Клиниката за детски болести утре ќе почне да го дава лекот „трикафта“ на пациентите болни од цистична фиброза за кои е утврдено дека се во најкритична состојба. Директорката на Клиниката за детски болести, Стојка Нацева – Фуштиќ вели дека лекот утрово стигнал кај нив.
На Клиниката примаме шест пациенти, а два ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Од осумте пациенти, два се во навистина критична состојба. Седум пациенти се над 18 години, а еден пациент е дете. Добивме нешто пониска цена од предвидената, од онаа јавно објавена. Дадовме барање до Фондот за здравство, дополнително во рамките на истиот буџет, да бидат вклучени уште четири пациенти, изјави д-р Нацева Фуштиќ.
Таа објаснува дека станува збор за годишна терапија за пациентите болни од цистична фиброза. Пациентите ќе добиваат таблети еднаш месечно и нема да се обврзани да останат в болница. Терапијата вклучува земање две таблети наутро и една навечер.
Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека во соработка со премиерот Димитар Ковачевски се бара решение и за останатите засегнати пациенти со оваа дијагноза.
Очекуваме со оваа терапија значително да се подобри квалитетот на животот на пациентите со цистична фиброза, нагласи министерот.
Во земјава има околу 130 пациенти со цистична фиброза кои изминативе месеци молат и протестираат за државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“ со кој значително се подобрува животот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.