Петар Поп-Арсов
„… Македонија постигна ниво на подготвеност помеѓу одредено и умерено да го примени правото на ЕУ и европските стандарди во оваа област. Севкупно, не е постигнат напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрувањето на правната рамка за заштита на фундаменталните права.“
„Во однос на судскиот систем, нивото на подготвеност на … Македонија е помеѓу одредено и умерено. Во текот на извештајниот период не е постигнат напредок во областа на судството.“
„Во однос на спречувањето и борбата против корупцијата, нивото на подготвеност на земјата е помеѓу одредено и умерено. Не е постигнат напредок. Корупцијата останува распространета во многу области и претставува предмет на загриженост.“
Вака гласеше извештајот на Европската комисија за состојбите во македонското судство за 2023 година. Нема напредок во судството, земјата е неподготвена за примена на правото на ЕУ и европските стандарди, нема зајакнување на судската независнот. Она што ние го живеевме и преживувавме како граѓани, од ЕК само го ставија на хартија. А, хартијата трпи сѐ, нели?!
Па дури и овие оценки, кои патем кажано беа најлошите оценки кои што некогаш сме ги добиле како земја кандидат се нереално високи во однос на вистинската реалност. Терминот нема напредок слободно можеше да се супституира со реалниот термините има назадување, има стагнација, има колапс во македонското судство. Или состојбите во судството можеа да бидат опишани со уште посоодветна терминологија, како на пример: „Состојбата во судството е катастрофа! Судството во Македонија не е судство, тоа е легло на криминал и корупција!“
Тоа би била вистинската терминологија со која Европската комисија требаше да ги опише состојбите во македонското судство, а не таму со некои термини од типот немало напредок, бил слаб до умерен или „кај и да е, ќе биде“. Независно од тоа што оценките во извештајот за 2023 година се најлошите до сега, на нашиве судии треба да им се напише директно и конкретно.
Тие не знаат да читаат дипломатски јазик. Мислат дека народот е хартија, може да трпи сѐ, а европската терминологија во процесот на оценување е нешто таму во Брисел, далеку од овде.
Токму поради тоа, но и поради многу друго и многу трето и четврто дојдовме да го добиеме првиот практичен пример за криминалот и корупцијата во македонското судство. Токму поради многуте нешта кои владеат во судството добивме, ни помалку ни повеќе туку еден врховен судија да биде првиот кој беше инфлагранти фатен во злоупотреба на својата положба со кеш во раце. Добивме и врвен обвинител, кадар со исклучително и богато портфолио, кој е осомничен дека учествувал во истиот коруптивен скандал. Нивната спрега ја потврдуваа онаа народната „Кадија те тужи, кадија ти суди“.
Која власт ги натера да го направат криминалот за кој се осомничени? Се наоѓаме во период на транзиција на власта во кој реално никој нема целосна и цврста контрола над она што се нарекува извршна власт, а уште помалку власт која може да врши замешателство во судската власт која е бетонирана на сопствените позиции. Тоа беше пример на целосна независност на судството во вршењето на криминал и корупција.
Што да се каже?
Судијата над сите судии, народот, го кажа својот суд на тукушто завршените парламентарни и претседателски избори и им пресуди на виновниците на ниво на политика. Изборите се можноста да се направат корекции за сите недоследности и грешки што се случувале во мандатниот период на секоја извршна власт. Како потоа ќе се одвиваат процесите на ниво на правото и правдата за политичарите кои се огрешиле од законите, е друго ниво и друго прашање.
Се поставува прашањето, кој ќе ја донесе пресудата во однос на „независното“ судство кое е целосно оставено без сериозен и вистински контролен механизам? Механизам, кој во исто време ќе ја гарантира неговата независност и ќе ја контролира опасноста од појавата на недоследности, грешки и организирана форма на изигрување на законите.
Како да го направиме судството вистински независно?
Независно од политички влијанија, отпорно на криминални замешателства и контролирано на начин кој ќе овозможи негово ефикасно функционирање во полза на граѓаните? Ако темите поврзани со политичките влијанија и корупцијата во судството се постојано на дневен ред и постојано се зборува за нив, се поставува и прашањето, кога ќе почнеме да зборуваме за темата поврзана со самоволното кршење на законите од страна на судиите и обвинителите кога го прават онака, на своја рака, без политички влијанија?! Кога ќе почнеме да зборуваме за нивниот влог во рушењето на репутацијата на македонското судство? Кога ќе почнеме да ги бараме контролните механизми кои судската власт треба да ги има, онака како што ги имаат законодавната и извршната, во функција на граѓанскиот интерес?
Факт е дека досегашниот модел е нефункционален. Истиот или креира услови за политичко влијание во судството или го остава целосно надвор од контрола за да се прави сѐ што ќе се посака. Овој систем се покажа дека овозможува алиби, параван и заштита кај некои од судиите кои умешно ги користат и ги комбинираат двете најголеми слабости во македонското судство, политичкото влијание и корупцијата. Затскриени зад т.н. политички влијанија, стекнувајќи некаков „кредит кај оние од горе“, влегуваат во сериозни коруптивни зделки на сопствена рака и за сопствена корист.
Ќе речеме, чест на исклучоците, но тие се само исклучоци и толку!
Има ли решение за состојбите во судството, најболната точка во македонското општество?! Секако дека има! Но, некој треба да ги најде и примени! Да ги најде и примени час поскоро затоа што следниот извештај на Европската комисија ќе дојде многу бргу, независно од тоа што ноември и декември ни изгледаат многу далеку од сега.
А токму оние кои што најмогу придонесоа македонското судство да се „расцвета како пупка“ и да стаса до 1% доверба кај граѓаните, ќе бидат најгласните критичари за состојбите во судството. Играњето на картата на кратко паметење е вообичаена пракса во македонската политика и ќе биде сосема очекувано да се искористат состојбите во судството за прибирање на политички поени врз нереална основа.
Новата власт мора веднаш да пристапи кон реализација на сопствената програма во делот на судството. Тоа е програма за која што доби огромен број гласови и мнозинство мандати во Собранието. Какви мерки ќе примени и во кои рокови ќе ги спроведе реформите е прашање на политичка проценка. Какви и да бидат мерките тие мора да се фокусираат на неколку клучни момента.
Првиот е да се обезбеди и гарантира целосна независност на судството. Вториот е да се обезбеди демократски контролен механизам кој нема да дозволи независноста да се претвори во самоволие и неконтролирано легло на корупција. Третиот момент е сето тоа да се случи што е можно побргу.
Не можеме повеќе да живееме во земја во која што колку е поголем криминалот што си го направил, толку ти се поголеми шансите да се спасиш од затвор со коруптивни дејствија. Не можеме да живееме во земја во која сметката ја плаќаат само оние кои што не можат да си платат. Не можеме да живееме во земја, која демек започнала преговори со ЕУ или ќе преговара за влез во ЕУ, а има судство кое што е под сите стандарди.
Примерот со фаќањето на дело на судијата од Врховниот суд говори во прилог на погоре изнесените констатации. Законот не смее подеднакво да ги третира оние кои што прават, да кажеме „нормален“ криминал и за кој се пропишани соодветни казни, со оние кои што треба да казнуваат за таквиот криминал, судиите. Корумпираните судии преку коруптивни дејанија всушност го прават обратното и го амнестираат сторениот криминал со што нанесуваат штета на општеството зголемена на логаритамски експонент. Еден криминалец што сторил криминал од позиција на судија треба да добие двојно или тројно повисока казна од т.н. „обичен криминалец“, само затоа што ја изневерил довербата која што му ја дала државата и граѓаните.
Исто така, треба да се следат пресудите на Судот во Стразбур и секое поништување на пресудите на македонското судство заради несоодветна примена на постоечкото македонско законодавство треба веднаш да иницира постапка за утврдување на одговорност кај оние кои што донеле таква пресуда. Не можат граѓаните постојано да плаќаат огромни судски отштети преку буџетот на државата заради нестручност или корупција кај оние со огромни плати, судиите.
Нешто мора да се стори, под итно! Во спротивно, сите напори што ги правиме како земја и општество, сите избори, промени на влади, реформи, усогласувања на законодавството, меѓународни договори и преговори ќе бидат безвредни доколку во македонското судство владее корупцијата и принципот сметката ја плаќа само оној кој не може да си плати.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.