Сингапурското Министерство за здравство регистрира рекордно дневно зголемување на бројот на заразени со корона вирусот, откако во последните 24 часа во Сингапур се регистрирани 26.032 случаи на Ковид.

Во соопштението на Министерството се предупредува дека може да поминат неколку недели додека сегашниот бран на епидемијата да го достигне својот врв и да забави.

Иако бројот на пациенти на кои им е потребен кислород и интензивна нега не е голем, нагло е зголемен бројот на кревети потребни во болниците, најмногу за пациенти со хронични заболувања, се вели во соопштението.

Министерството ги повика сите оние кои имаат благи симптоми или воопшто ги немаат да ја разгледаат опцијата за домашно лекување, за да се намали притисокот врз здравствените работници.

Од вкупно 294.000 случаи на инфекција во последните 28 дена, 99,7 отсто се со или без благи симптоми. Околу 91 отсто од 5,5 милиони луѓе во Сингапур се целосно вакцинирани против Ковид 19, а 66 отсто примиле засилена доза.

Земјата има вкупно над 622.000 заразени. Благодарение на својата програма за контрола на епидемијата, која е меѓу најголемите и најдобро организираните ширум светот, Сингапур има моментална стапка на смртност од 0,15 проценти, што е меѓу најниските во светот. Од почетокот на пандемијата има 956 смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.