Секој од нас се соочил со депресија. Повеќе или помалку, порано или подоцна… Барем еднаш во животот. Некој признал, некој не, некој имал вистинка рака до себе, некој не… Денес, на Денот на менталното здравје актерката Весна Петрушевски ја раскажува својата приказна, својата борба со депресијата во која излегува како победник…
ДЕН НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ✅
извадок од “Трофеј”секогаш се вознемирувам на овој дел ❤️не замижувајте,јас бев долу и видов …не ви препорачувам❤️❤️👇🏻👇🏻👇🏻👇🏻
“Децата ,децата… децата…. Периодот на самосожалување е најбедниот пат кој може го проодите. Ви горат стапалата,срцето ви е рането,дишете само преку уста, воздух и не земаш, тој ти е луксуз.. зошто да го земеш кога не заслужуваш да живееш… почнав да се вртам околу себе…. не знаев што да правам..се сеќавам еден ден му се јавив ,веќе беше помината една недела од неговото заминување. Плачев и го молев да се врати,бев давеник, никогаш повеќе не сум се чувствувала победно. Зошто го молев? Поради децата? Не! Знаете зошто го молев? Оти се плашев да бидам сама,се плашев дека нема повеќе никој да ме сака, се плашев дека сум загубена. Се надевав дека има тронка надеж. За мене? Пак јас со мојата себичност која ме донесе до дното. Вториот пат кога го повторив делото веќе не знам зошто го сторив тоа. Не знам. Мислев дека сосема полудев. Каква будала! Тогаш веќе по втор пат ме најде Вики и ме однесе во болница…беше страшна глетката околу мене докторки и сестри ,со едно такво сожалување во очите што ме натера со сета сила да ја извадам пред нив иглата од таа трансфузија и полумлитава со тетеравење да ја напуштам болничката соба.Кога се вратив дома на Вики и реков да си оди, едвај ја убедив дека ништо нема да сторам да не се грижи.Ги собрав последните силички во мене си легнав, не заспав.Знаев дека другото утро морам да побарам помош од стручно лице,психијатар. Попладнето отидов. Ми рече мртов ладен дека сум студенстки пример на клиничка депресија .Ок Веки си викам ,конечно да ми го каже некој јасно и гласно тоа. Тоа дечки не се создава преку ноќ. Жестоки емоции се депресивните, најжестоки. Нема посилна, нема посурова и повистинита од таа емоција. Ми препиша антидепресиви, како што ми го даде рецептот знаев дека тоа е само утеха која ќе ме залаже само некој период. Почнав да ги пијам, коктелче антидепресиви со седативи. Прекрасно!Сероксати ,па и името на антидепресививе ме асоцираше на еднонасочно олеснување во народот познато како *серење*. Деновите ми стануваа тапи,но празнината на мојата душа остануваше. Како се движев низ куќата ,така мислев дека сум само сенка,некој остаток од нешто што некогаш постоело. Престанав да се смеам. Спиев со широко отворени очи. Моето тело беше во постјан грч. Ќе отспиев петнаесетина минути и ќе се разбудев со неверојатна болка во моето тело, сета оладена,жив мртовец. Ме болеа коските, веројатно заспивав на грб со цврсто стегнати дланки, и не можев да ги отворам, ги движев прст по прст. Се будев без воздух и секогаш, ама баш секогаш со солзи во очите. Не можев да прочитам ниту еден ред. Ок си велам и тоа што најмногу сакав ,да читам, не бев способна. Не сакав да слушам музика, имав неверојатен притисок во ушите. Ме болеа сите сетила. Се сеќавам дека еднаш се јави да ги слушне децата, беше на планинарење на Триглав, да освојува врв. Искрено? Му се восхитував на неговата возможност како се справува. Веројатно му олеснило. Веројатно си мислел длабоко во себе дека донел вистинска одлука. Не го осудував, знам само дека му реков, браво ама навистина браво. На кој врв јас да се качам си помислив,ама и децата да си ги земам ,заедно да се искачуваме и ние, па така да си ја олесниме маката. Почнав да повраќам,а ништо не јадев, пиев вода. Не излегував од дома се до почеток на сезона во МНТ,а дури потоа тоа зимо почнав да се лекувам со моите стенд ап настапи. Кога ќе излезев некаде надвор, луѓето сакаа да знаат што се случило,не прашуваа како сум и дали ми треба нешто. Сакаа крв, месо, приказна. Им ја давав,онолку колку јас сакам, за да ги проверам до каде ќе им оди умот. Самата себеси се сервирав на послужавник. Елајте мезете се!”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.