Петар Поп-Арсов

Претседателските избори полека добиваат на интензитет. Веќе ги имаме првите знаци на масовна мобилизација на партиските активисти и уште помасовна анимација и мотивација на гласачите. Кандидатските каравани си го фатија својот пат и ја туркаат вообичаената шема на активности во трката за секој глас. Едните позитивно, другите негативно, третите и вака и така. Во принцип, тоа е тоа, кампања.

Ќе беше многу поедноставно да се анализира претседателскава кампања доколку ова беа само претседателски избори. Но, не е така. Ова се претседателски и парламентарни избори кои одат во пакет и кои взаемно се поврзани. Првите треба да ја дадат почетната интонација за вторите, а вторите да го стимулираат и поттикнат процесот во вториот круг на првите. Така некако би се дефинирала взаемната поврзаност на претседателските и парламентарните избори, чија што симбиоза треба да го обезбеди темелот на овој демократски чин.

За разлика од изборите пред пет години, кога имавме само тројца претседателски кандидати, на овие избори имаме дури седум. Сите со своја цел и очекувања. Реално гледано, двајца од нив се сериозни кандидати и чија што примарна цел е победата на изборите. За останатите кандидати може слободно да кажеме дека претседателската трка е нивна секундарна цел која треба да помогне во остварувањето на онаа примарната која што ја имаат, а е поврзана со парламентарните избори. Тешко би било да се очекува дека некој од нив би се замешал во трката на двајцата најсериозни претенденти за влез во вториот круг на претседателските избори, така да, констатацијата дека останатите кандидати претставуваат само песмејкери заради остварување на подобар резултат на парламентарните избори ја завршува секоја дополнителна потреба од анализа на нивните активности во контекст на претседателските избори. Ако ги анализираме во контекст на парламентарните, ќе има многу што да се каже, но во однос на претседателските, нивната приказана завршува тука.

Што да се каже во однос на она што до сега го видовме во почетните денови од кампањата? Реториката станува подинамична, на моменти поемотивна и со поголем жар од кој почнуваат да скокаат првите искри и спротивставени ставови. Ги слушнавме основните пораки и правците во кои кандидатите планираат да не водат како претседател на државата. Секако дека е рано за посериозна анализа и крајни заклучоци. Главните поенти секако дека ќе се искристализираат до крајот на првиот круг и во финалната трка во вториот. Тогаш би бил најадекватниот момент за анализа на перформансите на идниот претседател на Македонија.

Во моментов можеби нешто што највеќе треба да нѐ интересира е анализата на перформансите на досегашниот претседател на државата. Да ги оставиме останатите кандидати на раат да си ја тераат кампањата и да видиме што е она што ни го нуди актуелниот претседател, Пендаровски?! Да видиме што планира за следниот мандат како надоврзување на она што го сработа во досегашниот.
Исто така, имајќи во предвид дека секундарната цел на неговата кампања е учеството на неговата СДСМ во парламентарните избори, не можеме и не смееме оваа кандидатура да ја гледаме еднодимензионално без да ја имаме на ум трката за извршната власт и формирањето на новата македонска влада. Пендаровски и владата се взаемно поврзани, заедно поминаа пет години на власт, заедно учествуваа во донесувањето на одлуките и заедно создава или растураа во оваа наша држава.

Како што е редот на нештата, Пендаровски ја објави својата програма која што се заснова на пет столба. Но, како што е редот на нештата Пендаровски требаше да да даде и отчет за сработеното за тековниов негов мандат. А, отчет нема! Нема извештај, нема никаков промотивен докумнет преку кој граѓаните ќе можат да видат што е тоа што Пендаровски го сработал како претседател и зошто повторно ја бара нашата доверба.

Тој праќа една кратка порака и едноставно вели, „Како до сега“!

Во ред, како до сега, а што е тоа што беше сработено до сега?!
Токму отчетот, кој би претставувал сублимирана информација за претседателските постигнувања на Пендаровски, требаше да биде најголемата поткрепа на неговата порака „како до сега“. Што е тоа што Пендаровски го работел до сега за да знаеме што би работел од сега?! Многу е едноставно!

Наместо отчет ние гледаме рекламни спотови и кампања за ајвар, бурек, кафе и селфи сликање со граѓаните. Многу несериозно за еден актуелен претседател. Ако идејата била Пендаровски да се претстави како народен човек кој што самиот пазари ајвар, бурек или пие кафе со народот, тоа можевме да го гледаме во пракса претходниве пет години. Но тоа не беше случај. Пендаровски не беше меѓу народот. Немаше ниту канцеларија за контакт со граѓаните, а камо ли да имавме случај за негово спонтано пиење кафе на јавни места.
Неговата програма се заснова на пет столба. Ако ги гледаме површински или ако замислиме дека Пендаровски го бара својот прв мандат, тогаш ќе кажеме во ред, кандидатот се потрудил и има некаква програма. Но, ако на програмата гледаме низ призма на неговата порака „како до сега“, може да се пронајдат многу забелешки.

Гласот на граѓаните – заштитник на правата и слободите; Промотор на правата на младите, ранливите и маргинализирани заедници; Заштитник на демократијата и соработката меѓу заедниците во македонското општество; Борба за правна држава ослободена од канџите на организираниот криминал и корупцијата; Европската интеграција како двигател на целосната трансформација се петте столба од програмата на Пендаровски.

Пет столба кои до сега требаше да бидат завршена работа и да претставуваат основа за понатамошниот напредок на државата. Пет столба кои постојано ни ги сервираат во една или друга форма и никако да успеат да ги завршат. Европската интеграција како процес одамна требаше да биде започнат, кое што ветување ни беше дадено уште во 2016 година. Борбата против корупцијата и криминалот требаше веќе да биде минато, а не да биде постојано потенцирана од претставниците на ЕУ и САД во секоја прилика кога зборуваат за земјава и за оваа власт. Соработката меѓу заедниците, за која Пендаровски се нуди да биде заштитник, ја познававме под кованицата „Едно општество за сите“. Што добивме од таквото општество, нема потреба од коментар?! Првата помисла на младите е како да избегаат од државата, а иселувањето е процес кој и самиот Пендаровски го промовираше и стимулираше во текот на својот мандат. Поделбата на граѓаните на подобни и неподобни, на оние кои гласаат за едните и на оние кои гласаат за другите ги доживеа своите најцрни денови токму во мандатот на Пендаровски. Сегрегацијата по политичка основа отиде до таа мера што изборите, кои треба да претставуваат демократски чин за избор на подобриот, ги претворија во чин на борба за егсистенција или борба на живот и смрт.
За каква заштита на правата и слободите говори Пендаровски? За таква „како до сега“?!

Не, благодарам!
За какви евроинтеграции говори Пендаровски? За такви во кои самите прифаќаат обврски кои се однесуваат на клучни моменти и се од најголем државен интерес без никакви консултации и соработка со опозицијата?! Обврски кои не се во состојба да ги реализираат за потоа друг да им е крив… како што беше и до сега?!

За каква борба против криминалот и корупцијата говори Пендаровски? За корупција и криминал какви што ги гледаме во реалноста и кои што се во постојан раст… „како до сега“?!

За постигнувањата на Ковачевски во препуштањето на целосната власт во рацете на ДУИ… „како до сега“?! Можеби говори за постигнувањата на Спасовски и за неговите безброј афери кои го одбележаа неговото министерување и кои беа крунисани со хаосот во издавањето на пасошите и другите документи… „како до сега“?! Тука се и постигнувањата на Филпче во здравството, модуларните болници, како и постигнувањата на битолчанката во културата која не можеше да каже ниту еден проект реализиран во нејзиното министерство?! Да не го заборавиме ниту оној Љупче, кој со својата незабележителност е во состојба да преживее и нуклеарна катастрофа на позицијата министер за земјоделие.
Вака ли ќе биде тоа „како до сега“?
Не, благодарам!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.