Петар Поп-Арсов

 

Предвремени избори, да или не?

Власта смета дека нема потреба од избори. Аргументот кој што го нудат како поткрепа на нивниот став е дека во моментов нема потреба од трошење на народни пари за избори. Се наоѓаме во длабока економска криза и секое дополнително трошење на народните пари ќе ги зголеми последиците од кризата кои највеќе ќе  се одразат врз стандардот на граѓаните. Се спомнува цифра од некои осумнаесет милиони евра кои власта пресметала дека ќе бидат потребни за организирање на изборите?!

Ако ја гледаме оваа теза изолирана и издвоена од сите други параметри кои се составен дел од функционирањето на државата и граѓаните, ќе речеме дека има логика. Навистина, зошто ни се потребни дополнителни трошоци во ваква криза?

Криза?! Кој спомна криза? Зарем има криза?

За жал, токму премиерот Ковачевски е политичарот кој постојано и најчесто го употребува терминот „криза“. Го употребува во разни конотации од самиот почеток на неговиот мандат и владеење. Некој ќе рече, човекот е реален и реално ги согледува состојбите во државата. Но, тој не е поставен за премиер за да ни беседи за суровата реалност и кризата која што ја живееме, туку да се бори со сите сили против неа.

Тука е моментот на вистината. Прашањето е дали власта и лично премиерот имаат сили, умешност, знаење и капацитет да се справат со предизвикот пред кој сме исправени. Предизвик во кој најголемата цена ја плаќа граѓанинот. Еве да бидеме конструктивни и да претпоставиме дека партиите на власт сакаат да направат нешто позитивно. Ковачевски и екипата сакаат да ја извадат државата од криза. Но, едно е да се сака, а сосема друго да се знае и да се може. Во однос на ова второво, ниту граѓаните можат ним да им помогнат, ниту пак тие се кадарни и поседуваат капацитет да нè извлечат од криза. Тоа веќе станува јасно и повеќе од јасно, дури и на нивните најсилни поддржувачи кои самите стануваат жртви на неспособноста на оваа влада.

После пет години владеење на оваа веќе стара власт, при дефинирањето на сопствените очекувања, секој од нас како граѓанин треба искрено да си одговори самиот на себе на прашањето „ги бива овие или не“?! Способни се или едноставно толку можат?! Залудно е да се очекува некаков напредок од истата екипа за која сите показатели од нивното петгодишно владеење говорат дека едноставно не ги бива!

А беа толку големи ентузијасти, полни со ветувања и оптимизам пред и непосредно по доаѓањето на власт. Дојдоа на власт со ветување дека експресно ќе ги започнеме преговорите со ЕУ. Ништо од тоа! Дојдоа на власт со ветување дека ќе се борат со криминалот и корупцијата. Се борат така што секој нивни секретар на влада завршува во притвор и со судски процеси заради корупција и криминал. На табелите на Транспаренси интернешнал го допреа историското дно, а американската амбасадорка во секоја нејзина изјава повторува дека корупцијата цвета.

СДСМ дојде на власт со ветување за зголемување на платите на достоинствено ниво, за да после пет години најголемиот дел од граѓаните останаа со плати под секое достоинство. Нездоволството на наставниците и професорите од сопствените плати е најрепрезентативниот пример за „зголемувањето“ на стандардот и квалитетот на живеење во Македонија.

Го започнаа мандатот се воведување на евтина дневна тарифа на струјата која набргу ја укинаа. Сега се подготвуваат да воведат нови тарифни модели со кои значително ќе ја зголемат цената на струјата како дополнување на редовните поскапувања кои ги прават. Нема никаква грижа за граѓаните коишто со владини кампањи беа стимулирани своите куќи и станови да ги затоплуваат на инвертер уреди заради намалување на загадувањето. Дури се даваа и субвенции традиционалното ќумбе да биде заменето со клима уреди кои и со субвенции и без субвенции се апарати кои бараат од корисниците да имаат соодветен егзистенцијален стандард.

Нема регулација и грижа за граѓаните кои користат затоплување на пелети чија што цена вртоглаво порасна од 60 до 80% во однос на минатата година, со тенденција за понатамошен раст. Во услови кога соседните земји го ограничуваат или забрануваат извозот на овој енергенс, чие што користење во последно време беше прифатено од повеќе домаќинства во Македонија, ние немаме никаква дебата во јавноста ниту идеја кај надлежните институции за регулирање на ова прашање. Сива зона за Регулаторната комисија. Сива зона за владата. Минатата година во катастрофалните пожари, кои во исто време избувнаа на десетици места низ државата, беше опожарена, но не и изгорена до пепел, огромна дрвна маса која може да се користи за огрев по значително пониска цена од редовната. Се поставуваат неколку прашања на кои што треба да одговорат од Македонски шуми и нивните шефови од владата. На кој начин се стопанисува оваа огревна маса? Дали истата се продава на производителите на пелети и по која цена? На кои производители? Дали некој во услови на криза прави енормни профити благодарение на сè уште неразјаснетите околности поради кои настанаа минатогодишните пожари? Дали има некаква спрега меѓу политиката (читај власта) и бизнисот на штета на граѓаните?

Интересна тема со која можат да се позанимаваат надлежните органи. Не заради друго, туку за да се превенираат и спречат нови пожари ова лето, во случај минатогодишните да биле мотивирани од интерес за профит на криминалци.

Воведоа дополнителна акциза на дизелот пред неколку години кога цената на истиот беше релативно ниска. Во моментов имаме галопирачки раст на цените на бензините од чија што вкупна сума најголемиот профит го има токму државата. Ниту се откажуваат од редовните ниту од дополнителните акцизи и давачки кои паѓаат на товар на потрошувачите.

Растат цените на основните прехрамбени продукти, а што е уште поважно дискутабилна е состојбата со стоковите резерви. Свежи се сеќавањата на увоз на брашно и зејтин од Србија како последица на целосната негрижа за овие два стратешки продукта. Ако на храната, која што е се поскапа и според црните прогнози може да има недостиг од истата, се придодаде и намерата која што своевремено ја имаше Заев за распродажба на државното земјоделско земјиште, на која што тема пишував во едана од претходните колумни, слободно може да заклучиме дека кај оваа власт нема чувство за државата како дом на нејзините граѓани. Оваа власт се однесува како непоканет гостин во туѓа куќа со намера да изеде и испие се што има да се изеде и испие, на крајот да испогани и да побегне кога на сите ќе им дојде преку глава.

Капитални проекти нема! Продолжуваат да трошат време на барање на локација за новиот Клинички центар во Скопје, проект поодржан од The Council of Europe Development Bank (CEB), за кој што проект во неколку наврати меѓу 2015 и 2018 година имав лични разговари со гувернерот на оваа банка во својство на амбасадор на Република Македонија во Советот на Европа и член на управниот одбор на CEB, како претставник на Македонија. Поминаа седум години од почетокот на постапката за добивање заем за овој проект, а проектот го нема. Стои на хартија. Стојат на хартија како гола статистика и сите жртви на неорганизираното македонско здравство кое своите „ѕвездени“ моменти ги доживеа токму во Ковид кризата.

Се доцни со изградбата на одамна започнатите автопатишта. Пред некој ден на вести го гледам министерот Бочварски како се фали дека започнал со изградба на нова патарина, небаре на таа новата наместо да плаќаме по педесетина денари инкасантите ќе ни дават по педесет денари на секое поминување. Да се фалиш со изградба на нешто со кое ќе земаш од граѓаните е веќе сериозна дијагноза.

Ако продолжам да редам ќе нема крај. Особено ако влезаме во административните ходници и канцеларии ќе видиме државни институции кои оваа власт ги превработи и наполни до врв создавајќи огромен и неефикасен административен апарат со мизерни плати. Судството е посебна приказна. Во Македонија одамна нема правда.

МВР дели пасоши на криминалци од цел свет. Полицајци меѓусебно се апсат затоа што едните ги фатиле другите со дрога. Други намерно онеспособуваат камери на гранични премини. Полицијата повикува новинари на распит заради необјавени вести во земјата на „слободни медиуми“, а министерот си министерува и соборува рекорди во траењето на министерски стаж како прв полицаец.

Европерспективата е ставена во ќорсокак или под директна закана на нови отстапки на штета на идентитетот. Надворешната политика се води со сервилност и отстапки кон сите. Претседателот на собранието се однесува сосема природно, како да е во својата природна средина… во планина. Претседателот на државата се фали на фејсбук дека „разговара за Роналдо“, нешто кое што е од витално значење за македонските граѓани. Премиерот тера инает со сите и буквално ги прекина сите канали на комуникација со опозицијата, кое што највеќе говори за неговата политичка култура и поимање на политиката.

Волјата на граѓаните е целосно уништена. По некој ситен протест овде-онде, по некоја блокада на улиците или неуспешен штрајк на кој штрајкувачите ги пренесуваат жедни преку вода (како што беше случајот со штрајкот во образованието и градинките). Во меѓувреме се трошат милиони, државата се задолжува, а оние осумнаесет милион евра потребни за организирање избори, после се што видовме и доживеавме последниве години, изгледаат како минималецот од осумнаесет илјади денари на еден работник-почетник. Останувањето на власт на оваа гарнитура со секоја наредна недела носи загуба од нови осумнаесет милиони евра и токму тоа е најголемиот трошок кој што во моментов го имаме сите заедно како граѓани. Власта на СДСМ е најскапото нешто кое што во моментов го плаќаме од сопствените џебови.

Отсекогаш не им одело со економијата!

Едноставно, не ги бива!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.