Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување, бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови.

И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа.

На 4 февруари годинава ова беше одговорот на претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање како гледа на тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Денеска, 16 април 2022 лето господово, уште еднаш, по којзнае кој пат се потврди дека кармата е кучка. Во Битола беше отворен културниот центар на македонските Бугари именуван како „Иван Ванчо Михајлов“.

И по тој повод Битола и Македонија доживеаја нова неонацистичка окупација. Ама не во 26 слики, според филмот на Лордан Зафрановиќ, туку само во една, единствена, што е доволна да се види патот по кој не води Владата на СДСМ и на ДУИ, предводена од премиерот намесник Димитар Ковачевски и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се разбира со бланко потпис на Зоран Заев.

Под плаштот на добрососедство и пријателство, во Битола пристигна цела бугарска свита, од сите политички провиниенции, од крајната десница, преку либералниот центар, па до крајната левица. И сите со иста цел, секој на свој начин да придонесе во отсликувањето на бугарското национално единство во односот и заштитата на правата на македонските Бугари. Само на прв поглед. Зашто, во заднината стои целата актуелна бугарска политика кон Република Македонија, која всушност е копи пејст на нацистичката политика спрема Вардарскиот дел на Македонија на Иван Ванчо Михајлов.

И сега, има проблем, претседателе Пендаровски, или нема?!

Бугарските власти во Битола не искажаа пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Искажаа пиетет кон нацистичкиот и фашистичкиот соработник Иван Ванчо Михајлов, така оценет според сите релевантни светски енциклопедии, и главен негатор на се што е македонско. Или и во ова не гледате проблем?!

Нема да гледате само во еден случај. Ако ја читате македонската редакција на Википедија. Таму од авион се гледа дека е интервенирано и тоа по бугарски терк. Зашто, прво од самата лексика се забележува бугарска конструкција на речениците и второ, не може јасно да се види дека Ванчо Михајлов бил наци-фашист. Но, тоа си е проблем на Википедија, ако, се разбира, не покажува дека Македонците се подготвуваат за прифаќање на нешто веќе подготвено, што чека само на реализација.

Одиме натаму. На 31 март годинава Јагнула Куновска во колумна за Плусинфо потсети на постапката и одлуката на Уставниот суд на Република Македонија поврзана со здружението „Радко“. Насловот беше „Завештанието на Ванчо Михајлов“. Куновска потсети дека со одлука на Уставниот суд У.бр.168/2000 од 21.3.2001 година е поништена програмата за работа и статутот на Здружението на граѓани „Радко“ (псевдонимот на Иван Ванчо Михајлов). Има ли разлика и се обидел ли Уставниот суд да направи споредба во регистрацијата за работа на културниот центар „Иван Ванчо Михајлов“ и некогашното здружение „Радко“?

Се сомневам, исто како што се сомневам дека постои разлика во целите и идеите, што ќе ги прокламира и шири КЦ „Иван Ванчо Михајлов“ од оние што ги најавило здружението „Радко“. Зашто, идеите и целите на Иван Ванчо Михајлов околу Македонија, било етничка, односно османлиска, било Вардарска, односно Република Македонија.

Па така, излегува дека Република Македонија е една од ретките, ако не и единствена држава во светот, која не ги почитува одлуките на својот Уставен суд! И за ова нема оправдување од типот Судот не е во комплетен состав.

И токму овде лежи одговорот на сите евентуални забелешки од типот зошто реакција само за бугарскиот културен центар, а не и за српската прослава на Зебрњак или за споменикот на Џемо Хаса

Да не беше брзата реакција на бугарското МНР со која излегоа на виделина манипулациите на власта на чело со министерот за надворешни работи Бујар Османи околу преговорите со Бугарија, никој немаше да знае дека одговорот на пакетот 5+1 бил испратен во Софија уште на 21 декември минатата година. Значи, во време на оставка на тогашниот премиер Зоран Заев, кога на големо го подготвуваше Таче Монтенегро за премиерската функција, што значи дека документот е со негов амин, ако не и со негов потпис.

Тоа, пак, говори дека власта на СДСМ и на ДУИ цели четири месеци сите не дупи во здрав мозок. Или, ако сакате, цели два месеци, откако бил добиен негативен одговор од Софија. Сигурно се убедени дека и намату поминува формулата на Заев за е*ење на сопствениот народ. Голи политички насилници и обични неспособни дилетанти. Што би рекол еден поранешен министер за надворешни работи „ем фукара, ем сики бујук“. За оние кои не знаат турски, нека прашаат што значи ова. На некои ќе им се допадне, на некои сигурно не, приодот е чисто субјективен.

Годинава, на денот на лозарите, на 14 февруари, министерот за локална самоуправа Горан Милевски му се налути на владиката Агатангел и го нарече „срам за мантијата“, зашто во својот говор го споменал лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Па меѓу другото рече:„Како што кажа (мисли на владиката Агатангел-л.з.), како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така и г-динот Агатангел, ако можам да го наречам господин, е штетник за црквата, за народот и граѓаните…“.

Може ли место владика да се употребат политички функции, на премиер, вицепремиер или министер, а мантијата да се замени со листер одела и вратоврски, па тие да бидат црви и муви како штетници не за лозарите, туку за државата, за народот и граѓаните?

Може, и тоа како може. Нашите политички „црви и муви штетници“ со поигруваат со државата и со чувствата и достоинството на граѓаните, пред се граѓаните Македонци, со нивниот дигнитет, историја, култура, традиција, колективна меморија… Но, пред се со основата, со темелите на државноста, со антифашизмот и наместо тоа ни нудат отворен неонацизам и неофашизам!

Ако се вистински мажи, што не излегоа денеска претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски или министерот Бујар Османи заедно со своите колеги од Бугарија да го прослават свеченото отворање на КЦ „Иван Ванчо Михајлов“? Па заедно да разгледаат по некоја книга. Не мораше да биде дело на Иван Ванчо Михајлов, можеше да биде било која друга.

Ама не, немаат м*да за тоа и многу полесно им е да мислат со главите сокриени во сопствениот долен веш, а најлесно им е да го обвинуваат сопствениот народ за насилно наметнато русофилство и анти НАТО или анти ЕУ расположение. А, тоа што не присуствуваа директно на настанот ни случајно не ги амнестира од ништо.

Со денешниот настан во Битола станува уште појасно, што во суштина значеше ставањето потпис на асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 1 август 2017 година, особено на прифаќањето на терминот „заедничка историја“. Сега и потписникот Зоран Заев и сите поддржувачи можат да се вадат колку сакаат, можат да бараат мал милион оправдувања, можат да плачат дека вакво нешто не очекувале, но суштината се сведува на една единствена реченица. А, таа ја изнесе бившиот претседател Бранко Црвенковски. Ќе ја парафразирам, Бугарија сака да го добие тоа, што не успеа да го добие за време на Втората светска војна.

И кому ова не му е јасно, нему не му е место во политиката. И тука не помагаат никакви златкоречиви фрази од типот-ќе водиме преговори на европски начин. Па било тоа да е Пендаровски, Ковачевски, Груби, Спасовски, Османи… Можат да потпишуваат уште безброј анекси на првиот или на вториот договор, но ако толкувањето на историјата се сфаќа само како бугарска, тогаш нема ништо ни од договор, ни од добрососедство, ни од пријателство. За браќа или за први или втори братучеди, пак, ни збор да не стане.

Само пред неколку дена во Бугарија беше промовирана најнова анкета, според која во општеството е забележлив пораст на говорот на омраза, на фашизмот и посебно на антисемитизмот. Една бројка посебно загрижува. Само 6% од младите Бугари ја знаат суштината на холокаустот и на значењето на зборот антисемитизам! Ако се проследи настапот, пак, на Ангел Џонев, директор на музејот „Димитар Пешев“ во Ќустендил, во една од емисиите на БНР од 12 април годинава, ќе се дојде до заклучок, што максимално ги оптоварува македонско-бугарските односи.

Зашто, според него, „во Бугарија не постои хомоген наратив за спасувањето на бугарските Евреи„ и „тоа е тажната вистина“. Во овој контекст, како може да се обвинува македонската страна за нешто, што самата Бугарија се уште внатре го нема расчистено! А, тоа го истакнува Леа Коен од бугарската еврејска заедница, која самата вели дека царска Бугарија, врз основа на документи, се води и како спасител, и како окупатор, и како ослободител!?

А, историскиот ревизионизам, пак, директно го врзува со синот на Цар Борис III, Саксобурготски, неговото премиерско владеење во Бугарија, но и со неговите наследници во ликот и делото на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, произведени во германските подземни политички лаборатории, па и на Красимир Каракачанов, човек „двоцевка“ на тајните служби и на Бугарија и на Македонија.

На крајот, до каде сме? До никаде. Угору високо, удолу длабоко. Така е тоа со неонацистички политички штетници дотерани во листер одела и свилени вратоврски.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.