Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.

Претходно, како што изјави тој, в недела седници ќе одржат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што Мицкоски ќе ги претстави кадровските решенија за идни министри со нивната биографија.

Во однос на кадровските решенија на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да зборува во нивно име и дека очекува тие самите да ги соопштат.

„Јас не би зборувал во името на другите политички партии и во името на нашите коалициски партии. Тие претпоставувам, тоа што имаат да го кажат ќе си го кажат самите. Што се однесува за коалицијата ’Твоја Македонија’ и ВМРО-ДПМНЕ ние сме структура којашто има вертикална организациска поставеност, функционира врз основа на статут и нормално во согласност со законите и Уставот. Овој викенд, во недела ќе биде одржана седница на Извршниот и на Централниот комитет на партијата. Ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар со нивната биографија. Очекувам Извршниот и Централниот комитет да се произнесат и доколку тоа произнесување е успешно и позитивно да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната влада заедно со програма за работа на идната влада ќе бидат бидат доставени во вторник на 18 јуни во македонското Собрание“,

изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која тој е поканет да присуствува како гостин.

Прашан дали тоа значи дека целиот список со кадровските решенија на идната влада е комплетиран и затворен од сите партии, Мицкоски повтори дека не сака да зборува во име на другите партии, а дека нивниот ќе биде комплетиран в недела.

„Седницата на Извршниот комитет е во 18 часот, а очекуваме седницата на Централниот комитет да биде во 19 часот овде во Скопје“,

додаде тој.

Идната влада, изјави Мицкоски, ќе биде составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, чиј лидер е актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

„Во македонскиот парламент во опозиција ќе биде коалицијата т.н. ’Европски фронт’, коалицијата, како се нарекуваше ’За европска иднина’, предводена од СДСМ и политичката партија Левица. И со тоа ќе биде реализирано второто ветување коешто го дадовме пред изборите. Првото ветување беше реорганизација на составот на владата, второто ветување е ДУИ во опозиција и третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори којашто македонската јавност ќе ја види на 25 јуни“,

рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.