Подвидот на сојот омикрон, наречен БА.2 или како што некои научници го нарекуваат „стелт омикрон“, е откриен во 57 земји, соопшти денеска Светската здравствена организација, додавајќи дека прелиминарните податоци покажуваат дека е позаразен од другите видови на омикрон.

Списанието „Форбс“ пишува дека во изминатите шест недели, подвидот омикрон БA.2 почнува да го презема приматот над оригиналниот сој на омикрон (БA.1), според податоците испратени до GISAID (Глобална иницијатива за информации за грип), додаде СЗО.

Иако БA.1 сè уште претставува повеќе од 96 проценти од секвенционираните случаи на омикрон, на БA.2 отпаѓа повеќе од половина од секвенционираните омикрони примероци во некои земји, наведува СЗО во неделен извештај.

СЗО соопшти дека малку се знае за разликите меѓу подвидовите на омикрон, иако, како што веќе беше споменато, постојат индикации дека БA.2 е позаразна од БA.1.

Техничката директорка на СЗО, Марија ван Керхкова, изјави пред новинарите дека „нема индикации дека има промени во сериозноста на болеста“ со подвидот БА.2.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.