Предраг Димитровски
Старо непишано правило е дека за да видиш некој каков човек е треба или да одиш со него три дена на пат или да му дадеш пет дена власт. Е, ова правило како да не важеше ни за претходниот, а богами и за актуелниот премиер, зашто и Зоран Заев и Димитар Ковачевски наликуваат како јајце на јајце! Човек да се посомнева да не имаат дури ист генетски код!
Да не бидам погрешно разбран, ова пред сѐ важи за нивното однесување и подготвеноста да не прават разлика меѓу вистината и лагата, меѓу политички коректното однесување и провоцирањето, меѓу градските културни манири и голата „сељачаана“, меѓу настап во јавност и настап во Собранието, меѓу арогантноста и приземноста… А, дека излегуваат од иста, црна, ментална пропагандистичка матрица нема сомневање. Тоа се гледа и од авион.
Во рок од нецела недела, Димитар Ковачевски можевме да го проследиме од политичкиот врв до политичкото дно, можност што ретко му се пружа на еден премиер, па било тоа да станува збор за нашиот Таче. Од настап во ООН и на престижниот универзитет Колумбија до настап пред домашните новинари на беспотребно свикана вонредна прес-конференција во Владата и нескриен излив на хистерично однесување во нашиот Парламент. И притоа главната мантра, што се обиде да ни ја продаде, беше таа да не слушаме што говори, туку што прави. А, најмал заеднички содржател и за едното и за другото е нула! Дупла нула!
Еве, сериозните поблеми со вистината манифестирани во настапите во Њујорк ќе ги оставиме настрана, како домашна задача за платените факт-чекери. Они нека се позанимаваат со тоа, на пример, колку ни е функционална мултиетничката демократија и системот во целина или колку ни се добри реформите во образованието.
Таче наш „Монтенегро“ или „западна Бугарија“, прекарите, што му ги додели албанскиот премиер Еди Рама, а на кои, наместо веднаш да реагира, се смееше како „зелен“, прексиноќа пред новинарите или пред јавноста, како сакате, ни ја откри својата досега непозната страна за поседување необична смисла за хумор. Гледаш, ни новинарите, ни јавноста, што ќе рече ние обичните смртници, до сега не знаевме ни што е парно греење, ни како се доаѓа до него! Тоа, според „рецептот“ на Таче, да ти било греење на вода во топланите, што тие како власт ќе ја испорачуваат до домаќинствата!
Ајде мајкатааа, што би рекол неговиот петходник! А, како се доаѓа до тоа не знае ни самиот Таче, а богами и оние негови „мустри“ од министри, што насмеани од уво до уво стоеја зад него. Исто ако што сите на купче не знаат, на пример, во кој сооднос треба да биде топлата наспроти ладната вода за да се добие максимален ефект на греење на гаѓаните. На тоа топланите најмногу заработуваат, а цената ја плаќаат корисниците. Ама тоа ти е кога обични шупелки, кои ти се продаваат за некакви харвардци или министри, ќе облечат листер одела и лакувани чевли.
Нејсе. Полковникот Даган Ковачки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со денови го позиваше премиерот Ковачевски јавно да каже зошто бил прогласен за трајно неспособен за служење во АРМ. Патувањето во Њујорк малку го одолговлече последниот одговор на премиерот и нивното директно соочување на пратеничките прашања во Собранието. Велам последен, зашто индиректно Ковачевски претходно даде два други, што беа спротивни од тој даден во Собранието.
Според премиерот, излезе дека заради здравствен абдоменален проблем со кој се уште се соочува била регистрирана неговата неможност за служење на воена обврска. И можам да го разберам и само до некаде да го оправдам, зашто и јас сум имал абдоменални здравствени проблеми. Додуша, не пред да заминам во редовите на некогашната ЈНА, туку набргу по враќањето во цивилна облека. Ама тоа не беше причина здравствена комисија да ме прогласи за трајно неспособен за служење, скраја да е, армија или да ме избришат од резервистите. Напротив. Без некогашната воена книшка во пензискиот фонд на човека му прават сериозни проблеми.
И ќе беше добро Ковачевски да завршеше со тоа. Ама пуста суета, пуста „величина“, пусто манифестирање политичка моќ и сила. Индивидуалната прозивка на пратеничко прашање од Ковачки, Таче не можеше да се воздржи и да ја генерализира. Хистерично и се нафрли на целата опозиција, па парафразирано ќе рече сите вие од оваа страна сте лопови, криминалци, кодоши…
Абе, на Таче да не му ја згрешиле дијагнозата?!
Не знам, тој самиот треба да си знае. Исто како што треба и мора да знае како премиер дека неговото ниво на однесување во Собранието треба и мора да биде пример за сите останати! Ако премиерот не знае или не сака да знае дека обвинувајќи ја целата опозиција за лоповлук, киминал, кодошење…тој истовремено така етикетира најмалку 300.000 граѓани, кои на непосредни избори се изјасниле и ги избрале пратениците од опозицијата. Какви се, такви се, токму се.
А, ако на Ковачевски не му се бендисуваат поединци или сите пратеници од опозицијата или прашањата, што тие му ги поставуваат, тоа си е негов поблем. И се знае како единствено може да ги смени. На парламентарни избори. И нив не мора да ги чека во 2024 година, туку може веднаш да се заложи за предвремени избори и тие да се одржат, што се вели, уште утре.
И како човек со две лица, премиерот на истата собраниска седница, од истата собраниска говорница се обиде од „црн ѓавол“ да се претвори во „бел ангел“! Ги повика сите општествени чинители да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на државноста, преку полноправното зачленување во Европската Унија. Тоа го очекувале граѓаните. Тоа и требало на нашата држава и тие, како власт и СДСМ, нели, да ти биле подготвени тоа да го направат. Зашто, било дојдено време за заедништво, време за храброст и за лидерство, за што исто така биле подготвени да подадат рака, надминувајќи се себе си и тесно партиските интереси.
Се е ова убаво. Дури и убаво звучи за сечие уво. Ама, како тоа ќе го бараш од некого, кого само неколку минути претходно си го направил „попара„!? Не оди заедно едното со другото. За жал.
Туку, како што му одговори на Ковачки, да се јавеше Таче и да и одговори на Екатерина Захариева дали навистина македонизмот е неспоив со европските вредности и дека не му е место во ЕУ!? Ама не, не очекувајте такво нешто од него. Зашто, за тоа треба да има нешто меѓу нозете, а очигледно нема.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.