Васко Шутаров
Чудесна е нашава Македонија! И неделава пред нас, наместо со вистинските животни проблеми и задоволувањето на вистинските животни потреби, ќе се занимаваме со петпарачки приказни за кобајаги европски вредности (ДУИ ќе нè учи како се прават фронтови?!), ќе се занимаваме со ново-стари прегрупирања за опстанок на тотално промашенава и оттуѓена од граѓаните „проевропска влада“, веќе за некој ден ќе се испотепаме кој попрво ќе дознае што содржи пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за недела-две веројатно ќе се бориме со некој нов вител од увезени политички приземности од политичките кампањи кај нашите први соседи, таман никој да не стаса да се занимава со нашите вистински потреби и проблеми. Згора на тоа, ако ги додадеме непознатите летечки објекти и балони над САД и Канада, имаме комплетно небо со чудесии – само што не паднале и тулумби, па да ни ги решат сите горчливи животни проблеми!
Во овој чудесно изместен свет од вистинските животни потреби и проблеми, тивко, полека, како музика за опуштање на увце, требаше да помине објавувањето на долго очекуваната Програма за остварување на националниот интерес во културата за 2023 година. Ресорот култура во нашата чудесна Македонија, во моментов е привилегиран и поштеден од актуелниот политички пазар, културно наречен – владина реконструкција, па човек би помислил дека во нашето Министерството за култура сигурно цветаат рози?! „Као у правој ѓул-башти“, што би рекле авторитетите за разоноди и веселби?! А, токму таков неприкосновен авторитет македонската култура немала од осамостојувањето до денес, така неприкосновено политички позициониран и така непоправливо расположен за весела и забавна култура! За тра-ла-ла култура!
Туку, шегата настрана! Во нормални држави со нормални влади, во вакви тешки времиња кога ништо не оди како што треба, кога економијата тоне, кога сите пари одат на купување социјален мир, кога граѓаните масовно се иселуваат, кога институциите и системот пукаат по сите рабови, културата би требало да биде стратешки најважна област, преку која би можеле да се преоткриваат вредности, принципи, мерила, приоритети и цели кои би биле ставени во функција на изнаоѓање патоказ за заздравување и ревитализирање, како на општеството, така и на државата. Кога времињата и животите стануваат најмачни и најтешки, народите и цивилизациите што до денес опстанале и оставиле трајни историски и културни траги, во културата го наоѓале спасот! Најчесто и спасот и излезот! Македонија, за жал, во најтешкиве времиња од своето осамостојување до денес и во најчувствителните години за својот опстанок како модерна европска држава, ја има една од најслабите алки токму во водечките гарнитури за креирање и спроведување културни политики, во актуелнава гарнитура од Министерството за култура! Убедливо најслабата алка, досега.
Македонската култура, што е најжално од сè, во меѓувреме се доживува повеќе како стихијна елементарна непогода која одамна не е претставена на насловната страница на државата, а културните потреби на граѓаните не се третираат како основни човекови потреби, туку подолго време служат како последното дупче на кавалчето!
Неодамна, експерти од економските науки и со егзактни показатели ги одразија поразителните состојби во македонската култура – ние сме далеку од европскиот просек за вложувања во културата, а со минорните 0,5 % од БДП, ние сме претпоследна држава во Европа, во моментов. А тие надолни трендови, во тековнава година уште толку ќе бидат изразени, бидејќи реално во Годишната програма за 2023 година, освен што се преполовени апликантите и корисниците на финансиски средства од државниот буџет, во скоро сите дејности што министерството ќе ги финансира, средствата се намалени некаде за 40%, а некаде и за 50 % во споредба со минатогодишните. Да не прозвучи како ламентација кон минатото, но бројките се најчесто неумоливи и потсетуваат дека за само 6 години, од рекордно високите и над 2 % од БДП издвојувани за културата, (за што барем од тројца министри за култура од соседството го имам слушнато истиов коментар: „Ах, ние да го имаме тој раскошен буџет!“), да дојдеме со брзина на светината до ова дереџе – до денешниов просјачки стап на кој се потпира актуелната македонска култура.
Страшно е што македонска култура е до ова ниво финансиски осиромашена, подеднакво страшно што е стратешки неодредена и недефинирана (последната Национална стратегија за развој на културата ја заокружи својата временска рамка минатата година, 2018-2022 и остана во најголем дел нереализирана!), уште пострашно што е постојано кабаетлија пред непринципелните барања од соседските култури и можеби најстрашно од сè, што е крајно недоблесна кон домашната критика, па затоа, час е хировита (како права стихијна непогода!), час е крајно осветољубива! Таква е и Програмата за 2023 – стратешки неодредена во просторот и времето, кабаетливо воздржана кон највредното од своето историско и културно наследство, комплетно хировита и каприциозна кон современото македонско културно творештво. Сè во зависност од расположението, културно и политичко! Од второво, посебно!
Во таква култура на жабри, според прескромната финанска поддршка и култура на стап и морков, според начините на актуелното менаџирање со неа, за препловената бројка на апликации во годишната програма за финансирање на проекти од културата најмалку се виновни корисниците на државната културна поддршка! Па, само годинава толку видливо од неа отсуствуваат повеќе познати имиња од сите области на културата и уметноста – една група ја нема, затоа што во меѓувреме критички го кренала гласот кон владините политики во културата, друга група која од пуста култура не сакала да подига глас и да ѝ покаже на неупатената министерка, кои се и какво место имаат во културата на државата, а една трета поголема група видни автори, веќе подолго време видливо отсуствува од Програмата, веројатно одбивајќи да влезе во лавиринтите на ваквите клиентелистичко-доверителски односи!
Премногу понижувачки и крајно компромитиран е целиот процес на одлучување за добивање проекти во годишната програма, во него сè уште доминираат принципите: „на ти-дај ми“ и „јас тебе-ти мене“! Конкурсот го компромитира и огромниот простор за дискрециони одлуки на првиот човек на министерството! Конкурсот го девалвираат и бројни раководни лица од националните институции кои само си препишуваат и повторно праќаат стари апликации (колку комфорот да не се наруши!), додека истовремено стожерни институции намерно се маргинализираат и јавно понижуваат! Годишната програма сериозно ја проблематизира и фактот, што никогаш по нејзината реализација, јавно не била евалуирана или оценета, а во контекст на придобивките за македонската култура, за што треба да бидат информирани македонските даночни обврзници.
Конкурсот веќе неколку години по ред, посебно го проблематизираат ад хок новосоздадени здруженија и трговци-поединци (фантоми – за кои никој ниту слушнал, ниту разбрал!) кои само чекаат знак да го приберат милионски тешкиот кајмак, а нивните проекти и програми кои без оглед дали се скроени како за македонските потреби, стандарди, прилики или неприлики, најважно е дека звучат така курентно – онака лабавко и баш европски?!
Како што ептен „европски лабаво“ звучи, отсуството на славењето на најважните јубилејни датуми годинава, поврзани со Илинден, Гоце Делчев и Мисирков?! Како што ептен „лабаво европски“ звучат минималните средства посветени на заштитата на највредното од македонското културно наследство?! Како што „лабаво и европски“ домашното културно творештво му отстапува простор на странското (во музичката и театарската дејност посебно)?! Како што „лабаво и европски“ немилосрдно од буџетот се кастрат носители како на европски, така и на врвни македонски книжевни награди, исто како што немилосрдно се кастрат познати автори, уметници и научници кои не танцуваат во ритмот на дневната политика?! Како што „лабаво и европски“ се издвојуваат најситни можни пари (годинава, нецели 9000 евра?!, што е на ниво на статистичка грешка од буџетот), одвоени за македонските културни евро-интегративни вмрежувања и процеси?! Како што „лабавко и европски“ македонската културна размена со светот на сведува на претставувања само во потесниов географски регион, секаде, но во Блаоевград или Лерин, Торонто или Мелбурн, ни случајно! Како што „лабавко и ептен европски“, сосем инцидентно ќе се случи некое културно претставување во некоја од европските метрополи, но ни случајно стратешки осмислено и врвно репрезентативно претставување и во најважните европски метрополи, Берлин, Париз, Брисел, Мадрид, Варшава, Рим или Прага на пример?! Како што ептен „европски“ европски изгледа, не само потписот, туку и целиот ракопис на финалниот формат на Програмата, препознаен потпис и ракопис лично на министерката за култура?!
Зошто културниов колач на почетокот на секоја година мора да создава толку многу горчини и мачнини, толку многу дебати и расправии, веќе толку години по ред?! До методологијата за подготовка ли е работата – за што треба само малку наука и што помалку политика?! Дали до рецептот за изработка е работата – за што требаат само состојки од културата и што помалку зачини од политиката? Дали до главниот мајстор во културната кујна е работата, кој треба само културата да ја има во малиот прст, а показалецот да го има само кога политиката треба да ја држи што подалеку од културата?! До трите важни компоненти е, но најмногу во главната шефица на крајно зачинетата политичка кујна во културата е проблемот, што ваков горчлив колач им се послужува како на корисниците на „денарот во културата“, така и на граѓаните кои го одвојуваат тој денар за културата!
П.С. Чудесна е нашава Македонија! И неделава и месециве пред нас, наместо со вистинските животно важни проблеми и вистински културни потреби, ќе се занимаваме со „Уторак“ на Петар Грашо и едно чудо весела, забавна и расположлива култура, како за вторник или за недела попладне!) Навистина ли, за вака бевме?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.