Кирил Лазов
„…Со сета своја сила ќе ги одржувам честа и благородните традиции на лекарската професија. Моите колеги ќе бидат мои браќа”, извадок од Хипократова заклетва.
Добро би било како лекари почесто да се потсетуваме на Хипократовата заклетва, посебно на одредени делови затоа што се чини дека ги подзабораваме етичките аспекти на најблагородната и најхуманата професија. Но кога е во прашање егото и задоволувањето на каприците, посебно на ликови протежирани од власта, дури и Хипократовата заклетва паѓа во вода.
Деновиве се повеќе се актуелизира изборот на нов претседател на Лекарската комора во Македонија, а само десетина денови претходно беше спроведен избор на делегати на нетранспарентен, недемократски и нелегитимен начин зад затворени врати. Се гласаше дури и во директорската канцеларија на актуелната ни претседателка на Лекарската комора, директорка на Клиниката за гастеоентерохепатологија, миленичката на Заев и Филипче, пуленот на Рендевски, д-р Калина Гривчева Старделова, чии што апетити и овој пат се насочени кон освојување на нов претседателски мандат на Лекарската комора.
И покрај судирот на интереси, и покрај сите укажувања и казнени пенали од страна на Антикорупциската комисија дека не може да ги извршува двете функции и директор и претседател на Лекарската комора на Македонија, д-р Старделова со својата нескротлива амбиција и големи апетити, не сака да ја испушти од раце позицијата. Фактот дека и незаконски речиси две години си го продолжи мандатот без избор, со изговор дека пандемијата е во прашање, дополнително отвора полемики. Дали се тоа можеби лични каприци? Дали како послушен партиски војник има добра позадина која ја заштитува и никој ништо не и може?
Повеќе од јасно е дека Старделова како претседател на Лекарската комора и одговара на власта и на раководните лица во Министерство за здравство. Досегашната пракса покажа дека наместо да ги штити интересите на своите колеги за што и беше избрана претходно, таа работи против интересите на лекарите, а во корист на власта. Молчи секогаш кога требало да се дигне гласот. Останува воздржана кога има потреба од критика. Во ниту еден момент од двегодишна пандемиска агонија на ковид – 19, од позиција на претседател на Лекарска комора не излезе со став во врска со немањето протоколи за работа. Не ги заштити ниту колегите кои беа фрлени дирекно во огнот без соодветна опрема. Не ги заштити и не застана на страната на матичните лекари кои беа казнети за време на пандемијата. Не направи многу работи на страната на своите колеги, лекари, кои еден претседател на Лекарска комора треба да ги направи.
Лекарската комора на Македонија има потреба да ја води лекар на кои колегите ќе му бидат браќа и со сета своја сила ќе ги брани и одржува честа и благородните традиции на лекарската комисија, како што вели Хипократовата заклетва.
Лекарската комора заслужува челник кој ќе ги претставува и штити интересите на лекарите, а не сопствените интереси и интересот на власта.
Што ќе избереме и дали ќе надвладее совеста кај присутните делегати кои ќе гласаат или партискиот притисок останува да видиме после изборот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.