Поширокиот дебарски регион повторно остана без епидемиолог, откако на пензионираниот Ментор Меља му заврши договорот на дело, потпишан со Министерството за здравство.

Меља е единствен лекар специјалист од оваа медицинска гранка во Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, кој долги години беше раководител на единицата за јавно здравје и кој повеќе од успешно, иако сам, се справи со пандемијата со Ковид-19, чие прво жариште беше токму Дебар.

Беше пензиониран во декември 2022 година, но по доставеното барање од негова страна, од Министерството доби ангажман со договор на дело во јуни минатата година.

Се чувствувам подготвен и понатаму да им служам на жителите од ова подрачје. Поради тоа по завршување на договорот побарав од Министерството за здравство да може да продолжам со мојата работа, но потврден одговор немам, па од јануари годинава жителите од нашето пошироко подрачје се принудени за одредена здравствени услуга, од оваа гранка, да одат до Охрид, или во Скопје, бидејќи и Струга нема ваков кадар, изјави Меља за МИА.

Жителите од ова подрачје мака мачат и кога им е неопходна услуга од лекар специјалист за уво, грло, нос, бидејќи единствениот оториноларинголог минатата година беше пензиониран, па мора и за најмала услуга да одат во други градови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.