирање на буџетот веќе е обезбеден со репрограмирање на старото задолжување и обезбедување програмско финансирање на буџетот базирано на реформи и политики со поволни кредити од меѓународните финансиски институции. Во текот на 2022 година склучивме Програма за претпазливост и ликвидност со Меѓународниот Монетарен Фонд во износ од 530 милиони евра од кои 260 милиони евра се за ликвидност (100 милиони евра во 2022 година и 160 во 2023 година), тоа беше основа за дополнителни средства од 100 милиони евра за Макрофинансиска поддршка од Европска Комисија, потоа 150 милиони евра за Програма за развојни политики од Светската банка и ОПЕК, 90 милиони евра од Германската развојна Банка (КФВ) и се очекуваат уште 50 милиони евра на првиот квартал од 2024 година од Баката на Советот на Европа (ЦЕБ). Вкупното портфолио достигнува 650 милиони евра пакет за буџетско финансирање со поволни услови, со рок на доспевање над 10 години и грејс период на исплата до 5 години, и со камати пониски во просек за 4 процентни поени од приносот на нашата еврообрзница на светските финансиски пазари. Само по основ на камата заштедите во буџетот од овој пакет достигнуваат износ од 260 милиони евра за период од десет години колку што е приближно рокот на доспевање на овој пакет. Тука само ќе додадам дека гаранциите за заемите обезбедени за инфраструктурните проекти споменати погоре носат уште поповолни кредити за долгорочно финансирање на инфраструктурните проекти за развој со рок на доспевање од 20 години, грејс период од 5 години и уште поповолни каматни стапки.

Важно за напоменување во финансирање на нашиот економски раст и развој, е новонајавениот План за раст на Западен Балкан од страна на Европската Комисија 2024-2027, која за регионот ќе обезбеди 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди ќе бидат грант и 4 милијарди поволни заеми со период на доспевање од 20 до 40 години. Средствата ќе бидат распоредени во износ од 3 милијарди евра за буџетска поддршка за реформи и развојни политики и 3 милијарди евра за инфраструктурни развојни инвестиции.

Доследност на буџетската реформа

Доколку треба да ги сумирам видувањата за буџетот за догодина, ќе истакнам дека сум задоволен што останавме доследни и со овој буџет на она што сакавме да го постигнеме со реформата со Законот за буџети. Тука пред се, ќе го истакнам обезбедувањето на фискална одржливост, како предуслов за макроекономска стабилност и економски развој Остануваме доследни и на сите останати системски документи кои се дел од реформите на јавните финансии – Планот за забрзување на растот, Планот за јавни инвестиции, Даночната реформа (од аспект на проширување на даночната основа, а не зголемување на даноците), Стратегијата за формализација на неформалната економија итн. Во економијата и менаџментот, доброто поставување на цели, стратегија и акциски план, е суштинско за понатамошната реализација. Фискалната транспарентност, пак, е највисока форма на контрола, соодветно се надевам на плодна дискусија во домот на демократијата во наредните денови.

Најдобар опис на „новата нормалност„ што ја поминуваме во овој мултикризен период заликува на народната поговорка: „Лошите работи доаѓаат брзо и неочекувано, додека добрите работи доаѓаат полека со многу труд и трпение.„

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.