Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ бара надлежните институции да го преиспитаат случајот со пациентката која по породувањето скокна низ прозорец на Клиниката за гинекологија. Оттаму ги повикуваат медицинската директорка Викторија Јовановска и економскиот директор Јетон Шаќири да понесеат одговорност и да поднесат оставки, бидејќи навреме не ги преземале потребните мерки за заштита и сигурност на трудниците.

Бараме одговорност од директорката Викторија Јовановска, која иако вели дека кај една од 10 породени пациенти по породувањето се случува психолошко нарушување, сепак нема ништо преземено за безбедност и заштита на родилките во оваа терциерна установа.
Ја прашуваме директорката Јовановска и надлежните институции кога е иницирано конзилијарно мислење од психијатар кај 39-годишната пациентка и дали е дадено вакво мислење односно ако е прегледана од психијатар, кога е тоа сторено?
Зошто Јовановска дури откако се случи овој немил настан предлага психијатар да ги посетува родилките еднаш во неделата и да разговара со мајките за да ја увиди нивната состојба, а не го иницирала истото претходно, прашуваат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, пашуваат со која стручност организацискиот директор Јетон Шаќири се расфрла со медицински термини и говори за интервенции кои не се во негов домен на работа, како што е породување.

Зошто психичкото здравје во 21 век е табу тема за медицинската директорка на ГАК, а дополнително истото се наведува како причина за непреземање мерки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.