Петар Поп-Арсов
Живееме во време на сериозни глобални и континентални промени. Време во кое се ставени на испит сите придобивки и постигнувања кои во вид на интегративни процеси го обликуваа светскиот поредок и меѓународните односи по Втората светска војна и потоа. Ако падот на Берлин ја претставуваше почетокот на првата фаза на интегративните процеси во Европа и светот, падот на Берлинскиот ѕид и железната завеса беа почетокот на втората фаза на интеграцијата на европскиот континет.
Можеби некој за деведесетите години ќе рече дека биле години на дезинтеграција, распаѓање на Варшавскиот пакт, СССР или СФРЈ, но факт е дека тоа беше само пукање на вештачки создаваниот меур кој некогаш мораше да пукне поради општествените и економските закономерности. Токму таквата дезинтеграција претставуваше акцелератор на новата фаза на интеграција на европско тло во кое секоја од земјите си го најде своето место. Германија се обедини, поранешните земји членки на Варшавскиот пакт се интегрираа во НАТО и ЕУ. Истото се однесува и на дел од државите од поранешна СФРЈ. Земјите кои се оформија по распадот на СССР се во слична ситуација. Дел веќе се во НАТО и ЕУ, а дел се претенденти и кандидати за членство во овие сојузи.
Независно од тоа што интегративните процеси на европскиот континент, особено во поглед на зачленувањето во ЕУ сè уште не се комплетирани, за европските земји постои уште една организација која што го артикулира нивниот интерес. Советот на Европа, организацијата која што во себе го интегрираше целиот континент. Токму Советот на Европа е најголемата додадена вредност која на државите кои се формираа во деведесетите години им создаде простор и услови за повисок стадиум на меѓусебна интеграција. Советот на Европа беше организацијата која дезинтегративните процеси и процесите на распаѓање ги трансформираше во интегративни и здружувачки.
Како е сега?
Какви се процесите на глобално ниво, но особено на европскиот континент кој е наш приоритетен интерес?!
Она што требаше да претставува одамна завршена работа во поглед на полноправното членство во ЕУ на Македонија, Србија и Црна Гора е далеку од крајната цел. Тешко е да се прогнозира крајниот исход од процесот, а уште потешко датумот на целосната интеграција на овие земји. Албанија има некој напредок, иако до пред само две-три години негодувавме поради тоа што како држава бевме ставени во ист пакет на интеграции со западниот сосед. Тогаш постоеше чувство дека Македонија е далеку пред Албанија, чувство кое што се засноваше на долготрајниот и упорен процес на усогласување на македонското со европското законодавство и на бројните позитивни оценки на Европската комисија за подготвеноста на земјата да го започне процесот на преговори.
Не е целта на текстов да навлегуваме во суштината и причините за тоа зошто Македонија, Србија и Црна Гора сè уште се заглавени во процесот на ЕУ интеграциите, туку да го илустрираме моментот на забавена интеграција која многу лесно може да се претвори во процес дезинтеграција.
Во Европа се води жестока и крвава војна. Русија веќе е надвор од Советот на Европа, исклучена токму поради војната во Украина. Тоа е приказна за себе која трае и се развива и која има глобални импликации. Војната во Украина го стави на тест единството на западните сојузници од ЕУ и НАТО, но истовремено влијаеше на забрзано меѓусебно приближување и интегрирање на други земји во светот кои во тоа ја видоа својата шанса да ги зајакнат сопствените позиции и да ја предизвикаат американската и европската економско-политичка и воена доминација.
Како што секогаш се случува, процесите на дезинтеграција создаваат услови за отворање на нови процеси на интеграција, за што сведочи новата глобална структура која се формираше и расне под името БРИКС. Оваа структура е резултат на новонастанатите состојби во светот, но првенствено како израз на незадоволство поради сеприсутната доминација на западниот свет врз сите глобалнообединувачки меѓународни организации.
Во последниве години земјите од БРИКС, но и земјите од африканскиот континент, вршат сериозен притисок врз Организацијата на обединети нации за спроведување на темелни реформи, тврдејќи дека постои претерана и несоодветна доминација од страна на глобалниот запад, особено во Советот за безбедност. Независно од фактот што Русија и Кина се две од петте земји кои имаат право на вето во рамки на Советот за безбедност, правото на вето кое што го имаат трите преостанати земји, САД, Франција и Обединетото кралство, во останатиот дел од светот се доживува како „несоодветна и неправична застапеност“ во највлијателниот орган на ОН.
Земјите од БРИКС долго време се залагаат за реформирање на структурите на меѓународно управување, вклучително и Обединетите нации. Тие постојано изразуваат загриженост во однос на сегашните системи на глобално владеење тврдејќи дека истите не ја одразуваат соодветно геополитичката и економската реалност на 21 век.
Овој став го застапуваат неколку земји од БРИКС кои сметаат дека нивната застапеност во бројот на глобалното население и економскиот придонес треба да биде соодветно валоризиран во меѓународните институции. Тука поконкретно се мисли на Советот за безбедност на ОН каде што Бразил, Индија и Јужна Африка немаат постојани место. Земјите на БРИКС многу често ги напаѓаат и критикуваат постоечките системи на меѓународно управување тврдејќи дека овие системи ги фаворизираат западните земји, особено во процесите на донесувањето на одлуки во политички и финансиски организации како што се ОН и Меѓународниот монетарен фонд. Ова чувство е поткрепено со перцепцијата дека геополитичките и економските интереси на западните земји се приоритетни пред оние на незападните земји, особено во критичните области како што се човековите права, меѓународната безбедност и глобалните економски политики.
Русија и Кина се земјите кои постојано изразуваат негодување поради примената на двојни стандарди. Тие сметаат дека нивните домашни политики во однос на заштитата на човековите права се следат под микроскоп, за разлика од третманот на сличните прашања во западните земји. Тие тврдат дека западните земји често се залагаат за заштита на човекови права во странство, додека ги занемаруваат прекршувањата во нивниот двор.
Дополнително на позициите на земјите од БРИКС, педесет и четири африкански земји кои што претставуваат скоро 30% од членките на ООН, исто така немаат постојано место во Советот за безбедност. Oва точка на несогласување ги поттикнува овие нации да бараат поголемо влијание во процесите на донесување одлуки во ООН со цел нивното колективно, демографско и регионално значење да биде соодветно претставено. Исто така, африканските земји ја критикуваат и доминацијата на западот во големите глобални финансиски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Нив ги сметаат за организации кои ги маргинализираат економиите во развој.
Дали ваквото незадоволство кај голем дел од земјите членки на ООН ќе поттикне процес на дезинтеграција и нивно напуштање на оваа стожерна меѓународна организација на глобално ниво?
Праксата говори за тоа дека до сега такво нешто се нема случено. До денеска неколку земји флертувале со идејата за напуштање на ООН, најмногу заради изразување на незадоволство. Такви се случаите со Индонезија од 1965 година, Филипините од 2016, па дури и САД преку Американскиот акт за обновување на суверенитетот од 2017 година.
Сепак, до ден денешен не се превземени конкретни акции, а ваквите активности од поедини политичари или групи во рамки на споменатите земји се толкуваат како симболични гестови без суштинска политичка и правна завршница. Ваквите примери укажуваат на тоа дека заканите за повлекување од ООН се користат повеќе како алатки за постигнување домашни и меѓународни политички цели отколку како индикатори за реалните промени во политиката.
Така беше до сега! Како ќе биде понатаму, останува да видиме?!
Исклучувањето/напуштањето на Русија од/на Советот на Европа укажува на тоа дека е помината црвената линија и дека опасност од создавање на поголеми пукнатини во рамки на меѓународните организации сепак постои. Кокетирањето на НАТО членката, Турција, и нејзината апликација за членство во БРИКС говори за тоа дека блефирањето и декларативноста можат многу лесно да бидат заменети со конкретни чекори. Сето тоа може да има сериозно влијание врз постоечките меѓународни односи и да оди во правец на создавање на сосема нов поредок.
И како круна на се, можната ескалација на војната на Блискиот исток може сериозно да ги забрза овие процеси. Во такви услови кошкањата во рамки на меѓународните организации ќе претставува вистинска премија за светот и човештвото во споредба со евентуалната ескалација до степен на трета светска војна.
Затоа, колку и да изгледа минорно и безначајно македонското интегрирање во Европската унија во споредба со големите игри и движења на глобусот, истото треба да се менаџира со исклучителна сериозност, како од наша, така и од европска страна. Издвојувањето на Македонија од Албанија и оставањето во чекалната може да создаде мала, но слаба точка во европската политика. За зачувување на регионалната и пошироката стабилност на земјината топка треба да се води грижа за сите точки колку и да изгледаат малечки. Сепак, на крајот од денот секоја топка може да биде дупната само во една, малечка точка.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.