Предраг Димитровски
Кога ќе ги читате фејсбук статусите на Слави Трифонов не ги читајте само насловите. Нема да го разберете. Зашто, неговата мисла е длабока, филозофска. Не е разбирлива за обичните смртници. Не само за тие во Бугарија, туку и во Македонија, а особено за Македонците.
Е тој Слави Трифонов, кој се прокламира за лидер на Има таков народ, партија која победи на првите парламентарни избори од трите спроведени минатата година во Бугарија, а сега е меѓу коалиционите партнери во владата на новиот премиер Кирил Петков, денеска се обиде да ги постави работите на свое место. Колку да не летаат високо нашите вицепремиери, министри и специјални пратеници за надминување на недоразбирањата со официјална Софија дека тие можат да се решат за шест дена, а седмиот да одмараме. Или, кај и да е, за неколку дена, наредни месеци, во најбрз можен рок, а најмногу до крајот на првото полугодие од годинава. Само да се формира новата влада и готово, ќе тргнат работите. Незапирливо. На арно. Та нели новите премиери ни се харвардци. Едниот, тој бугарскиот, вистински, а нашиов, додуша, малку фалц, ама не е толку важно. Абе не оди, не пукни.
Слави умно чекаше да минат новогодишните празници и во пресрет на седницата на Консултативниот совет за национална безбедност на претседателот Румен Радев, закажан за 10 јануари, барем така ни обелодени нашиот јунак, значи темпирано, му порача на Петков дека не е сам во Владата и оти се има цена. Допрва ќе видиме дали зад целото писание стои и шефот на бугарската држава.
Шоуменот решил со Македонците, кои без никаков проблем ги именува како северномакедонци, да се пазари. Ни помалку, ни повеќе, туку со САД и со ЕУ. Тие инсистирале Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата. Е, штом инсистираат, тогаш мора и да платат. САД да ги укине визите за бугарските граѓани, а ЕУ да ја прими Бугарија во Шенген зоната.
Но, како во познатата реклама, и тоа не е се!
Слави не бил добро разбран! Луѓето ги читале само насловите, ама не и содржината на напишаното. Тоа се однесувало само за САД и ЕУ како нивни партнери.
За Македонците или северномакедонците, како што ги именува, важат други правила. Тие мора да спроведат се од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, вклучувајќи го и сето она поврзано со историјата на Бугарија. И што е најважно, „северномакедонците треба да ги признаат своите бугарски корени. Тоа е услов без право на жалба и не подлежи на дискусија“.
Види мајката!
Fuck off Слави!
Значи, се било фарса. Какви човекови права, какви глупости. Какво ставање на македонските Бугари во Уставот, каква рехабилитација на жртвите на тој проклет комунизам, каква употреба на скратено име, какви работни групи, какво гледање напред кон „светлата иднина“, каков говор на омраза… Корените, корените се во прашање. Не македонските, оние бугарските. Идентитетот бетон!
Е мој Зоране Заев, е мој Никола Димитров, е мој Али Ахмети, е мој Артан Груби, е мој Бујар Османи, е мој Владо Бучковски. И вие сте ми биле некои трговци. Одете учете и научите нешто од Слави. Зашто, Софија не е Горњи Милановац или Дојран. А, богами не е ни Вашингтон, ни Берлин, ни Париз. Софија е престолнина на (пра)историјата. Од неа потекнуваат и Адам и Ева. Таму настанал светот. Од таму почнува цивилизацијата.
Како беше тоа, Заев и Димитров? На пријатели не им се испраќаат протестни ноти, со пријатели се разговара. Бати пријателите. Посебно овие од исток. Само вие продолжете да разговарате и не отварајте уста пред Македонците. Немој случајно да им ги заштитите националното достоинство, идентитетот и образот. Немој.
Зашто, тие и онака попрво ќе (из)умрат, отколку Бугари да станат. Според двата договора. И тој од Нивици, и тој од Софија. Вие сега кријте се. Како такво под кошула. Ја исполнивте целта и ја завршивте домашната задача. Ги уништивте и Македонија и Македонците. Само по тоа ќе останете запаметени. По ништо друго. Ако воопшто има нова генерација Македонци. Овие сегашните очигледно ги направивте „северномакедонци“.
На некој ѕид спроти бугарската амбасада во Скопје, некогаш кога бил тука Слави видел графит „Бугари, умрете“. И не можел тоа да го разбере. Се чудел. Како можеле оние кои имале бугарско државјанство и со документи ја потврдиле својата бугарска самосвест да сакаат самите да умрат!!!
Е, Слави, Слави, будало една. Тебе уште не ти се јасни многу работи. Прави ги ти само Македонците „северномакедонци“ и Бугари и пазари се во нивно име. И нема да ти пишуваат графити. Напротив, ќе те сакаат. Ни помалку, ни повеќе, туку исто колку што ги сакаш и ти нив.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.