Атанас Кирјаковски

Јавното мислење е една од формите на изразување кои станаа карактеристични за 20-от век со појавата на масовните медиуми и се поголемото вклучување на граѓаните во политичкиот живот. Клучниот предуслов за постоењето на јавното мислење е демократијата и нејзините начела и принципи. Поврзаноста на овие два ентитета во една целина е битен процес кој ги движи денешните човечки општества. Целта на оваа колумна е да поттикне малку размислување околу концептот на јавното мислење кое за жал, во Република Македонија и не се сфаќа многу-многу во формална и интелектуална смисла.

Почетоците на јавното мислење како изразна и детерминирачка форма датираат уште од Римското време и правно-политичкиот поредок во периодот на Римската империја. Римјаните го третирале концензусот на повеќето граѓани како клучен елемент кој влијаел врз донесувањето на политичките и правните акти. Понатаму, еден од најголемите политички филозофи и државници Niccolò Machiavelli велел дека „гласот на народот е гласот на Бога“, со што може да ја увидиме неговата верба во силата на заедничкото мислење. Современите политиколози сметаат дека еден од првите филозофи кој ја употребил синтагмата „јавно мислење“ во контекст на Француската револуција е Jean-Jacques Rousseau, потврдувајќи го со тоа неговиот придонес во револуцијата и Западно-европското движење за индивидуалните права заедно со неговите залагања против апсолутизмот на црквата и државата. Првите истражувања за јавното мислење започнуваат со развојот на бизнис организациите и едукативните институции во периодот на 40-те години од 20-тиот век, преку пионерските трудови на George H. Gallup, Elmo Roper и Archibald M. Crossley. Денешните социолози, политиколози и новинари се согласуваат дека јавното мислење ги претставува ставовите, перспективите и повластиците на популацијата во однос на некој настан или прашања од заеднички интерес.

Со вградувањето на демократијата како општествена-владејачка политика, се создаваат и темелите на јавното мислење. Во формирањето на јавноста најголем удел заземаат традиционалните масовни медиуми, а во поново време социјалните мрежи и Интернетот. Преку медиумскиот надзор на политиката и политичките текови медиумите придонесуваат кон формирањето на јавното мислење на граѓаните на една држава. Од друга страна пак, за да се дефинира едно демократско општество потребно е да се погледне можноста за развивање и функционирање на јавното мислење. Силното и организирано јавно мислење треба да се потпира на неколку претпоставки:

  • Јавноста е заинтересирана за владата и нејзината политика;
  • Јавноста знае што сака;
  • Јавноста има способност да изрази што таа сака;
  • Волјата на јавноста ќе биде втемелена во законите;

Врз основа на овие прашања, природно се поставува дилемата дали во Република Македонија јавноста, односно граѓаните – се заинтересирани, знаат што сакаат, имаат способност да го изразат мислењето и дали нивната волја, сега и во минатото, станува закон? Оставам на читателот да си одговори.

Една од најголемите придобивки на силното и информирано јавното мислење е дифузијата на владејачката моќ. За да дојде до дифузија и контрола на концентрацијата на владеењето, мора да постои одреден баланс и децентрализација во однос на моќта. Децентрализацијата во овој контекст подразбира слобода на различните групи и поединци кои се дел од јавноста да имаат слободен пристап до информациите од јавен карактер и увид во работата на власта, како и право да влијаат врз донесувањето на одлуките кои ја засегаат јавноста. Сама по себе, децентрализираноста на информациите подразбира и слободни медиуми кои ќе го насочат патот кон формирањето на јавното мислење за политичките активности на властите.

Втората главна придобивка од чесниот однос на јавност-влада е подготвувањето и спроведувањето на правните и нормативните акти кои мора да се донесуваат под будното око на јавноста. Во тој поглед, луѓето се повеќе мотивирани да ги почитуваат демократски донесените закони отколку кога тие произлегуваат од самоволието и авторитарноста на власта. Исклучително е важно да се запамети клучниот збор „чесност“ за да се избегне маскираната форма на контрола од страна на властите кои под превезот на демократијата ја насочуваат јавната дебата кон строго контролирани прашања, прашања кои вистински не произлегуваат од граѓаните и не се во нивен интерес. Во таа насока, познатиот Noam Chomsky вели:

Паметен начин да се држат луѓето пасивни и потчинети е прецизно да се ограничи распонот на прифатливото мислење, но да се овозможи жива дебата во рамките на тој распон – во кој дури и ќе се охрабруваат критичките и дисидентните погледи. Тоа им дава чувство на луѓето дека всушност се одвива слободно мислење, додека во меѓувреме скриените предодредености на системот се засилуваат преку ограничувањето на опсегот на дебатата. (стр. 43, Chomsky, N., Barsamian, D., & Naiman, A. (1998). The common good. Monroe, ME: Odonian Press)

Развојот на државата зависи од тоа колку власта ќе го почитува и цени јавното мислење, како и во колкава мерка тоа е изградено и дефинирано. Балансирањето на овие два водечки ентитета во едно општество води до вистинска демократија во која ќе се почитува желбата на мнозинството граѓани, а не на поединци или организирани групи кои на еден или на друг начин зграбиле власт.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.