Фатмир Бесими
Зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90 проценти и линеарно зголемување на платите за скоро 20 проценти во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала, наведува министерот за финансии Фатмир Бесими во колумната „За човечкиот капитал, продуктивноста и платите: Кој е патот до економски развој и подобар животен стандард?“.
Бесими истакнува дека платите во образованието треба и ќе растат и потсетува дека изминатите години имаше веќе неколку покачувања и во образованието и во детската грижа.
Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните, наведува Бесими.
Тој во колумната порачува дека до поголеми плати и подобар стандард ќе дојдеме преку раст на продуктивноста. Преку носење на соодветни политики треба да се делува кон структурните фактори, кои пак ќе придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на продуктивноста на трудот и подобро користење на капиталот и ресурсите. Тука е, потенцира, капиталот – вложувањето во инфраструктурата, дигитализацијата на процесите, иновативноста, но пред се вложувањето во човечки капитал.
Како што пишува министерот, државава во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со регионот од Западен Балкан, посочува, сме релативно блиску согласно овој индикатор, но во однос на просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно.
Согласно со Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP, за време на пандемијата продуктивноста во државава опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот, што е разбирливо со оглед на затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки.
Во продолжение колумната на министерот за финансии во целост:
“Растот на продуктивноста на една нација е централниот фактор за зголемување на реалните плати и животниот стандард”, рекол Пол Самуелсон, таткото на модерната економија и добитник на Нобелова награда за економија. Друг економски нобеловец, Јозеф Штиглиц, пак, ја поставил теоријата на маргиналната продуктивност, која вели дека „сите кои учествуваат во процесот на креирање нова вредност, добиваат надоместок еднаков на нивната маргинална продуктивност, односно она што тие го внесуваат во процесот“. Или како би рекол нобеловецот Кругман „ Продуктивноста не е сè, но на долг рок, тоа е речиси сè.„
Продуктивноста, како фактор на растот, го има во сите економски модели на раст. Во егзогените модели на раст тоа е присутен во Коб-Далгасовиот модел преку коефиционетот на вкупнен фактор на продуктивноста, во Солоу моделот е изразен преку технолошкиот развој и други модели, каде што како резултат на продуктивноста економскиот раст се зголемува во рамки на исти единици на капитал и труд. Потоа, продуктивноста е во основата и на сите ендогени модели на раст, како што се моделите на нобелистите Ромер, Лукас и други, кои сметаат дека инвестиции во човечкиот капитал, иновации и знаење можат перманентно да генерираат економски раст, а притоа со соодветни економски политики можат да се поттикнат позитивните екстерналии во економијата.
Продуктивноста, во економијата, е мерка за крајниот производ, односно крајниот економски резултат, според единица вложен труд, капитал или други ресурси. Кога продуктивноста расте, потенцијалната добивка, односно платите, корпоративниот профит и животниот стандард – растат. Способноста на една земја да го подобри животниот стандард за своите граѓани, скоро целосно е условена од нејзиниот капацитет да го зголеми економскиот резултат по вработен. Продуктивноста е всушност изворот на економски раст и конкурентност.
Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. Еден од нив е продуктивноста на трудот (labor productivity), според кој бруто-домашниот производ се дели со работните часови на сите вработени. Петте земји со најголема продуктивност на труд во 2020 година, според податоците на ОЕЦД се Ирска со 119,4 долари продуциран БДП на работен час, Луксембург со 111 долари, Данска со 87,9 долари, Белгија 87 долари, Норвешка 85,7 долари и Швајцарија со 91,6 долари. Во првата десетка влегуваат и Франција со 79,8 долари, Австрија и САД со 79,6 долари и Шведска со 79,2 долари. Накусо, развиени и добростоечки економии.
Нашиот работник произведува два пати помалку од оној во ЕУ
Друг индикатор за мерење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светската банка, Република Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со регионот од Западен Балкан сме релативно блиску согласно овој индикатор. Имено, за истиот период, Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долари, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во наша близина веќе се забележува поголема разлика, на пример Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.
Има многу фактори кои влијаат на продуктивноста на една земја, вклучително инвестиции во опрема, иновативност, организација на синџирите на добавување, образованието, конкуренцијата итн. Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP) e индикаторот кој го мери економскиот резултат според сите инпути коишто се користат за се продуцираат тие стоки и услуги, како труд, капитал, енергија и материјали. Согласно овој индикатор за време на пандемијата продуктивноста во Република Македонија опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот (разбирливо со оглед на затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки). За споредба, кај другите земји од Југоисточна Европа, намалувањето во однос на преткризниот период е -2,6. Исто така, додека во регионот во постпандемискиот период овој индикатор станува позитивен (1.5), што покажува дека продуктивноста го достигнала и надминала предпандемиското ниво, кај нас е се уште негативен, пред се поради поспорото опоравување на квантитетот и квалитетот на продутивноста на трудот.
Кога ќе ја погледнеме големата економска слика што ни кажуваат овие податоци? – За да објаснам поедноставно, да ја гледаме целата економија како една работилница. Занаетчијата произведува производи, кои потоа ги продава. Има вештина и способност да изработи десет производи дневно. За исто време во друга работилница, друг занаетчија изработува дваесет производи дневно, бидејќи има подобри вештини, подобри алатки, користи иновативни начини за да работи побрзо. Тоа е соодносот на нашата економија во споредба со некоја развиена економија. Затоа, во развиените економии платите и животниот стандард пропорционално се и повисоки, наједноставено кажано. Кога на тоа ќе се додаде и квалитетот на изработката, иновативноста во технологии, организација и пласманот на производството, диспропорцијата станува уште поголема. Ова е економската логика за зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард – тој што ќе произведе и продаде најмногу производи ќе живее најдобро.
Човечки капитал: Од тука започнува продуктивноста и растот
Како до подобри плати и животен стандард? – Преку раст на продуктивноста. Преку носење на соодветни политики треба да се делува кон структурните фактори, кои пак ќе придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на продуктивноста на трудот и подобро користење на капиталот и ресурсите. Тука е капиталот – вложувањето во инфраструктурата, дигитализацијата на процесите, иновативноста, но пред се вложувањето во човечки капитал.
Во однос на вложувањето во трајните добра, во инфраструктурата и на тој начин преку една амбициозна агенда – Планот за забрзување на економскиот раст, доста сум пишувал. Сега би се посветил повеќе на човечкиот капитал, бидејќи оттука се започнува.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал е од исклучително значење за поодржлив и поинклузивен економски раст и развој, раст на продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението. По дефиниција на човечки капитал се подразбира количината на образование, знаење, вештини и здравје во кои луѓето инвестираат и ги акумулираат во текот на животот, што им овозможува да го реализираат својот целосен потенцијал и да бидат продуктивни членови на општеството. Оттука, човечкиот капитал е најважниот ресурс за една земја, кој ги комбинира другите фактори на производство, односно физичкиот капитал. Инвестирањето во човечки капитал влијае на вкупните идни приходи. Истражувањата покажуваат дека една дополнителна година школување, ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво.
Квалитетот на човечкиот капитал на Република Македонија е подобрен од 0,54 на 0,56 помеѓу 2010 и 2020 година, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка. Сепак и ова ниво е доста ниско бидејќи означува дека дете родено во Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека во ЕУ просекот е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Градењето на човечкиот капитал, значи инвестирање и унапредување на образованието, здравството и социјалната заштита, како и општото економско и социјално окружување. Во оваа колумна ќе се фокусирам на образование во интерес на јавната дебата и економско-социјалниот дијалог кој се води овие денови меѓу Владата и синдикатите во образованието, каде директно е вклучен премиерот со неколку министри. Сите овие области се исклучително важни и комплексни, покрај образованието, без квалитетни здравствени услуги и социјална заштита не може да се очекува дека продуктивноста ќе го достигне оптималното ниво. Но, со оглад на оганичениот простор на оваа колумна, за тоа ќе пишувам во некоја друга прилика.
Образование: 11 години во клупа кај нас ∼ 7 години во развиени земји
Како што е случајот во повеќето земји, неповолните образовни состојби во голема мера се заслужни за оваа загуба на продуктивноста. Во системската анализа на земјава, Светска банка наведува дека недостатоците на човечкиот капитал во Република Македонија започнуваат уште од предучилишното образование, па следи задолжителното образование, сè до транзицијата од училиште до вработување. Децата кај нас до својата 18 година се очекува да посетуваат 11 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години. Ова значи дека начите деца губат 3,7 години во училишните клупи, во однос на она што треба да го научат и го научиле. Дополнително, процентот на пристап на деца до образование кај нас, од предучилишно до високо образование, отстапува во однос на просекот во Европската унија.
Образовниот систем не секогаш успева да обезбеди квалитетно образование, што е на штета на креирањето на човечкиот капитал, а понатаму и на штета на продуктивноста и животниот стандард на една нација. Според тестирањето ПИСА 2018 (кое патем покажува подобри резултати во однос на 2015 година), перформансите на нашите ученици остануваат под просечниот резултат на земјите од ЕУ и земјите од регионот. Според истиот извештај, половина од 15-годишниците кај нас немаат основно познавање во трите домени наука, математика и читање.
Потребен е стратешки пристап за решавање на ова прашање, кое Владата го адресира преку Стратегијата за човечки капитал. Пред се, потребно е учениците да бидат во училиштата, каде што им е и местото. Понатаму, потребна е квалитетна настава, развој и подобри квалификации на наставниците, унапредување на системот за професионален развој на наставниот кадар на сите нивоа на образование, а секако и задоволување на професионалните и поединечните потреби на наставниците. Механизмите за обезбедување квалитет се од суштинско значење за да се обезбеди квалитетна настава и добро владеење на ниво на образовните институции и на ниво на систем. Ефективното обезбедување квалитет бара соодветно и редовно следење на резултатите на учениците и перформансите на образовните институции, но исто така и механизми за поддршка со кои ќе им се помогне да се справат со предизвиците со кои се соочуваат.
Плати, цени и инфлација: која закана ја крие инфлаторната спирала
Тука повторно се враќаме на релацијата човечки капитал – плати – продуктивност. Што всушност е и некој магичен круг кој секогаш се повторува. Мислам на еднонеделниот штрајк на дел од образовните работници, кои бараат линеарно зголемување на платите, како резултат на покачување на минималната плата на 18.000 денари.
Имено, јасно е дека како Влада се залагаме за зголемување на сите плати во земјава или поточно подобрување на животниот стандард како програмска определба. Што се огледа и по растот на просечната плата изминативе 5 години за околу 30 проценти и покрај тоа што изминатите две години светската економија, вклучително и нашата, се соочува со една од најострите и најголемите економски кризи кои му се случиле на светот. Пред се, ако погледнеме само неколку години наназад, на ниво на цела економија минималната плата изнесуваше околу 9.000 денари, или околу 40% од просечната плата, што укажува на голем јаз помеѓу платите, со оглед дека вработените на минимална плата влегуваат со околу 15-20% во вкупниот број на вработени. Етапното покачување на минималната плата има многу економски, но и социјални причини, што резултираше евентуално со подобрување на животниот стандард на околу 150 илјади наши граѓани и нивните семејства.
Создадовме и реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Исто така поставивме репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. Зборуваме за платите и во јавниот и во приватниот сектор. Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на гражаните. Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивиот квалитет. Инаку, во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ифлација може да ја подгрева дополнително инфлацијата (според анализите во Министерство за финансии, во нашата економија коефицинетот на корелацијата на плати и инфлација изнесува измеѓу 0,37-0,44, т.е. зголемување на платите за 1% ќе генерира инфлација од околу 0,4%).
Сепак, треба да ги видиме и околностите и барањата на дел од јавните работници, меѓу нив и дел од образовниот кадар во градинките и училиштата. Треба да е јасно дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90% и линеарно зголемување на платите за скоро 20% во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала.
Ќе се обидам да објаснам како функционира инфлаторната спирала. Се соочуваме со глобален тренд на раст на цените. Покачувањето на цените е резултат на раст на увозните цени на енергенсите и храната на глобалните пазари. Понудата е помала, од повеќе причини меѓу кои и војната во Украина, и цените растат. Во вакви услови, кога во економијата ќе пуштите повеќе пари во оптек, како што е случајот преку висок раст на платите, несоодветен со растот на продуктивноста, ќе дојде до нов притисок од страна на побарувачката. Зголемувањето на побарувачката, поради поголемата колична на пари ќе ја подигне дополнително цената на производите. На пример, на аукција тројца се наддаваат за еден предмет, предметот ќе го добие оној што ќе плати највисока цена за него и на крај предметот чија почетна цена била 100 денари ќе заврши со цена знажително повисока од првичната и можеби економски оправданата. На крајот, остар раст на платите, без економска поткрепа, без соодветен раст на продуктивноста, ќе ги обезвредни сите плати. Во оваа насока ќе додадам дека за да се намалат инфлаторните очекувања, веќе и централните банки почнаа постепено, но веќе конкретно, да ги зголемуваат каматните стапки, односно да ги поскапуваат парите. Тоа може да биде дополнителен предизвик да се избегна стагфлација, односно стагнирање на економскиот раст додека цените продолжуваат да растат – стагфлација, што со економски речник, тоа е полошо од инфлација.
Никој не вели дека платите во образованието не треба да растат. Треба да растат и ќе растат. Изминатите години имаше веќе неколку покачувања и во образованието и во детската грижа. Како министер за финансии сум прв кој вели дека една од најважните инвестиции е инвестицијата во образование. И не само во образованието. Треба да растат и платите во здравството…и во културата…и во одбраната…и безбедноста… Но, треба да испорачаме економски резултат, да станеме свесни за глобалната ситуација и кон што ја туркаме економијата. Значи тука е примарно економијата да застане на здрави нозе.
Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата.
Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните.
Пост скриптум: Година на енергетска криза и инфлација
Се ова се случува во период на светска енергетска криза и инфлација со која сериозно сме погодени и ние како мала и отворена економија. Светската економија се уште не е целосно опоравена од ефектите од КОВИД-19, а на овие турбулентни времиња не енергетска криза дополнителен „бензин во оганот„ е војната во Украина што дополнително ја зголемува неизвесноста на светската економија, особено на Европскиот континент во кое сме дел и ние. Тоа создава несигурност и ги нарушува глобалните синџири на производство, како и снабдувањето со основни прехранбени производи и енергенси. Неизвесност, која генерира пораст на цените на светските берзи, создава неизвесност во финансиските пазари и ги зголемува каматните стапки, забавување (со ризик за стагнирање) на растот, зголемени фискални дефицити во буџетот и јавниот долг. Ова е време на големи неизвесности, всушност е е време и на нови геостратешки позиционирања на светско ниво, што за нас не е сеедно, ние сме дел од НАТО, настојуваме да бидеме дел од ЕУ и во оваа геостратешка арена јасно сме позиционирани на страната на демократските вредности на Евро-Атлантската алијанса и развиените демократии на Европа. Ако ја гледаме големата слика, работите стануваат појасни!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.