Австриска специјалистка по неурохирургија, чиј идентитет не е соопштен, е под истрага поради сомневање дека ѝ дозволила на својата 13-годишна ќерка активно да учествува во операција и да направи отвор во череп на пациент.

По несреќа во шума, која се случила во јануари оваа година, 33-годишен пациент бил пренесен во Универзитетската болница во Грац со сериозни повреди на главата, пренесува британски „Телеграф“. Хирургот тогаш ѝ дозволила на својата ќерка тинејџерка да учествува во операцијата, која вклучувала отворање на черепот на пациентот, пишува австрискиот весник „Кронен цајтунг“.

Операцијата наводно поминала без компликации, но анонимна пријава со обвиненија стигнала до државното обвинителство дури во април. Потоа, полицијата во јули го информирала наводниот пациент за случајот.

„Кронен цајтунг“ пренесува дека таа и уште еден специјалист кој бил присутен за време на операцијата биле отпуштени.

Болницата во Грац изјави дека истрагата против хируршкиот тим е во тек, но дека нема конкретни докази дека ќерката на лекарката навистина учествувала во операцијата. Тие изразија длабоко жалење за инцидентот и упатија извинување.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.