Бројот на активни случаи, заклучно со вчерашниот ковид-извештај, е 5.449, што за една недела е намалување за околу 3.300. Ако на 16 февруари имаше 8.784 активни случаи, вчера беа регистрирани 5.449.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 674 случаи на КОВИД-19 од направени 3.156 тестови или 21,3 отсто. Меѓу новозаразените, 98 биле реинфицирани. Во последниот ковид-извештај беа регистрирани и 12 починати лица. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој Термин, дополнително биле пријавени уште девет починати лица за период од 31.01. до 20.02.2022. Од вкупниот број на починати лица (21), кај 20 лица биле регистрирани коморбидитети. Евидентирани беа и 978 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.878.073 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 295.082, бројот на оздравени пациенти е 280.675, на починати е 8.958 а бројот на активни случаи изнесува 5.449.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје 2971, Битола 296, Велес 224, Куманово 222, Кавадарци 208 и Прилеп 201. Во Македонска Каменица има само еден активен случај, а во Дојран ниту еден.
Деновиве се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.
Комисијата веќе ги доставила предлозите до министерот за здравство, а потоа тие треба да се проследат до Генералниот координативен кризен штаб и до Владата.
Според Комисијата, укинување на сертификатите за вакцинација сè уште нема да има, оти, како што рече завчера нејзиниот портпарол д-р Злате Мехмедовиќ, „сè уште се наоѓаме во широка трансмисија на вирусот на локално ниво и дека укинувањето на која било од актуелните мерки, вклучувајќи ги и сертификатите, може да доведе до влошување на епидемиолошката состојба и повторно преполнување на болничките капацитети или на амбулантите“.
Тој потенцира дека кај нас опфатот со вакцинација е премногу низок, поточно само 41 процент примиле две дози, за да се размислува во насока да има укинување на некои од мерките кои би спречиле и кои спречуваат трансмисија на вирусот.
Заклучно со 20 февруари во земјава вакцинирани се вкупно 869 763 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848 573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140 455 лица.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, постои тренд на намалување на позитивноста кај сите старосни групи, вклучително и кај децата од шест до 14-годишна возраст, кај кои претходните недели имаше пораст на позитивни случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.