Српскиот анестезиолог д-р Радмило Јанковиќ и вирусологот д-р Миланко Шеклер утрово гостуваа на српската РТС и разговараа за омикрон сојот, за можниот крај на пандемијата со коронавирусот, како и за вакцинацијата.

Д-р Јанковиќ тврди дека наскоро ќе исчезне новиот омикрон сој.

Омикрон дава потполно поинаква природа на болеста. Јас сум оптимист. Ова сигурно е еден почеток на смирување на состојбата. Огромниот број на заразени ќе го исцрпи биолошкиот максимум и мислам дека на крајот на февруари ќе почне кривата да се симнува надолу. Сигурен сум дека ќе имаме мирни пролет и лето. Останува да видиме само дали во текот на летото ќе се појави некоја нова мутација како делта и која ќе направи хаос во Европа – рече д-р Јанковиќ.

Вирусологот Шеклер, пак, смета дека бројот на новозаразени во Србија уште ќе расте.

Мал е процентот на луѓе кои имаат потреба за хоспитализација, но и еден процент на 20.000 е 200 луѓе. Друга работа е што расте бројот на починати од коронавирусот. Се таложат и тешки случаи, а тие пациенти подолго време боледуваат. Крајот на пандемијата ќе го видат само оние луѓе кои се вакцинирани три пати, а тие имаат потполно право да бидат опуштени. Од друга страна, за невакцинираните, не сум сигурен дека ќе биде мирно – истакна д-р Шеклер и додаде дека Србија во моментов се соочува со зголемување на бројот на хоспитализирани, а не со намалување.

Според него, омикрон сојот многу брзо се пренесува од човек на човек.

Омикрон варијантата е неверојатно брза. Новите податоци покажуваат дека има многу заразени преку допир на вирусот со очите, а потребни се само стотина честички за човек да се инфицира – истакна д-р Шеклер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.