Вакцинацијата спасува животи и го спречува ширењето на болестите. Тоа е научен факт. Но, има недоверба и постојат митови поврзани со вакцинацијата од различни болести, а тоа е предизвикано од лажните вести кои не се засновани врз научна вистина, вели проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
Денеска на брифиног со новинарите беше презентиран Извештајот за реализација на имунизацијата на населението за 2022 година. Проф. д-р Грозданова се осврна на МПР вакцината (мали сипаници) и ХПВ вакцината која во Македонија ја примаат само девојчињата. Според податоците од Извештајот за задолжителна имунизација на населението, во однос на примарната вкцинација не е констатиран препорачаниот опфат на над 95 отсто вакцинирани граѓани за ниту една вакцина.
Проф. д-р Грозданова смета дека граѓаните не веруваат во вакцините бидејќи имаат недоверба во здравствениот и во државниот систем. Перцепцијата е колку системот ќе ги наметне тие ограничувања или побарувања, вели д-р Грозданова.
Ние имаме здравствени работници кои одат да работат во странство, и за два месеци треба да примат 10 вакцини. Како тогаш работеле како здравствени работци? Кај нас многу често се случува да кажат немате вакцини за жолта треска. Тогаш никој не прашува каков е квалитетот на вакцината за жолта треска зошто треба на Малдиви да се патува. Кога студентите се запишуват на студии надвор, примаат по 4-5 вакцини за три месеци, затоа што тие универзитети таму ги бараат тие вакцини, а нашата држава во континитет ги обезбедува, вели д-р Грозданова, додавајќи дека вакцинацијата во цел свет исто се одвива. Тоа е универзална медицинска интервенција.
Проф. д-р Грозданова посебно говореше за епидемијата на мали сипаници што беше прогласена во февруари 2019 година во Макеоднија.
Најмал процент на вакцинација со МПР вакцината беше во 2018 година. Во февруари 2019 беше прогласена епидемија по што процентот на вакцинација се зголеми. Преовладува страв дека оваа вакцина предизвикува аутизам. Во тој период од шест месеци тогаш вакциниравме 42.000 деца. Ако имаше тренд на заболување од аутизам зарем мислите дека тоа немше да биде евидентирано. Немаме ние антиваксери, имаме збунети родители“, вели проф. д-р Грозаданова, додавајќи дека исклучително е важно на родителите да им се објаснува дека таа вакцина се дава со децении наназад.
На новинарско прашање околу тоа дали постои опасност од мал процент на вакцинираноста, особено во некои места, таа нагласи дека загрижуваат податоците околу вакцинираноста.
Во 2022 и 2023 веќе има зголемување на падот на вакцинираноста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до родителите. Бидејќи во моментот кога ќе се намали опфатот, ризикот за појава на морбили е исклучително висок, рече Грозданова.
Таа смета дека стереотипите и стигмите е тешко да се искоренат, но потенцираше дека здравствените работници мора да бидат свесни дека кога излегуваат во јавност се што ќе кажат мора да го потврдат со научни факти.
Не е научен факт, детето да прооди или да прозори, па да прими вакцина. Затоа постои календар за имунизација, вели д-р Грозданова.
Ако сте вакцинирани од грип, ќе го поминете полесно, а ако се вакцинирани бабата и дедото, тие ќе може да го чуваат внучето. Ама ако се разболат бабата и дедето, внучето нема кој да го чува. Тоа се најосновни информации. Вакцината не штити 100 отсто ама штити од тешки форми на болести и смрт, додава д-р Грозданова.
Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, кажа дека процентот на вакцинирани со неколку вакцини задилжителни за деца е со мал опфат во Куманово, но 60 проценти е вакцинацијата со ХПВ вакцината, што пак во Скопје е само 13 проценти.
Во основа треба да се работи на детекција на проблемите што се јавуваат, во редовна комуникација помеѓу здравствените работници и помеѓу родителите, додаде тој, нагласувајќи дека е многу важно да се пренесува пораката за тоа колку се важни вакцините.
Тој подвлече дека единствено бројка од 95 проценти вакцинираност гарантира дека при појава на случаи на морбили, ќе нема епидемија.
Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист, се осврна на тоа колку е важно да се спречат лажните вести и ненаучните информации околу вакцинацијата, затоа што предизвикуваат страв и низок опфат со вакцинирање. Важно е правилното информирање, со цел да не се загрози сопственото и здравјето на другите.
Токму поради високата стапка на вакцинација во минатото, голем дел од луѓето, родителите од мојата генерација, не доживеле смртен случај на блиско лице во семејството затоа што сите беа порано вакцинирани. Токму поради тоа лицата кои сега се родители, сметаат дека оние болести коишто може да се спречат со вакцинација, веќе не претставуваат закана, вели Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
Ди Џовани се смета за среќна, бидејќи за време на ковид-пандемијата се нашла во Македонија, каде што се искоренети болести како полио, морбили и слично.
Македонија има добра традиција кога станува збор за детската имунизација. Меѓутоа, во текот на поново време, последните години дојде до двоумење, се појави несигурност поврзана со вакцините, се појави таа инфодемија која ги одвраќа родителите во однос на имунизацијата. Сметам дека без никакво сомневање, тоа треба да биде императив, сите треба да бидат вакцинирани, вели ди Џовани.
Со помал опфат на вакцинираноста беа споменати делови од Скопје и Струмица, додека во Кочани, со одредени вакцини, опфатот бил и над 95 проценти. Беше кажано дека треба да се следи примерот и искуството на општините што имаат поголем процент на вакцинираност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.