Есента е сезона за тиквата. Постојат толку разновидни начини за нејзино приготвување, како што постојат и голем број разни видови тикви. Тие може да се поделат во две групи, зимски и летни тикви. Летната тиква обично е мека, а зимската е потврда, како однадвор така и однатре. Зимските тикви, ако се чуваат на ладно место, може да траат и до неколку месеци, не губејќи ги своите својства.
Меѓу зеленчукот тиквата е шампион по содржината на железо, бакар и флуор, а содржи и калиум, калциум, манган, цинк, кобалт, силициум. Богата е со пектини, шеќери, витамините Ц, Е, витамини од групата Б, каротин. По содржината на каротин тиквата е побогата дури и од морковот. Освен тоа, тиквата е богата со прехранбените влакна, кои лесно се апсорбираат во организмот. И за крај, тиквата е нискокалорична.
Искористете ја предноста на сезоната на тикви и користете ја во облик на супа, како главен оброк за појадок, ручек или вечера. За време на диетата може да користите свеж зеленчук како грицки или како ужина и задолжително треба да пиете два литри вода дневно.
За рецептот за супата, која е вашето единствено главно јадење, потребни ви се следниве состојки:
2 јаболка
450 г зеленчук по желба
1 кг тиква
1 главица кромид, средна големина
2 лажици билно масло
малку павлака за готвење со ниска масленост
зачини по желба
Приготвување:
Излупете ги јаболката, отстранете ги семките и исечете ги на парчиња. Истото тоа направете го и со тиквата.
Во големо тенџере ставете ги двете лажици масло и на нив пропржете го кромидот. Врз него додајте ги зеленчукот и овошјето, зачинете и ставете 2 чаши вода.
Смесата треба да зовре, па потоа на умерена температура варете уште 20-25 минути со постојано мешање.
Меко сварениот зеленчук ставете го во блендер.
Добиеното пире вратете го во садот за варење, ставете малку павлака за готвење и проварете неколку минути со постојано мешање.
Супата може да ја консумирате кога сакате, во колкаво количество и да сакате.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.