Министерството за здравство прави попис за сите медицински апарати кои се донирани, а не се користат во здравството. Фатмир Меџити, министерот за здравство кажа дека секаде каде што има донација во медицинските центри во државата, опрема која е скапо платена и не се користи ќе се истражи за да се знае точно каде, што има и дали има кадар.

Или да дисперзираме, или тие апарати да се носат во друга установа, каде ќе бидат корисни, изјави денеска министерот Меџити.

За ацелераторот на Клиниката за Онкологија, вели дека не знае зошто не се користел.

Да имаше нов акцелератор со таква финансиска сума и да стои под прашина седум години да не се стави во употреба, не би можел да кажам зошто е тоа така направено. Таму има четири акцелератори, два веќе се при крај со работењето и едниот од нив што е најстар, да може да се смени, но ние од утре веќе почнуваме да го демонтираме тој апарат и ќе треба, тој апарат седел седум години и за да се стави во функција. Нормално дека треба од таа компанија што има лиценца за тој апарат, да се сервисира и тоа сервисирање ние веќе од пред три месеци, знаеме дека изнесува многу голема сума финансиска, рече Меџити.

Како што кажа, според раководителите на Клиниката за онкологија, четири акцелератори ја покриваат потребата на пациентите.

Меџити рече дека исто така се работи и во други центри.

Клиничка болница Битола, таму има апарат, има еден дел од кадарот, треба уште малку да се доекипира тој кадар, за да можеме и тој апарат да го ставиме во функција, рече министерот.

За ацелераторот во Штип рече дека таму треба прво да се направи инфрастрктура.

Таму е набавен ацелератор, а нема инфраструктура. Во 2024 година, тој апарат ќе го ставиме во функција со новиот буџет на Република Македонија, најави Меџити.

Во врска со денешниот најавен протест во 18 часот, Меџити вели дека тоа е загарантирано со Уставот на Македонија.

Јас лично како човек и како министер, мислам дека тоа е најдемократски чин и секој има право да протестира. И јас ги поддржувам ваквите протести. Но, тоа што сакам да напоменам, секогаш, гледаме со случајот „Онкологија“ дека се злоупотребува. Апелирам за дневни политички евтини поенти да не се користат ваквите протести, изјави денеска Меџити.

Меџити на прашање по брифингот со новинарите дали на Онкологија и на други клиники имало злоупотреби поврзани со пациенти кои доаѓале од други држави, тој рече дека во моментов не би сакал и нема да сподели информации во интерес на процесот што се води од Обвинителството.

Затоа се што Обвинителството ќе донесе одлука на крај, тоа ќе биде јавно за сите. Пациентите кои се обратиле до Министерството за здравство и до мене лично, ние сме им ја кажале точната адреса, да одат во Обвинителство. И Обвинителството транаспарентно работи, многу отворено со пациенти, нивни семејства, со сите кои имаат точна информација. Значи информациите одат до истражните таму што се обвинители. И на крај, кога ќе има конечна одлука, транспарентно, очекуваме што побрзо на оваа неизвесност да се стави крај и да излезат и тука, одговори Меџити.

Според него, во прашање е и образот на здравствените работници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.