Во Македонија, бројот на новодијагностицирани пациенти со мултипла склероза (МЦ) постојано расте, бидејќи секоја година се дијагностицираат нови 90-120 пациенти. Околу 60 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија. Овие лица се млади, работоспособни кои сѐ уште можат да го дадат својот придонес во општетсвото, но ако и понатаму останат без терапија, постои ризик за прогресија и појава на неповратен инвалидитет. Тоа ќе се рефлектира со значителен товар врз самиот пациент и неговото семејство, а претставува и сериозна импликација и негативен економски импакт врз социјалниот, здравствениот и пензискиот фонд во подолг временски период”, вели Ана Карајанова – Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС.

Денес, Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза го одбележа Светскиот ден на мултипла склероза во хотел Панорамика во Скопје.
На настанот говореа Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС, сопругата на претседателот на Македонија проф. Д-р Елизабета Ѓоргиевска, д-р Фатмир Меџити министер за здравство, заменик министер за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, директор на Универзитетска Клиника за неврологија Скопје, д-р Висар Мифтари.

За поздравување се заложбите на здравствените власти во соработка со тимот од Универзитетска Клиника за Неврологија, за зголемување на бројот на лица со МС кои примаат ефикасна терапија во изминатите години, но и покрај тоа соочени сме со недостапност на оваа терапија за голем број пациенти со МС кои веќе се поставени на терапија. Во слична ситуација се и оние кои чекаат со месеци да добијат современ третман. Причините за оваа состојба може да се бараат во недоволниот буџет доделен на Клиниката за лековите за МС, што резултира со немање доволно средства за набавка на лекови и за постоечките пациенти кои веќе се на третман неколку години, рече Карајанова Димитрушева во своето излагање.

Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е MS Connestions – „МС Поврзувања” коe годинава е околу поврзувањата на лицата со МС во заедницата и во општеството.

Сето ова е со цел да се подигне свеста за невидливите симптоми на МС и нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на лицата кои се соочуваат со оваа болест, да ги предизвикаат општите заблуди и да им помогнат на луѓето да размислат како да им понудат соодветна поддршка. На тој начин општата јавност ќе се запознае со големиот број на исцрпувачки симптоми со кои секојдневно се соочуваат лицата со МС, а општата јавност не ги гледа.

И покрај евидентниот напредок кој е направен изминативе години, сѐ уште има потреба од унапредување на грижата за лицата со мултипла склероза, како на пример навремена дијагностика, адекватен и современ третман преку зголемување на достапноста на високоефикасните и иновативни лекови, велат од Националното здружение.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,3 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.